Позитивни и негативни брисеви за брз ковид тест не се манипулација – стапчињата се контролни

Брз тест на „Абот“. Фото: Abott лабораторија

Видео, во кое се извадени две контролни стапчиња за проверка на брзиот тест на компанија специјализирана за производство на такви тестови, е земено како пример за наводна измама со тестовите. Во краткото видео не се претставени сите компоненти од пакувањето на тестот, а во објавата тоа е искористено да се манипулира со јавноста дека тестовите биле однапред подготвени како позитивни или негативни

Видео, во кое се извадени две контролни стапчиња за проверка на брзиот тест на компанија специјализирана за производство на такви тестови, е земено како пример за наводна измама со тестовите. Во краткото видео не се претставени сите компоненти од пакувањето на тестот, а во објавата тоа е искористено да се манипулира со јавноста дека тестовите биле однапред подготвени како позитивни или негативни

 

Рецензираме објава на Фејсбук во која се тврди дека тестовите против ковид-19 се пред време спакувани и дека негативниот тест е означен со зелено, а позитивниот тест е означен со црвено. Постот е поткрепен со видео материјал каде се гледа дека некој отвора пакување во кое има брз ковид тест од компанијата Абот.

Во објавата што е многу вирална и од која се потврдува впечатокот дека дезинформацијата ја постигнала целта, авторот навел:

Пред време спаковани ковид тестови.
Негативен со зелено .
Позитивен со црвено .
Заедно со овој текст е закачено видео од 20-тина секунди, при што се гледа дека некој отвора пакување во кое што има брзи ковид тестови од истата компанија (Abbott).

Упатството за тестот на „Абот“ е најдобар демант

„Вистиномер“ го истражи начинот на употреба на овој конкретен тест од овој конкретен производител, за да видиме дали намената на позитивниот и негативниот дел од овој тест е навистина онаква каква што тврди авторот на објавата што ја рецензираме.

И заклучокот е, дека деловите од тестот кои се означени како Positive control, и како Negative control не значат дека тестот е позитивен или негативен. А, не постои подобро место да се провери како точно се користи овој тест, отколку неговото упатство за употреба.

Упатството за употреба на рапид тестот на „Абот“, најнапред објаснува дека резултатите што ќе се добијат со него се прелиминарни и мора да се комбинираат во корелација со други фактори, како клинички опсервации на пациентот, неговата здравствена историја и епидемиолошки податоци. И тука доаѓаме до клучната информација:

Во упатството за употреба на втората страница, наведени се сите компоненти кои што доаѓаат во кутијата. Тие се таксативно наведени: 25 уреди за тестирање со средство во индивидуални пакетчиња од фолија, бафер (едно шишенце од 9 милилитри), 25 епрувети, 25 капачиња за епрувета, 1 брис со позитивна контрола, 1 брис со негативна контрола, 25 стерилизирани брисови за собирање на примерок од носот, 1 водич за брзи препораки и 1 упатство за користење.

Од упатството: состав на пакувањето

Кога ќе се продолжи да се чита упатството за користење, се доаѓа до клучната информација, дека брисевите што се претставени на видеото што го рецензираме, не се ,,однапред позитивни или однапред негативни спакувани тестови”, туку тие служат како контролни брисови! Вистинските брисеви за собирање примерок доаѓаат 25 на број во една кутија, а овие два преставени на видеото, се само за контрола.

На третата страница од упатството за користење под точка со реден број 16, производителот наведува неколку предупредувања меѓу кои и следното:

,,Немојте да ги користите брисот со негативна контрола и брисот со позитивна контрола за собирање примерок”. Понатаму се опишува дека брисот треба да се земе со еден од индивидуалните спакувани 25 тестови, а контролниот тест да не се користи за земање примерок. Контролните тестови, според упатството, треба да се употребуваат за контрола.

 

Детално како се прави тестот и за што служат стапчињата со „позитивно“ и „негативно“

Детален патоказ како се прави контролата

Во делот од упатството, каде што се зборува за надворешна контрола на тестот, веќе влегуваат ,,во игра” и двете стапчиња што се претставени во видео материјалот. За нив се вели дека се формулирани специјално за да осигураат дека перформансот на рапид тестот на „Абот“ е како што треба, како и да осигураат дека тој што ги користи го изведува тестот на правилен начин и дека добро ги интерпретира резултатите. Позитивната контрола (Positive control) содржи рекомбинантен нуклеокапсиден протеин на Сарс Ков 2, кој не е заразен. Добрата лабораториска пракса претпоставува употреба на овие контролни брисови за да се осигура дека реагенсите се во ред и дека тестот е спроведен како што треба. Тие може да се користат, како што е наведено во упатството, од страна на ново лице пред да го изведе тестот со примерок од носот, кога се добива нова пратка со тестови и на периодични интервали (страница 6 во упатството).

Значи, овие две стапчиња, што се спакувани и обележани како Positive Control и Negative Control, не се ТЕСТ, ТУКУ СЕ контролен тест.

Ваквата информација не е наведена во постот кој го рецензираме. Таа е испуштена, со цел да се дезинформираат граѓаните дека некакви позитивни или негативни резултати може да бидат претходно спакувани, без да се објасни дека функцијата на овие два теста е контрола во лабораториски услови!

Оттука, објавата што ја рецензираме ја оценуваме како објава во која што е испуштен контекстот, а со тоа е објавена дезинформација.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција