Познат хрватски новинар лажно претставен како иселеник кој избегал од корупцијата

Во рамките на својата програма за борба против дезинформациите и лажните вести, што на Балканот многу бргу ги минуваат границите и бргу осамнуваат во медиумите на друга држава и понекогаш и на друг јазик, „Мета.мк“ редовно пренесува што е актуелно кај сродните сервиси за проверка на фактите и борбата против дезинформациите во регионот, односно од Хрватска на север, до Грција на југ.

Faktograf.hr, хрватскиот сервис за проверка на фактите и борба против дезинформации, открил случај на тешка манипулација со фотографија, во која скриншот од видео прилог на еден новинар од Даблин е преправен и новинарот е претставен како човек што се иселил од Хрватска поради незадоволство од политиките на хрватската влада.

Имено, порталот Paraf.hr објавил текст со наслов „ХРВАТ ОД ИРСКА МУ ОДГОВОРИ НА ПЛЕНОВИЌ: Сатано, не отидовме за да заработиме, туку да работиме“, кој се однесува на наводна реакција на интервјуто на хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ за германскиот дневен весник „Франкфуртер Алгемајне Цајтунг“ во кое Пленковиќ тврди дека голем број млади луѓе што одат во странство ја напуштаат Хрватска поради финансиски причини, а не поради корупција и непотизам.

Притоа, не се наведува името на човекот чија изјава наводно се пренесува, ниту изворот на овие тврдења, ниту пак дали со човекот директно разговарале или од каде ги презеле.

Текстот го илустрирале со фотографија на маж на улица во Даблин на кого му ги замаглиле очите. Проверувачите на факти од Faktograf.hr утврдиле дека станува збор за еден скриншот (исечок) од видео-прилогот „Зошто Ирска е ветена земја за Хрватите?“ на новинарот Јосип Шариќ од Ирска за „Ал Џазира Балканс“, со што новинарот неосновано е директно поврзан со изјавите.

извор: Meta.mk

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција