Прашањата на опозицијата се легитимни, одговорот од власта е двосмислен

Фото: скриншот

Може да се заклучи дека постои двосмисленост кога е во прашање дали има политичка волја правдата да не биде селективна и дали прашањата што ги поставува опозицијата ќе бидат одговорени. Одговорот најмногу треба да го дадат од ЈО, кои засега пак се „покриени“ со фактот дека истрагата е сè уште отворена и се спроведува, а како дополнително алиби може да го користат и законскиот член дека предистрагата и истрагата се тајни. Сепак тоа не ја менува оценката дека наративот што го упатува опозициската СДСМ дека прашањата се легитимни и треба да бидат одговорени од надлежните институции е вистина

Може да се заклучи дека постои двосмисленост кога е во прашање дали има политичка волја правдата да не биде селективна и дали прашањата што ги поставува опозицијата ќе бидат одговорени. Одговорот најмногу треба да го дадат од ЈО, кои засега пак се „покриени“ со фактот дека истрагата е сè уште отворена и се спроведува, а како дополнително алиби може да го користат и законскиот член дека предистрагата и истрагата се тајни. Сепак тоа не ја менува оценката дека наративот што го упатува опозициската СДСМ дека прашањата се легитимни и треба да бидат одговорени од надлежните институции е вистина

 

 

Опозициската политичка партија СДСМ комуницира со јавноста со став чие суштинско тврдење може да се оцени како вистина:

... Зошто актуелниот директор на ДПИ, Влатко Стојкоски, не е дел од истрагата? Зарем не е должен да одговори за надлежностите на ДПИ и работата на инспекциските служби пред и во моментот на трагедијата? Дополнително, зошто не се испитуваат одговорните лица кои биле на позиции од МВР, односно командирите, инспекторите и раководството на ОВР Кочани и СВР Штип, кои по закон биле обврзани да го обезбедат настанот?…

Овие прашања се легитимни и надлежните институции – Јавното обвинителство и МВР не смеат да молчат.

[СДСМ – Соопштение; Датум – 26.03.2025]

 

Образложение:

Главната партија во опозицијата веќе три дена комуницира со јавноста преку став околу истрагата за пожарот во дискотеката Пулс во Кочани со поставување одредени прашања и со заклучок кој во суштина е вистина – прашањата се легитимни и надлежните институции не смеат да молчат.

Иако има и недоследност или невистина во еден дел од констатациите, како онаа дека „ниту еден актуелен функционер не е опфатен со истрагата за Кочани?“ – бидејќи барем еден, градоначалникот што поднесе оставка Љупчо Папазов е опфатен со истрагата, серијалот прашања поврзан со тоа дали истрагата се занимава со актуелните полициски функционери и актуелниoт директор на Државниот пазарен инспекторат, се сепак прашања кои се од јавен интерес и СДСМ како политичка партија во име на јавноста со право ги поставува.

Да потсетиме, СДСМ веќе три дена поставува едни те исти прашања, со дополна во вчерашните и денешните соопштенија и прес-конференции и за одговорноста на актуелниот директор на ДПИ (со што се поставува и истоветното прашање од Левица):

Според јавно достапните информации, двајца поранешни директори на ДПИ се опфатени со истрагата поради наводно непостапување. Но, логично се наметнува прашањето: зошто актуелниот директор на ДПИ, Влатко Стојкоски, не е дел од истрагата? Зарем не е должен да одговори за надлежностите на ДПИ и работата на инспекциските служби пред и во моментот на трагедијата?

Дополнително, зошто не се испитуваат одговорните лица кои биле на позиции од МВР, односно командирите, инспекторите и раководството на ОВР Кочани и СВР Штип, кои по закон биле обврзани да го обезбедат настанот?

Како е можно да се игнорираат оние кои вечерта биле на дежурство, на позиција и со законска обврска да дејствуваат – но не го сториле тоа? (извор: СДСМ).

Одговорот од власта на овие прашања, во најмал рака е двосмислен. Прашањата се поставени до МВР и до ЈО кои се одговорни за истрагата, со тоа што ЈО е по сила на закон хиерархиски на прво место зашто оваа институција издава наредби по кои МВР постапува, иако и самото МВР има законска надлежност да собира податоци и да поднесува до ЈО, соодветни поднесоци како што се известувања или кривични пријави. Досега од Јавниот обвинител на РСМ Љупчо Коцевски кој ја координира истрагата со сега веќе 11 обвинители има одговор дека истрагата ќе биде темелна, брза и сеопфатна и дека таа може да се прошири (што веќе и се случува), но нема одговор на конкретните прашања од опозицијата. Од страна на МВР во сите настапи пред јавноста, па и на последниот прес (12.мин) на министерот Панче Тошковски може да се забележи една те иста реченица која парафразирано гласи: Секој што има директна или индиректна одговорност за трагедијата во дискотеката Пулс ќе одговара.

Премиерот Христијан Мицкоски пак, и покрај тоа што ги квалификува прашањата од дел од опозицијата со разни негативни епитети, вчера(25.03) ја даде можеби најкоректната изјава во врска со ова прашање:

Го охрабрувам Jавното обвинителтво да работи неселективно. Секој оној не само сега и во минатото којшто имал било каква улога и звршувал било каква функција, којшто и на најмал можен начин бил вклучен во овој или во случен случај да биде санкциониран, вели Мицкоски.

Но, двосмисленоста на политичката волја ја потенцираат од неговата владејачка партија. Пратеникот Бране Петрушевски, за кој СДСМ побара да не дава одговори туку дека прашањата се поставени до МВР и до ЈО, вчера повторно ги оцени прашањата од опозицијата како „некрофилски“. Петрушевски во еден момент дава оценка во име на партијата на власт дека прашањата се легитимни:

Сметаме дека сите прашања поставени од СДС треба да добијат одговор, но одговорот не треба да биде напишан од платениците на Заев и Филипче во СДС. Одговорот секојдневно го даваат фактите, доказите и институциите – на начин што нема да го понижи разумот на граѓаните, туку ќе ја зајакне нивната доверба!

Но тој уште во правата реченица го негира легитимитет на прашањата со оценка:

СДС повторно се обидува трагедијата во Кочани да ја искористи за дневно-политичка пресметка, по шаблонот на нивната добро позната некрофилска политика што ја практикуваа и во минатото.

Од сето погоре изнесено може да се заклучи дека постои двосмисленост кога е во прашање дали има политичка волја правдата да не биде селективна и дали прашањата што ги поставува опозицијата ќе бидат одговорени. Одговорот најмногу треба да го дадат од ЈО, кои засега пак се „покриени“ со фактот дека истрагата е сè уште отворена и се спроведува, а како дополнително алиби може да го користат и законскиот член дека предистрагата и истрагата се тајни.

Сепак тоа не ја менува оценката дека наративот што го упатува опозициската СДСМ дека прашањата се легитимни и треба да бидат одговорени од надлежните институции, е вистина.

Извори:

Оценил: Теофил Блажевски

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција