Пратениците од власта изгласаа нов универзитет без елаборат и буџет

Колку чини нека чини, - плаќа Буџет на РМ. Фото: скриншот од Солза Грчева

 

Независната пратеничка Солза Грчева на 107-та собраниска седница во врска со точката Предлог- закон за формирање државен универзитет „Дамјан Груев“, изјави:

Без никаков буџет се отвора овој универзитет, без никакви елаборати. Јас како пратеник и на првиот предлог закон и сега барав елаборати. Врз основа на што е извршена акредатица на овој универзитет од одбоорот за акредитација, одговор не добив… Оној мал колач кој што и сега го делат голем број на државни и приватни универзитети сега ќе треба да се дели на еден паралелен систем наречен Дамјан Груев. Повторувам, ова е политички проект со политичка заднина, несериозно е да се вети негово отпочнување со работа 2016/2017, ќе служи само да биде паралелне систем со УКИМ.

[Извори: 24 Вести и ТелмаДатум: 28.06.2016]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Оваа изјава на пратеничката Солза Грчева дадена на собраниската расправа на пленарната седница од 28.06.2016 година, кога е усвоен Предлог законот по итна постапка, е  во целост вистинита.  Според Грчева пратениците неодговорно, без познавање на финансиските импликации, кренале рака за новиот предлог закон што по итна постапка на Собранието и на пратениците им го достави Владата на РМ, ден – два претходно.

Во овој нов предлог од Владата има и три нови факултети, така што сега бројот на правни субјекти што ќе го сочинуваат новиот универзитет е 11, наместо претходните 8.

Пратеничката Грчева, која и на Собраниските комисии ден претходно поднела амандмани кои не се усвоени, изјави дека без никакви елабоорати треба да гласаат за предлогот.

Директна потврда на нејзината изјава е изјавата од заменик – министероот за образовани Спиро Ристовски, кој како одговор на тврдењата на Грчева рече:

Елаборатите како документ врз основа на кои што Одборот за акредитација ги даде своите позитивни мислења, се содржина и документи кои што не се од таен карактер и јас ќе ви ги достав истите…

Ја проверивме и страницата на Собранието на РМ, во делот за материјалите за седници што им се доставуваат на пратениците. Таму се гледа дека навистина е доставен само предлогот на закон, а од придружните материјали единствено извештаите на матичните комисии за разгледување на овој предлог.

Во текстот на законот, во воедниот дел во врска со буџетот за овој нов универзитет пишува:

III. ОЦЕНА НА ФИНАНСИСКИТЕ ПОСЛЕДИЦИ ОД ПРЕДЛОГОТ НА ЗАКОН ВРЗ БУЏЕТОТ И ДРУГИТЕ ЈАВНИ ФИНАНСИСКИ СРЕДСТВА

Овој закон предизвикува фискални импликации.

  1. ПРОЦЕНА НА ФИНАНСИСКИТЕ СРЕДСТВА ПОТРЕБНИ ЗА СПРОВЕДУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ, НАЧИН НА НИВНО ОБЕЗБЕДУВАЊЕ, ПОДАТОЦИ ЗА ТОА ДАЛИ СПРОВЕДУВАЊЕТО НА ЗАКОНОТ ПОВЛЕКУВА МАТЕРИЈАЛНИ ОБВРСКИ ЗА ОДДЕЛНИ СУБЈЕКТИ

Средствата се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија.

Значи има финансиски импликации, ама не се знае колку. Пратениците тоа не ги интересирало, па си изгласале дека тие пари, може да бидат колку сакаат, ќе се обезбедат од Буџетот на РМ.

Дека без прецизни планови и неодговорно се носи овој закон, сметаат и експертите. Во изјави за Дојче Веле тие велат:

Основање на нов универзитет без сеопфатна анализа што им недостига на постоечките, што нудат и каква е потребата од него, во најмала рака е непромислено, неодговорно и на штета на целокупното образование“, вели Дона Костуранова од невладиниот „Младински образовен форум“ (МОФ).

Неспорна финансиска штета за државата проценува и професорот од Правниот факултет „Јустинијан Први“, од УКИМ, д-р Гордан Калајџиев:

„Дополнителното отворање на нови факултети е непродуктивно и штетно за општеството во целина…Бројот на завршени матуранти од година во година се намалува, а капацитетите на веќе постојните државни и приватни факултети сė помалку се искористени, односно бројот на новозапишани студенти се намалува. Ова, се разбира, е финансиски погубно за приватните универзитети, а не е ништо порационално ниту за државата“. 

Но, за ВМРО ДПМНЕ,  отворањето е оправдано зашто, според владејачката партија,  „ќе се прошири понудата и многу студенти ќе можат за првпат да се запишат на некои струки“,  поради што од ВМРО-ДПМНЕ  се  посебно горди на овој чекор Но, ниту тие не споменуваат  никакви финансиски импликации, буџет, елаборати, итн…

Оттука, изјавата на Грчева дека власта, т.е пратениците донесоа закон без прецизни планови и проценки и дека станува збор за политички проект, ја оценуваме како вистинита.

ИЗВОРИ:

 

Оценил: Тео Блажевски

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Оставете реакција