Православни канали за дезинформации го обликуваат пејзажот на Западен Балкан
Во изминатата година малку се промени на украинското бојно поле, но манипулацијата со православието од страна на руската црква значително се засили, особено во Западен Балкан, каде што црквата на Северна Македонија – МПЦ (Охридска архиепископија) сега служи како секундарен канал на Кремљ. Екосистемот на религиозни дезинформации продолжува да се приспособува, искористувајќи ги емоциите и конфесионалниот идентитет како нови терени за унапредување на пораките пријателски настроени кон Москва
Во изминатата година малку се промени на украинското бојно поле, но манипулацијата со православието од страна на руската црква значително се засили, особено во Западен Балкан, каде што црквата на Северна Македонија – МПЦ (Охридска архиепископија) сега служи како секундарен канал на Кремљ. Екосистемот на религиозни дезинформации продолжува да се приспособува, искористувајќи ги емоциите и конфесионалниот идентитет како нови терени за унапредување на пораките пријателски настроени кон Москва
Политички, поголемиот дел од Западен Балкан ја поддржува Украина како што целосната инвазија на Русија ја брои петтата година. Дури и Србија, под Александар Вучиќ, која традиционално се смета за сојузник на Москва, формално го поддржа територијалниот интегритет на Украина. Сепак, овој став е помалку очигледен кај православните цркви во регионот, кои се воздржуваат од именување на сторителот на војната и наместо тоа навиваат за доминација на руската црква над Украина.
Притоа, портите за одбрана од растечките интереси на Кремљ во Западен Балкан се оставени отворени, а политичкиот дискурс е преплавен со дезинформации — особено во врска со религиозните теми поврзани со војната.
Со оглед на времетраењето на руската војна против Украина, еволуираше и екосистемот на дезинформации, фокусирајќи се повеќе на емоциите како средство за обликување на ставовите, каде што идентитетот и конфесионалната припадност сега служат како нова арена на когнитивно влијание.
Затоа новите пристапи поддржани од Кремљ, како што се пропагандистичкиот материјал во филмскиот и уметничкиот сектор, како и стратегиите насочени кон поткопување на мултиконфесионалните односи на Балканот, кои во крајна линија им служат на приоритетите на Москва, стануваат сè пораспространети.
Ограничувања на Украинската православна црква
Централна тема, главно пропагирана од Русија за да ги оствари своите цели за инвазија во Украина, е односот на властите во Киев кон Украинската православна црква (УПЦ), која е под интензивен државен надзор во врска со нејзините наводни врски со Москва.
Освен Грчката црква, православните цркви на Балканот изразија силна поддршка за УПЦ. Ниту Српската православна црква ниту Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) не ја признаваат автокефалноста на независната Православна црква на Украина (ПЦУ), стекната во 2019 година.
И двете балкански цркви доживеале различен степен на влијание од Москва, неодамна во случајот со Охридската архиепископија, што значително ги обликувало нивните политички и религиозни перспективи за Украина. Како резултат на тоа, тие шират еднострана слика за религиозниот пејзаж на Украина за време на војната, фокусирана исклучиво на односот на Зеленски кон УПЦ.
Во обете земји, националистичките новински портали и медиумите поврзани со црквата ретко известуваат за загриженост за слободата на вероисповед во врска со привремено окупираните територии од Украина или руското уништување на православни цркви. Досега, над 600 верски објекти, вклучувајќи многу православни цркви, се оштетени или уништени од руските напади низ цела Украина.
Најинтензивните пораки беа фокусирани на усвојувањето на Законот бр. 3894, преку кој Украина воведе забрана за Руската православна црква и други религиозни субјекти за кои се смета дека имаат врски со агресорската држава, Русија.
Истрагата спроведена од страна на Државната служба за етнополитика на Украина, ДЕСС, заклучи дека УПЦ останува канонски дел од Московската патријаршија. Украинските пратеници ја оправдаа потребата од законот тврдејќи дека религиозните организации поврзани со Москва служат како канали за идеологијата „Руски свет“, поткопувајќи ја безбедноста на Украина.
Медиумите од Западен Балкан и личностите за кои се знае дека се блиски до Русија, како и регионалните цркви, ги отсликуваат наративите што ги промовираат Кремљ и Руската православна црква во религиозната димензија на војната во Украина. Ова го вклучува и неточното тврдење дека во 2024 година, Зеленски ја забранил „канонската црква“ во Украина, оставајќи впечаток дека во Украина постои само една православна црква и дека забраната веќе стапила на сила, и покрај постоењето на тековниот процес на судски надзор. За какво било прекинување на активностите, крајната одлука ја донесуваат украинските судови.
Во Северна Македонија, отворањето на промосковскиот црковен портал Литургија.мк под покровителство на МПЦ-ОА, кој поголемиот дел од своите написи за Украина ги презема од руски извори или извори пријателски настроени кон Русија, како што е OrthoChristian.com, придонесува за зголемување на дезинформациите во македонските медиуми, но и меѓу свештенството и верниците поврзани со МПЦ-ОА, бидејќи ги обликува и засилува проруските чувства во војната против Украина.
Претежно непроверениот и непотврден директен превод на религиозните случувања во Украина во корист на агендата на Кремљ, со непропорционално известување, ги нормализира руските воени напори. На пример, во 2024 година, Литургија.мк го наведе Донецк како дел од Руската Федерација.

Еволуција на дезинформациите
Со подобрувањето на политичките односи меѓу Московската патријаршија и МПЦ-ОА, Кремљ создаде уште еден директен вектор на влијание во Северна Македонија, надополнувајќи го српскиот, кој веќе се протега кон Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово.
Во изјава за Антидизинфо.нет, д-р Наташа Калајџиовски, виш аналитичар во лондонската безбедносна фирма SecAlliance, ја забележа променливата природа на руските пораки на Балканот. Според неа, во неколку земји, руските државни канали сега немаат досег до публиката каков што имале порано.
Иако традиционалните информативни канали, вклучувајќи ги РТ и Спутник, „остануваат значајни“, нивната релевантност и досег, објасни Калајџиовски, „зависат повеќе од индиректниот досег отколку од директното емитување“.
Наративите што ги пренесуваат РТ и Спутник не исчезнаа, тие мигрираа во локалните медиуми, политичките емиси, онлајн порталите и партиските радиодифузери кои ги реемитуваат или реинтерпретираат пораките на Кремљ без да го нагласат рускиот бренд, изјави таа.
Оваа променлива природа на пораките на Кремљ на Балканот може да се забележи преку прикажувањето и обемната промоција на филмот на Емир Кустурица од 2024 година, поддржан од Кремљ, кој се фокусира на украинското православие, насловен „Христови луѓе – Наше време“. Основните пораки за „забраната на православието“ на Зеленски се претставени во форма на документарен филм, кој отвора уште еден пат, преку уметноста и културата, за пораки поврзани со Кремљ насочени кон пошироката публика на Балканот.
Овој пристап не е случајност. Спортот и културата отсекогаш биле дел од руската мека моќ и контекст каде што биле распоредени операции на влијание, објасни д-р Калајџиовски.
Според неа, откако почна руската инвазија на Украина во 2022 година, двете арени „станаа многу поистакнати и експлицитно интегрирани во информативните операции, дозволувајќи им на актерите поврзани со Кремљ да допрат до аполитична или емоционално ангажирана публика која можеби не консумира геополитичка содржина“.
Глобалната промоција на филмот ја открива силната поддршка на Кремљ од највисоките личности како самиот Путин, патријархот Кирил и руското министерство за надворешни работи. На Балканот, филмот доби сличен третман од страна на српскиот патријарх Порфирије, кој беше присутен на премиерата во Белград во 2024 година.

Српскиот митрополит Бачки Иринеј, кој е претставен во документарниот филм, го спореди третманот на црквата со државната политика на Ленин и Сталин. Тој, исто така, ја претстави војната на балканската публика како морална борба помеѓу доброто и злото, повторувајќи го начинот на кој патријархот Кирил ги претстави постапките на Русија како одговор на западното мешање во Украина.
Фитим Гаши, виш истражувач во Сбункер, забележал дека документарецот го користи и прашањето меѓу Косово и Србија како „историско огледало“ за руското толкување на војната во Украина.
Основните пораки се дека западната интервенција во Косово била неправедна и штетна и дека слично „мешање“ сега се случува во Украина, при што Русија е претставена како „оштетена страна“; исто така, дека Србија (или српската страна) во Косово била прикажана глобално како агресор или негативец, но тоа, според перспективата на филмот, било погрешно претставување, исто како што Русија сега тврди дека е погрешно претставена, сподели Гаши за Антидизинфо.
Зголемување на антикатоличките чувства
Иако затоплувањето на односите меѓу МПЦ-ОА и Руската православна црква им овозможува на пораките на Кремљ да го заобиколат Белград и директно да влијаат врз македонските граѓани и претставниците на црквата, Русија, исто така, има корист од оживувањето на историските антагонизми во регионот, искористувајќи ги меѓуконфесионалните тензии во кои е вклучен Ватикан преку Српската православна црква (СПЦ).
Во Црна Гора, како и во Косово, каде што се протега СПЦ, просрпските и руските портали и националистичките гласови тврдат дека Рим врши тековна територијална и политичка експанзија на Балканот, претставувајќи го тоа како цивилизациски конфликт меѓу православието и католицизмот.

Одбележувањето на годишнината од првиот вселенски црковен собор во Никеја во ноември во Турција, на кое присуствуваа Вселенскиот патријарх Вартоломеј, папата Лав XIV и неколку други христијански претставници, стана појдовна точка за напади во Црна Гора и во Србија врз историските прерогативи на Вселенскиот патријарх и предупредување за „унија“ со католичката црква, како и тврдења дека православната црква ќе биде потчинета на Рим.
Тоа што ова не е изолиран случај зборува за фактот дека пораките во црногорските и српските медиуми се слични по природа на официјалните ставови на РПЦ и оние на Украинската православна црква, кои ги сподели митрополитот Лука на конференција во Белград во 2024 година. Тој зборуваше за РПЦ и православните цркви на Балканот како „најсилни противници на ‘унијатизмот’ и амбициите за моќ на Фанар“.
Наративот е изграден врз мешавина од антикатолички расположенија и страв од западно мешање, што само се влошува со моменталната интраправославна поларизација околу доделувањето на украинската автокефалност од страна на Вселенскиот патријарх.
Според Тетјана Деркач, украинска аналитичарка на религиите, темата за унијатство се користи во Украина за борба против независната Православна Црква на Украина, а исто така и за да се спречи Украинската Православна Црква да ја напушти јурисдикцијата на Руската Православна Црква.
РПЦ ги заплашува верниците велејќи дека тоа би значело предавство на верата и унија со католиците, изјави таа за Антидизинфо.
Во овој контекст, треба да се анализираат тактиките на Руската православна црква во Украина, вклучувајќи ги и повторливите напади врз Украинската грчко-католичка црква, за која патријархот Кирил вели дека е усогласена со „националистичката агенда во Украина“.
На Западен Балкан, националистичките гласови во Србија предупредуваат за непосредна опасност за имотот на Српската православна црква во Косово, за кој велат дека е загрозен како резултат на експанзионистичкиот пристап на Ватикан во овој дел од Европа.
Наративното обликување за улогата на Римокатоличката црква, забележано во Црна Гора и Србија, и засилено преку руските пропагандни мрежи како што се РТ, Спутник и социјалните медиуми, на крај им користи на регионалните и глобалните амбиции на Москва, служејќи како меѓународна „потврда“ на нејзиниот котнинуиран наратив за западните обиди за бришење на православието.
Пишува: д-р Андреја Богдановски, аналитичар

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар