Правосудниот буџет не е само за платите на судиите и обвинителите
Сведувањето на правосудниот буџет на плати за обвинителите и судиите е делумна вистина и спин. Појаснувањето дадено денеска (24.09) од Мицкоски дека ќе ги зголемеле платите на правосудната администрацијата, исто така не ги решава проблемите во целост. Зашто ефикасноста на правосудството не зависи само од обвинителите и судиите, туку и од целосна кадровска пополнетост, што подразбира и пари за истражители и вештачења кај Обвинителството или судски службеници кај судовите, како и исполнување на материјалните предуслови за функционирање и на Обвинителството и на судството.
Сведувањето на правосудниот буџет на плати за обвинителите и судиите е делумна вистина и спин. Појаснувањето дадено денеска (24.09.2025) од Мицкоски дека ќе ги зголемеле платите на правосудната администрацијата, исто така не ги решава проблемите во целост. Зашто ефикасноста на правосудството не зависи само од обвинителите и судиите, туку и од целосна кадровска пополнетост, што подразбира и пари за истражители и вештачења кај Обвинителството или судски службеници кај судовите, како и исполнување на материјалните предуслови за функционирање и на Обвинителството и на судството. Притоа, мора да се обезбеди и независност на трошењето на тие пари, се разбира, со прецизна отчетност за секој потрошен денар, како и за нивната ефикасност, што се должни да ја поднесат пред Собранието и пред јавноста
Пишува: Теофил Блажевски
Јавноста и партиите одново се разбранувани поради изјава на премиерот Христијан Мицкоски за реформите во правосудството (на 23.09. 2025 г.), во којашто тие реформи ги појасни како збир на 6 закони чија крајна цел е зголемување на буџетот за Обвинителството и за судството – пари кои ќе оделе на зголемување на платите на судиите и обвинителите, за кои премиерот „има дилема дали и овие плати тие ги заслужуваат, коишто сега ги земаат“.
Целата изјава на премиерот Мицкоски дадена како одговор на медиумско прашање за пресудата за една лекарка во случајот „Онкологија“ може да се проследи низ медиумските агрегатори како што е Тајм.мк, или, пак, во целост, како изјава проследена од Владата (види после 11.минута од видеото, тука).
Покрај реакциите од опозициската СДСМ, како и реакциите од Здружението на судии, Здружението на јавните обвинители и други, многу е важен главниот контекст, а тој е во појаснување на прашањето зошто е толку важен елемент буџетот кој им стои на располагање на судството и обвинителството.
Првични реакции од правосудната фела
Правосудната фела, здруженијата на судии и јавни обвинители веднаш реагираа на изјавата на Мицкоски за платите на судиите и обвинителите посочувајќи два момента. Првиот е дека платите и не се толку високи за обемот на работата што ја имаат, а вториот е дека платите не се однесуваат само за судиите и обвинителите.
По однос ‘вечната тема’ платите на судиите во земјава, Здружението на судии јавно ќе ги обелодени фактите кои се проверливи и достапни за јавноста, а тоа е дека платите на најголем број на судии во Основните судови во РСМ, со фамозното ‘зголемување’ од 78 проценти, достигнува до 86.000 денари, а примањата на судските службеници се исклучително ниски и под просечната плата во РСМ. Ваквите плати на судиите и секако судските службеници се апсолутно најниските во регионот и пошироко, соопштија од Здружението на судии, како што пренесуваат медиумите.
Од Здружението на обвинителите подвлекуваат дека со сегашните издвојувања кои законски треба да бидат 0.4 отсто од ребалансот на буџетот за претходната година, а секоја година добиваат половина од тоа, едвај можат да функционираат:
Од 2020 година, кога за првпат во Законот беше предвидено да се издвојуваат 0,4 % од државниот буџет за Јавното обвинителство, до денеска обвинителството секоја година добива едвај околу половина од овие средства, поради што веќе е соочено со сериозен предизвик да ги покрие основните трошоци за работата на Јавното обвинителство, се вели во реакцијата на Здружението на обвинители, пренесуваат медиумите.
Од ова Здружение појаснуваат дека овие средства, за кои, исто така сметаат дека се најниски во регионот, не се само за плати за обвинителите, туку и за администрацијата во јавните обвинителства, за вештачења и за функционирање на сите други системи и објекти.
Јавните обвинители и јавнообвинителските службеници имаат најниски плати во споредба со сите останати земји во регионот. Бројот на јавни обвинители и на јавнообвинителска служба е далеку под европскиот просек, а сепак обвинителствата успеваат да го совладаат приливот на предмети и да решат по 20-тина илјади предмети годишно, ја пренесуваат медиумите дел од реакцијата на Здружението на јавни обвинители.
Потценети кадровски проблеми, компјутери стари 10 години
Без намера да се премолчат сите субјективни слабости во работењето на Јавното обвинителство (ЈО) и на судството на ниво на целата држава, здруженијата на обвинителите и на судиите се во право кога потенцираат дека суштината не е само во нивните плати. Ова најдобро може да се види од годишните извештаи за работењето на ЈО на РСМ.
Во овој Извештај за состојбите во ЈО во 2024 година, најпрво се гледа огромна разлика помеѓу потребниот и реалниот број на јавни обвинители. Имено, според систематизацијата за нормално функционирање во С. Македонија се потребни 261 јавни обвинители, до крајот на 2024 г. биле пополнети 169 места, а недостасуваат 92 обвинители.
Дури 4 јавни обвинителства во државата во 2024 година останаа без ниту еден јавен обвинител – Ресен, Делчево, Берово и Крива Паланка. (стр. 10 и 11 од Годишниот извештај за работата на ЈОРСМ)
Уште поголема е разликата помеѓу потребната јавнообвинителска и севкупна администрација и реалната на сите нивоа. Имено до крајот на 2024 г. била регистрирана потреба од 1.126 работни места, а биле пополните само 371 работно место. Но, проблемот со пополнувањата главно е закочен од централната власт, на што укажува и овој пасус од Извештајот:
Во текот на 2023 година, Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, поднесе Годишен план за вработување во 2024 година, на 100 јавнообвинителски службеници, и 50 унапредувања на јавнообвинителските службеници, но за Годишниот план за 2024 година, ЈОРСМ доби негативно мислење без образложени причини и поради тоа не беше во можност планот да го реализира (стр. 11 од Извештајот).
Кадровската и материјалната скудност во која работи ЈОРСМ може најдобро ја отсликува состојбата со информатичката опрема и со потребните информатичари:
Системите на сите јавни обвинителства во државата ги одржуваат само 6 вработени лица – информатичари, а интересот за пријавување на огласите за вработување за овие работни места е исклучително низок во изминатите години (стр.12 од Извештајот)…
…Јавното обвинителство поседува околу 200 десктоп компјутери кои моментално се постари од 10 години и со оперативен систем за кој вендорот веќе не дава поддршка. Од тие причини неминовно се појавува потреба за промена на ваквата застарена опрема што во следниот период ќе предизвикува дополнителни финансиски импликации. Во 2024 година, согласно можностите во одобрениот Буџет, Јавното обвинителство успеа да набави само 50 нови десктоп компјутери за потребите на обвинителствата (стр.16 од Извештајот).
На крајот(види стр. 16/17), треба да се спомене дека Обвинителството за 2024 година добило 870.221.000 милиони денари (над 14 милиони евра), а биле барано 1.299.240.000 (околу 20 милиони евра) од Буџетот на РСМ.

Судството бара независноста во трошењето на парите
Слични проблеми, пред сè кадровски може да се најдат и во судството, а тоа најдобро се гледа од годишниот Извештај за реализација на судскиот буџет за 2024 г. Овој извештај беше поднесен од претседателот на Судскиот совет, кој воедно е претседател и на Судскиот буџетски совет, Александар Камбовски.
Во резимето најнапред се истакнуваат плановите за пополнување на судството со потребен кадар и отфрлањето на тие планови од страна на централната власт:
Во Единствениот годишен план за вработувања во судовите за 2024 година беа предвидени 255 вработувања на неопределено време и 168 унапредувања, врз основа на што од Министерството за финансии беа побарани поединечни согласности за вработување и унапредувања по судови, но од страна на Министерството за сите барања беше добиен негативен одговор (стр.3 од Извештајот).
Сепак, во делот на информатичката опрема судството направило поголем исчекор од Обвинителството, иако сè уште недоволен:
Во 2024 година со Буџетот беа обезбедени потребните средства за завршување на активностите за надградба, инсталација и конфигурација на Femida True Records системот за снимање на судските расправи во судовите во Република Северна Македонија, и тоа 89 аудио системи и 8 аудио/видео системи за снимање на расправите во 31 суд во РСМ. Во 22 судови беа набавени 459 нови компјутери заради замена на компјутерите со застарен оперативен систем (исто стр.3 од Извештајот).
Иако со Измените на Законот за судски буџет во 2010 г. буџетот за секоја година се определува како процент од остварен БДП во изминатата година (стр.4), оваа обврска сè уште не е реализирани поради што надлежните изразуваат загриженост:
Судскиот буџетски совет ја нагласува загриженоста дека постојаното одбивање на буџет што е далеку под 0,8% ја загрозува независноста на судството и може да претставува пречка во претстојните преговори за прием во ЕУ (стр.8 од Извештајот).
Во Извештајот се апострофира дека (и кај судството-н.з.), при планирањето на Буџетот на РСМ извршната власт постојано доделува многу помалку средства од законски предвидените, па така за 2024 г. биле предвидени како „предлог буџет 4.365.560.000 денари“(околу 71 милиони евра), а годината била завршена со „одобрени 2.647.694.000 денари(околу 43 милиони евра), како расходи од основниот буџет на РСМ“(стр.31/32 од Извештајот).
Колку пари толку музика
Овие состојби и бројки во правосудството, кои патем се со години исти во однос на потребите и „скржавоста“ на сите извршни власти досега – што може да се види и од истражувањата што ги има правено и објавено и Фондацијата Метаморфозис – јасно укажуваат дека сведувањето на овој буџет на плати за обвинителите и судиите е делумна вистина и спин.
Појаснувањето дадено денеска (24.09.2025) од Мицкоски дека ќе ги зголемеле платите на правосудната администрацијата, исто така не ги решава проблемите во целост. Зашто ефикасноста на правосудството не зависи само од обвинителите и судиите, туку и од целосна кадровска пополнетост, што подразбира и пари за истражители и вештачења кај Обвинителството или судски службеници кај судовите, како и исполнување на материјалните предуслови за функционирање и на Обвинителството и на судството.
Притоа, мора да се обезбеди и независност на трошењето на тие пари (сами да решаваат за вработувањата, платите, унапредувањата, обуките…), се разбира, со прецизна отчетност за секој потрошен денар, како и за нивната ефикасност, што се должни да ја поднесат пред Собранието и пред јавноста.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар