Прeчистителната станица во Прилеп сè уште се гради

Реконструкција и проширување на канализациската мрежа во Прилеп Фото: Веб-страница на Општина Прилеп

 Проект: Изградба на пречистителна станица за отпадни води во Општина Прилеп.

Во Прилеп ќе биде изградена пречистителна станица за отпадни води со секундарно ниво на третман на отпадните води, согласно директивите на ЕУ. Пречистителната станица е планирана за 95.000 еквивалент жители, со што ќе се овозможи заштита на водите на градската река. Вредностa на проектот e 28 милиони евра, a средствата се обезбедени во сооднос: 85% од ИПА – фондовите и 15% од Буџететот на РМ. За пречистителната станица се наменети 11 милиони евра. Изградба на 23 км канализација е предвидена во прва фаза со вредност од 6,2 милиони евра и во втора фаза, дополнителни 40 км канализација, во вредност од 9,1 милиони евра… (Буџет: 26,3 милиони евра. Извор на средства: ЕУ и буџет на РМ. Рок за реализација: 2013-2017)

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето за изградба на пречистителна станица за отпадни води во Прилеп е делумно исполнето ветување на градоначалникот Марјан Ристески. Ветувањето е дел од неговата предизборна програма за локалните избори 2013-2017 година, насловена како „Нови дела за нов напредок, нови дела за подобар Прилеп“ (стр.29).

Во програмата е наведено дека изградбата на канализациската мрежа ќе се одвива во две фази.

Изградба на 23 км канализација е предвидена во прва фаза со вредност од 6,2 милиони евра и во втора фаза, дополнителни 40 км канализација, во вредност од 9,1 милиони евра. Бенефит од реализацијата на овој проект е тоа што Прилеп ќе добие комплетен третман на отпадните води, заштита на животната средина (од најзагадена, прилепската градска река ќе стане најчиста река во Република Македонија), враќање на растителниот и животинскиот свет во градската река и можност сите земјоделски производи кои се полеваат со вода од градската река во Прилепско Поле да се продаваат како еколошки земјоделски производи на сите пазари во светот, што е голема придобивка за земјоделците.

Проектот за изградба на канализациска мрежа и пречистителна станица беше промовиран во Прилеп на 28.11.2014 година, тој ден на  официјалната веб страница на Министерството за финансии беше објавено:

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, министерот за животна средина Нурхан Изаири и шефот на мисијата на ЕУ во Македонија Аиво Орав, денес во Прилеп присуствуваа на промоцијата на големиот Проект за заштита на животната средина финансиран од ИПА фондовите и од државата, 

На 28.07.2015 година, агенцијата Мета објави дека заедничкиот проект на Владата и на ЕУ за изградба на пречистителна станица во Прилеп, продолжува да се реализира.

Во реката Оревоачка во Прилеп се поставуваат колекторски системи за прочистување на отпадните води, како битна етапа од целосната реконструкција на застарената канализациска и водоводна мрежа, а исто така и за комплетно уредување на коритото на реката.

На 16.03.2016 година, МРТ објави дека пречистителната станица во Прилеп ќе биде готова до крајот на 2016 година.

Со обновената канализациона мрежа и со новата пречистителна станица, ќе биде заокружен големиот проект вреден над 20 милиони евра, главно пари од ЕУ. Станицата ќе биде готова до крајот на годинава, а е проектирана за преку 95.000 жители.

На 21.07.2016 година, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски заедно со градоначалникот на Прилеп Марјан Ристески, како што информира МИА, направија увид во градежните активности на новиот канализациски систем во Прилеп Притоа, Ристески посочи дека првата фаза од изградбата на канализацискиот систем во Прилеп била во должина од 23 километри, а во втората фаза ќе се градат 47 километри.

Првично беше предвидено инвестицијата за изградба на канализацискиот систем да чини 30 милиони евра, но со тендерите се намали на 26 милиони евра. Работите ги изведува компанијата Фајфер, а третата фаза ќе ја изведува бугарската фирма Комстрој, рече Ристески.

На 07.02.2017 година, порталот Денар објави дека aмбасадорот на ЕУ, Самуел Жбогар и aмбасадорот на Германија во Македонија, Кристине Алтхаузер, биле во посета на Прилеп. Во текстот се пренесени изјави на амбасадорите Жбогар и Алтхаузер во кои велат:

Во нашата комуникација денеска со градоначалникот на Прилеп разговаравме за прашања кои се поврзани со животната средина, во врска со водата, за третитањето на отпадот, изградбата на пречистителната станица и други работи поврзани со заштитата на животната средина. 

За мене како амбасадор на ЕУ е исто така важно да се запознаам со овие проекти кои се финансирани од ЕУ и како што кажа градоначалникот на Прилеп, проектот за изградба на пречистителната станица и реновирањето и изградбата на канализационите системи е можеби најголемиот проект кој ЕУ го има финансирано во вашата земја, а тој чини 21,5 милиони евра,истакна Самуел Жбогар, амбасадор на ЕУ во Македонија.

Германската амбасадорка, Кристине Алтхаузер, рече дека Прилеп е град кој претставува позитивен пример за многу активности.

Видовме дека важниот проект за овој град кој се состои од реконструкција на канализационата мрежа и изградба на пречистителна станица претставуваат една голема целина, или целина која има смисла само доколку истите се поврзани една со друга… (Алтхаузер)

На 21.09.2017 година, порталот 10без10, објавувајќи пресек на реализирани и нереалзиирани проекти во Општина Прилеп за време на мандатот на Рисетски, напиша дека овој проект е во завршна фаза, меѓутоа сѐ уште не е завршен“.

На официјалната веб – страница на Општина Прилеп, овој проект не е ставен во  делот каде се набројани „реализираните капитални проекти“ , туку  е почочен  меѓу тековните капитални проекти на Општината, при што на прво место е наведена прочистителната станица за отпадни води“. Тоа значи дека проектот  не е целосно реализиран, односно се работи на него.

Имајќи го предвид сето ова, може да се заклучи дека ветувањето на Марјан Рисетски за изградба на пречистителна станица за отпадни води во Прилеп е делумно исполнето.

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Ана Анастасовска

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција