Пред да Ве снима, полицијата е должна да Ве предупреди

Полициско снимање: класична камера и камера за на тело со име „Ултимативен сведок“. Фото: pexel/pixabay

Но, ова не важи за снимање на јавни места и при учество на јавни собири, каде полицијата може, но не мора да Ве извести.

 

Но, ова не важи за снимање на јавни места и при учество на јавни собири, каде полицијата може, но не мора да Ве извести.

 

Пишува: Александар Георгиев

 

Со Законот за полиција се уредуваат полициските работи, организацијата на полицијата, полициските овластувања и правата и обврските што произлегуваат од работниот однос на полициските службеници во Министерството за внатрешни работи.

На 103 седница на Собранието на Република Македонија беа предложени нови предлог измени и дополнувања на Законот за полиција, кои главно се однесуваат на допрецизирање на одредбите за користењето на технички средства за видео и аудио снимање од страна на полициските службеници.

Видео снимањето од страна на полицијата се воведе уште минатата година со членот 93-а со кој се воведе можноста полицијата да употреби технички средства за видео снимање, со кои ќе се обезбеди снимен материјал (видео запис) за начинот на кој се презема конкретно дејствие во рамки на примената на полициските овластувања од страна на полициските службеници.

Како што стои во ставот два од членот 93-а, видео снимањето треба да овозможи унапредување на степенот на основаност на преземените дејствија од страна на полициските службеници, со цел легитимно и соодветно постапување при примената на полициските овластувања. Со видео записот на начинот на кој е преземено полициското дејствие се очекува да се спречи можноста од евентуални злоупотреби, односно пречекорување на овластувањата од страна на полициските службеници, односно ќе се овозможи соодветно оценување на основаноста, оправданоста и легитимноста при примената на полициските овластувања, што, секако, е во функција на обезбедување повисок степен на заштита на човековите права и слободи.

 

ИЗВЕСТУВАЊЕ ПРЕД СНИМАЊЕ

Со последните измени во Законот за полиција, видео записот се дополнува и со аудио запис, така што полициските службеници при преземање на своите овластувања ќе треба да прават комплетен видео и аудио запис, кој ќе биде доказ за легитимното или нелегитимното постапување при примена на нивните овластувања.

Како новина е воведувањето обврска на полициските службеници при користење на техничките средства за аудио и видео снимање да го известат лицето дека преземањето на дејствието е предмет на аудио и видео снимање, освен доколку известувањето на лицето за употреба на аудио и видео снимање го оневозможува или отежнува преземањето на дејствието во рамки на полициското овластување. Ова значи дека при примена на полициските овластувања кои се снимаат, полицискиот службеник е должен да го предупреди лицето дека се снима, освен во исклучителни ситуации кога самото известување би го отежнало или би го оневозможило полициското дејствување.

Во истиот член, се намалува и временскиот рок утврден за чување на снимениот материјал и тоа од постојните шест месеци на 45 дена. Според ова, снимениот материјал полицијата може да го чува најмногу 45 дена, по што е должна да го уништи, освен ако материјалот претставува доказ во кривична или прекршочна постапка, со кој се постапува согласно со закон.

Министерот донесува подзаконски пропис за типовите на технички средства кои ќе се употребуваат за аудио и видео снимање од страна на полицијата во рок од 6 месеци.

Содржината на предметниот член произлегува од Проектот на Европската унија ,,Градење на капацитетите на институции кои што го спроведуваат законот за соодветен третман на задржани и притворени лица“.

 

НОВИТЕ ИЗМЕНИ НЕ ГО ОПФАЌААТ СНИМАЊЕТО НА ЈАВНИ МЕСТА

Новите измени во Законот за полиција не го опфаќаат и снимањето на јавни места во член 65, каде полицијата има овластување да изврши видео снимање или фотографирање на јавниот собир кога постои опасност на јавните собири да се загрози животот, здравјето на луѓето и имотот. Во овој случај полицијата нема обврска да ги извести лицата дека се предмет на видео и аудио снимање.

Според истиот член намерата за спроведување на снимање на јавните места и собири, пред започнување со активноста, Полицијата може (но не мора) јавно да ја соопшти.

Снимениот материјал според овој член се чува во полицијата шест месеци, по што материјалот се уништува, освен материјалот што претставува доказ во кривична или прекршочна постапка, со кој се постапува согласно со закон.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Оставете реакција