Предвремените избори може и да не бидат загубено, туку продолжено време на владеење
Историјата на предвремените избори во земјата покажува дека тие во принцип се загубено време за државата и за сите прогресивни процеси во нејзе, но од аспект на политичката партија на власт или на елитата што владее, може да бидат и продолжено време на владеење. Тоа го покажаа четирите предвремени избори од независноста до сега – сите за време на претходната гарнитура на власт на ВМРО-ДПМНЕ, кога со нејзе управуваше експремиерот Никола Груевски.
Историјата на предвремените избори во земјата покажува дека тие во принцип се загубено време за државата и за сите прогресивни процеси во нејзе, но од аспект на политичката партија на власт или на елитата што владее, може да бидат и продолжено време на владеење. Тоа го покажаа четирите предвремени избори од независноста досега – сите за време на претходната гарнитура на власт на ВМРО-ДПМНЕ, кога со нејзе управуваше експремиерот Никола Груевски
На предизборното претставување на кандидатот за градоначалник на Скопје од страна на коалицијата партии предводена од ВМРО-ДПМНЕ, актуелниот претседател на партијата и премиер, Христијан Мицкоски во говорот имаше тврдење кое може да се оцени како делумна вистина:
Сосема на крај ќе ми дозволите да се осврнам на една политичка тема. Во последно време се зборува за предвремени избори. Анкетите покажуваат дека доколку тие се одржат, ВМРО-ДПМНЕ би имало сигурно над 62-63 пратеници, стабилно мнозинство за силна реформска агенда. Но, да не се лажеме – предвремени избори значат и изгубено драгоцено време. ДУИ ја експлоатира темата за да собира клиентелистички гласови, лажејќи ги своите гласачи дека ќе правеле коалиција со ВМРО-ДПМНЕ.
[Извор: ВМРО-ДПМНЕ – Х.Мицкоски/говор; -датум: 20.09.2022]
Образложение:
Премиерот Мицкоски ваквото тврдење го даде во говорот, во контекст на одговор на зачестено тврдење од ДУИ дека постојано добивалe понуди од ВМРО-ДПМНЕ за коалиција по предвремени избори, кои ќе се одржале поради тоа што сегашниот коалициски партнер ВЛЕН катастрофално ќе загубел на сега актуелните локални избори. Затоа, одговорот на Мицкоски е логичен, тој мора да испраќа до гласачите, особено на коалицијата ВЛЕН силни пораки на охрабрување во сигурна победа, но и до своите гласачи, со тврдењето дека во случај на предвремени избори ВМРО-ДПМНЕ ќе освои 62 до 63 пратенички места, според анкетите на јавното мислење во моментот.
Но, тврдењето на Мицкоски во делот дека „предвремените избори значат и изгубено драгоцено време“ е делумна вистина, дури и премиерот искрено да ја застапува таа теза и да верува во нејзе. Зашто праксата покажала дека во изборна година, најмалку 6 месеци пред избори сите активности на владејачката коалиција се насочени во кампањска перспектива и изборен контекст, економијата најчесто тапка во место поради исчекување на бизнисот кој ќе победи и што тоа ќе значи за компаниите, а три месеци пред избори постојат и законски ограничувања за спроведување на јавни набавки, инвестиции, вработувања или отпуштања, итн., според Изборниот законик и Законот за спречување на корупција и судир на интереси.
Тајмингот најчесто го бира тој што владее
Сепак, гледано од аспект на политичката партија на власт или на политичката елита што владее, предвремените избори може да бидат и алатка за продолжено време на владеење. Тоа го покажаа четирите предвремени избори од независноста досега – сите за време на претходната гарнитура на власт на ВМРО-ДПМНЕ, кога со нејзе управуваше експремиерот Никола Груевски. Првите се одржаа во 2008 г., вторите во 2011 г., третите во 2014 г. и последните во 2016 г.
Во три од четирите примери се покажало дека вонредните избори му донеле продолжено време на владеење на тој што владее, а и четвртиот пример ќе беше таков, доколку не постоеше силен меѓународен притисок врз ДУИ и нивниот калкулантски однос во 2016, по што владата ја состави тогашната опозиција – СДСМ.
Тоа е така затоа што тој што владее (најчесто) го избира и тајмингот на одржување предвремени избори, па така, дури и во услови на тешка политичка криза какви што беа примерите во 2008 и особено во 2015/2016 година, владејачката партија освојува најголем број пратеници. Значи владејачката партија или коалиција проценува дали ги држи цврсто лостовите на власт, колку гласачи ќе собере, дали ќе го зголеми бројот на пратеници, итн. и дали кризата ќе ја искористи за да одигра подобро на изборната сцена, користејќи ја најчесто онаа тема што ѝ оди во прилог и која сигурно носи многу гласови.
Изборите во 2008 година се одржаа по неуспехот на земјата да влезе во НАТО на историскиот самит во Букурешт, каде имаше таква најава и од американскиот претседател Џорџ Буш помладиот уште во 2006 г, но и на ден пред одржување на самитот. Самитот се одржа во април, а предвремените избори се одржаа во јуни, при што главниот акцент беше ставен врз Грција и нејзината, дотогаш, речиси дводецениска блокада. Резултат, победа на ВМРО-ДПМНЕ со зголемен број пратеници од 45 на 63.
Партијата со најголем број гласови не мора да формира Влада
Изборите во 2016 година се одржаа во услови на долгогодишна политичка криза чија кулминација беше во почетокот на 2015 година, што пак резултираше со Пржино 1 , 2 и 3 договорите. Во услови на обелоденети прислушкувани разговори и на високи функционери од тогашната власт, кога земјата веќе беше означена како „заробена држава“, кога проектот Скопје 2014 покажа и огромна коруптивност преку бројните т.н. анекс на анексот на договорите, во услови на повеќемесечно протестирање на улиците во 2015 г. и во 2016 година во процесот што беше означен како „Шарена револуција“ и кога главна парола на протестите беше „нема правда – нема мир“, итн.
Но и покрај сè, играјќи на картата на загрозеност на државата од непријатели од странство и на патриотизмот, Груевски и ВМРО-ДПМНЕ (иако веќе од јануари 2016 година не беше премиер, а на негово место беше именуван Емил Димитриев како технички премиер), по бројот на освоени пратеници беа на прво место, па сепак не успеаја да формираат влада поради откажувањето од страна на ДУИ, кои беа победници во албанскиот кампус гласачи. Тогаш ВМРО-ДПМНЕ освои 51, а СДСМ 49 пратеници.
Поради погоре посочените аргументи, делот од говорот на Мицкоски каде што вели дека нема да има предвремени избори бидејќи „предвремени избори значат и изгубено драгоцено време“ може да се оцени како полувистина. Тие се загубено драгоцено време од аспект на државата и бизнисот, ама од аспект на владејачка партија или коалиција на власт може да значат и продолжување на времето на владеењето.
Извори:
- (20.09.2025) ВМРО-ДПМНЕ – Х Мицкоски/говор – [Проверено на 22.09.2025]
- (2024) ДКСК – Известување – [Проверено на 22.09.2025]
- (2008-2016) Википедија – Предвремени избори во Македонија – [Проверено на 22.09.2025]
- (2006) Би-Би-Си – „Балканот во НАТО до 2008“– [Проверено на 22.09.2025]
- (2016) Метаморфозис – Анализа: Долгиот пат до Пржино… – [Проверено на 22.09.2025]
Оцени: Тео Блажевски
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар