Предвремено броење „резултати” од гласањето
Оваа вест беше дезинформација, а читателите требаше да станат жртви на манипулација.
Пишува: Ардит Рамадани
Рецензираната вест објавена на 14 јули 2020 манипулира со читателите со „објавување на резултатите“ од гласањето на лицата со Ковид 19 и на лицата во самоизолација, како и на гласовите на лицата во казнено – поправните институции.
Како што дознаваме неофицијално во Изборната единица 4, за ВМРО-ДПМНЕ гласале 1381, додека СДСМ има 974 гласови. Денеска гласаа болни и изнемоштени лица и ова се неофицијалните резултати, се вели во рецензираната вест.
Меѓутоа, авторот на веста овие податоци не можел да ги добие ниту официјално, ниту неофицијално, поради тоа што гласачките кутии сè уште не биле отворени и поради фактот што овие гласови се бројат заедно со другите гласови, односно кога ќе заврши целиот изборен процес.
По однос на ова се изјаснил и претседателот на Државната Изборна Комисија (ДИК), кој за медиумите изјавил дека бројот на гласови објавен во една ваква вест е „шпекулација“.
Денес се објавени некои шпекулации, посебно што се однесува на броењето на гласовите. Јас повторувам дека гласовите од вчерашното и денешното гласање не се бројат и не се избројани. Овие гласови ќе се бројат утре заедно со другите гласови, изјави Деркоски.
Тој упати повик до политичарите и сите оние кои учествуват во вакви манипулации да се воздржат и да ги остават граѓаните да гласаат и да донесат вистинска одлука.
Инаку, вториот ден од гласањето се одвиваше во Домовите за стари лица, Казнено – поправните институции како и лицата во домашен притвор.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар