Преглед на дезинформациските активности на Кремљ во С. Македонија
Во последната деценија на најразлични начини можевме да го посведочиме штетното влијание на Кремљ во С. Македонија. Иако ова не се сите вектори преку кои дејствуваат руската пропаганда, таа на еден или друг начин ја наоѓа соодветната публика податна за восприемање на нејзините дезинформации
Во последната деценија на најразлични начини можевме да го посведочиме штетното влијание на Кремљ во С. Македонија. Иако ова не се сите вектори преку кои дејствуваат руската пропаганда, таа на еден или друг начин ја наоѓа соодветната публика податна за восприемање на нејзините дезинформации
Од самиот почетокот на војната во Украина можат јасно да се забележат механизмите на дезинформациската машинерија на Кремљ во Европа и пошироко. Кремљ со години ја шири својата пропаганда исполнета со дезинформации и постојани обиди за кампањи за хибридно влијание во САД, Латинска Америка и од неодамна во Африка. Во претходна анализа на Вистиномер се покажа дека во пресрет на домашните парламентарни и претседателски избори, дезинформациските трендови низ Европа се пресликуваат и кај нас. Односно, слични беа нападите имаше и по европските парламентарни избори. Не само што се засили анти-ЕУ расположението, туку истите мегафони оние што ширеа дезинформации за вакцините и за ковид пандемијата пошироко, пораката ја сменија во поддршка на Кремљ и руската инвазија на Украина.
Но, ова е далеку од прв пат да го чуствуваме притисокот од руските државни, парадржавни дезинформации и пропаганда во земјава. Речиси една деценија се соочуваме со директни и индиректни напади, манипулации, подбуцнувања, разгорување на тензии и слично. Од година во година, темите се менуваа, а дезинформациите се таложат. Но, бидејќи сега веќе подолг период добро се документираат дезинформациските потези на Кремљ, може да се направи ретроспективен преглед на истите.
Украинска политичка криза, Евромајдан, про-руски немири
На крајот на 2013 година Украина се соочи со длабока политичка криза и серија на демонстрации и протести познати како Мајдан, во кој голем број граѓани излегоа да протестираат против одлуката на тогашниот украински претседател Виктор Јанукович, заради неговото одбивање да го потпише Договорот за асоцијација на Украина со Европската Унија. Овие протести кулминираа во револуцијата на достоинство. Како одговор на овие настани, Русија ја започна војната во источните региони, го анектира и потоа окупира Крим и поддржа про-руски сепаратистички движења во Донбас.
Оваа политичка криза ги постави телемите на современата руска пропаганда и даде урнек за ширење дезинформации или сеење сомнеж и тоа не само во Украина, туку во многу земји и кои политичарите и приврзаните медиуми од домашната сцена можеа да го усвојат и да го следат. Тоа и се правеше главно преку користење на истиот вокабулар и ширење на расположение против Мајданските протести со реториката дека западните сили се наводни организатори и поттикувачи протестите. Ваквото расположение не е толку различно од сегашните анти-ЕУ реторики на кои често сме сведоци, особено затоа што користењето на ваквите наративи директно потекнува токму од овој период. Медиумите уште тогаш пишуваа дека „Европската унија е повеќе загрижена за рускиот гас, отколку за Украина“ — дезинформациски наратив што сè уште е актуелен.

Nessa Gnatoush, via Wikimedia Commons
Руската воена моќ и големиот лидер, Путин
Во годините по почетокот на војната во Украина, често се ширеа наративи за руската воена моќ со текстови како „Кој е тој кој оваа армија може да ја победи!“ и улогата што ја има како „бранител на своите сојузници во случај на војна“. Имаше и серија написи во кои се величеше Путин како лидер, но и написи кои намерно ја поткопуваа сликата за НАТО, при што напорите на С. Македонија за влез во НАТО се прикажуваа со поттекст дeкa ние се „лигавиме“ пред портите на Алијансата, Србија се здобива со титула на регионална велесила со тоа што набавува руска воена опрема. За контекст, во наредните години на најразлични начини се поткопуваше интегритетот и имиџот на НАТО: Алијансата лажно се претставува како терористичка организација, како „сатанско НАТО антихристова војска“, како најголемата закана на светот и друго.
Македонска политичка криза
Во последната влада предводена од експремиерот Никола Груевски започнаа серија студентски и граѓански протести. За време на повеќегодишната политичка криза, руската пропаганда ja обвини тогашната опозиција, предводена од Зоран Заев, дека претставува алатка на странските сили. Поточно, дека е подржана од САД и финансирана од Џорџ Сорос и Фондација Отворено Општество Македонија (ФООМ) и се користи за дестабилизација на политичката ситуација во земјата, Дополнително, медиумите блиски до Кремљ во Русија го обвинија Џорџ Сорос и ФООМ, дека, всушност тие стоеле зад барањата на Грција за промена на името, знамето и Уставот на државата, истовремено шиканирајќи ја опозицијата и давајќо поддршка на тогашната авторитарна власт.

Студентски пленум
Во периодот на оваа влада се демнееа невладини организации, особено оние кои имаа добиено финансиска помош од ФООМ. Дури се формира е „граѓанското движење“ Стоп Операција Сорос (СОС), чија цел беше „де-Соросоизација“ на невладиниот сектор и имаше барања да се донесе закон по примерот на FARA во САД (Foreign Agents Registration Act), со кои сите организации кои добиваат финансиска помош од странство би имале обврска да се регистрираат во Министерството за правда за Владата точно знае кои организации какви грантови и од кого имаат добиено. Речиси истото се случи оваа година во Грузија. А, оваа пракса на напади на НВО секторот и ФООМ, како што објаснуваат во написот на Балкан Инсајт, е често употребувана од националистички влади како Русија и Унгарија. Конкретен пример е оној на Русија која ја забрани ФООМ под изговор на закана по националната безбедност.
Гасоводот „Јужен тек“ и бегалска криза
Заради органичените енергетски ресурси кои ги има државата, Русија и Македонија склучија договор за соработка и изградба на гасоводот „Јужен тек“ и натамошно снабдување со гас. Но, бидејќи тогаш односот меѓу Русија и ЕУ се влошуваше заради конфликтот во Украина, но и затоа што овој голем инфраструктурен проект се спротивставуваше на ЕУ регулативите, истиот беше откажан.Европската унија не сакаше дополнително да ја зголемува својата зависност од рускиот гас, зависност, која и онака беше голема. Ваквата одлука се покажа исправна само неколку години подоцна со инвазијата на Русија врз Украина која почна на 24 февруари 2022 година по што ЕУ воведе санкции против Русија и Унијата повеќе воопшто не увезува руски гас. Но, сето ова не го спречи Кремљ проектот Јужен тек да го користи во пропагандни и дезинформациски цели.
Преспанскиот договор и влезот во НАТО
Со промена на владата, социјалдемократите го актуелизираа решавањето на спорот со Грција околу името на Републиката. Со Преспанскиот договор, потпишан на 17 јуни 2018 г., се разреши спорот и со тоа се надмина единствениот сериозен услов за влез на земјата во НАТО и со тоа, на 27 март 2020, С. Македонија официјално стана триесеттата членка на НАТО Алијансата. За време на целиот процес, вклучувајќи го референдумот за промената на името, потпишувањето на договорот и потоа самиот процес на пристапување, медиумите пишуваа дека има засилено руско влијание (детално опишано во анализата на Вистиномер), користејќи ги истите алатки со кои се поткопуваше обидот на балтичките земји да влезат во НАТО. Прво, со обид на нарушување на преговорите, па со подбуцнување и бојкот на референдумот и на крај со, според ОЦЦРП, финансирање на насилни протести во Грција и С. Македонија преку Руско-грчкиот бизнисмен Иван Савидис. А, медиумите кои ја „перат“ руската пропаганда, исто така, објавија дека САД е виновен за немирите во Србија, Македонија и Грција.

Фото: vlada.mk
Спорот со Бугарија
Успешниот влез во НАТО алијансата, за жал, не се повтори со преговорите за влез во ЕУ. Главна кочница беше спорот со соседна Бугарија, чие вето за отпочнување на преговорите траеше две години. Слично како и кај другите горливи политички настани, вмешувањето на Русија беше документирано но овој пат ги „играше“ и двете страни. Русија тоа го правеше преку профилите и страниците на своите амбасади на социјалните мрежи со тоа што одбележува годишнини од историски личности во обид да се придобие јавноста, додека истовремено се зголемува раздорот и се отежнува разрешувањето на спорот со Бугарија. А, многу слична тактика беше искористена и при прославувањето на светците Кирил и Методиј. Руската амбасада во Скопје им го честиташе на нашите граѓани празникот, опишувајќи ги како словенски просветители, а, амбасадата во Софија објави честитка во која ги опиша како бугарски просветители.
Почетокот на инвазијата во Украина, 2022
По манипулаторски наречената „специјална воена операција“, имаше стихија од дезинформации и пропагандо известување. Главно се проткајуваат неколку главни дезинформациски наративи: Украина е нацистичка земја, дека војната се води меѓу „елитите“ на Брисел и Вашингтон со обичниот народ на Русија, дека земјите членки на НАТО и ЕУ го имаат изгубено суверенитетот, дека под напад се трационалните руски вредности од модерниот Запад и други. Потоа, една од целите на големиот број дезинформации е и да ги преоптоварат проверувачите на факти (познати како „Operation Overload“).

Пансловенско и православно братство
Русија во текот на последната деценија играла на „пансловенската“ и „православната“ карта за побратимување со македонскиот народ. Овој вид на доближување е намерен обид од Кремљ да ја развива својата т.н. „мека моќ“, најмногу преку пропагандните мегафони на РТ и Спутник. Без разлика што и двата канали беа забранети на почетокот на војната (но, сега се повторно достапни), тие својата цел ја постигнаа – да влејат доволно сомнеж во македонската публика за целите војната.
Во таа насока, во мај од оваа година се спроведе регионално истражување на јавно мислење во однос на војната на Украина и токму таму може да се види влијанието на руската пропагандна рака врз граѓаните на С. Македонија. Поточно, јавното мислење е значително поделено по двете клични прашања: кој е виновен за војната и која страна ја поддржуваат во воениот конфликт. За првото прашање 17 отсто од граѓаните одговориле дека одговорноста е на Русија, наспроти 27 отсто кои го обвинуваат Западот. А, дури 54 отсто одговориле дека не ја поддржуваат ниту Русија, ниту Украина. Од оние што поддржуваат една од страните, во скоро иста мера колку што ја ја поддржуваат Русија (19 отсто), толку и Украина (18 отсто).
За разлика од овие, мислењата на граѓаните на Србија на една страна и Албанија на друга страна се недвосмислено про-руски и про-укаински. Руската православна црква, исто така, беше искористена за вршење влијание во нашата држава со тоа што врбуваше митрополити да работат за руските служби. Заради ваквите активности, некои од нивните агенти добија забрана за влез во државата.
Храната како алатка за ширење дезинформации и вршење притисок
Уште од почетокот на руската инвазија на Украина, владата на премиерот Димитар Ковачевски недвосмислено застана и даде подршка на Украина. Оваа подршка тогашната Влада ја проследи и со санкции кон Русија. Како реакција на ова, Русија го забрани увозот на ресенските јаболка. А, речиси ист ваков економски притисок доживеа Еквадор кога САД им понуди да им ги замени старите советски оружја со современа опрема – стратешки потег детално опшиано во анализата на Вистиномер. Но, храната исто така се користи за да се поткопа довербата во ЕУ. Односно, заради овој вектор на дезинформации, граѓаните веруваат дека „декадентниот Запад“ сака да ги уништи мали произведувачи и традиционалниот начин на произведување и дека ќе ни биде наметнато да јадаеме синтетско месо или инсекти.
Изборите во т.н. „супер изборна“ година
Оваа (2024) година е наречена супер изборна година бидејќи во повеќе од 60 земји се спроведоа или ќе се спроведат еден или друг тип на избори. Кај нас се спроведоа претседателските и парламентарните и истите беа детално следени од порталот Спутник. Како што пишува во анализата на Вистиномер, дека државата била под притисок од две страни: од Западот и од Албанија. Нереток се случуваше и да подгреваат меѓуетничките тензии со анти-албански пораки или со тоа дека Албанците ќе одлучуваат за цела држава. Слично, во пресрет на изборите за Европскиот парламент, анти-ЕУ дезинформациите беа најбројни, а кон ова се осврна и евроамбасадорот Дејвид Гир дека дезинформации ја поткопуваат довербата на јавноста во демократските процеси и кредибилноста на самите избори.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар