Преговорите за нови амбасадори се почнати, столчињата сè уште празни

МНР и Вила Водно Фото: Принтскрин колаж

 

Отпочнување консултации со Претседателот на Република Македонија за пополнување на упразнетите места во дипломатските претставништва.

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето за отпочнување консултации со Претседателот на државата за пополнување на испразнетите места во дипломатските претставништва на Македонија е ветување на Владата содржано во нејзиниот План за работа „3-6-9“ (стр.3). Ова ветување е дел од настојувањето на Владата да обезбеди соработка со Претседателот како и непречено функционирање на сите државни институции со целосно почитување на дефинираните уставни и законски обврски и нивни надлежности. Консултациите со шефот на државата се отпочнати, но конкретни резултати сè уште нема.

Во Фактографскиот преглед на статусот на имплементацијата на мерките предвидени во Планот „3-6-9“ (стр.7) е наведено само дека „консултации со Претседателот на Република Македонија за пополнување на упразнетите места во дипломатските претставништва се започнати. Остварени се неколку средби“.

Информации за отпочнати преговори и консултации меѓу министерот за надворешни работи и Претседателот има и во дел од медиумите, но конкретни информации за постигнат договор за некое амбасадорско место, досега не се објавени. Имено, на 26.09.2017 година, порталот Сдк.мк информираше дека Димитров ги почнал преговорите со Иванов.

Започнати се иницијални консултации со претседателот на државата Ѓорге Иванов за пополнување на испразнетите амбасадорски места во македонските дипломатско-конзуларни претставништва (ДКП). Ставот на МНР е испразнетите места да се пополнат што е можно повеќе од професионалците вработени во министерството“, велат од МНР и додаваат дека приоритет за пополнување се амбасадорските места во Брисел, Лондон и во Париз.

Потврда за ова имало и од кабинетот на Иванов, но дополнителни информации не дале ниту МНР, ниту претседателскиот кабинет.

На 04.10.2017 година, Макфакс објави информација дека Иванов и Димитров постигнале договор за новиот амбасадор во ЕУ.

Точно е дека е сме во финална фаза за првата рунда пополнување на амбасадорски места на Република Македонија и во таа прва рунда е вклучена и нашата мисија во Европската Унија. Не би сакал сега, во оваа фаза, бидејќи формално постапката е во тек, да зборувам за конкретни имиња, но акцентот е ставен на кариерни дипломати – изјави Димитров.

На 09.11.2017 година, ТВ 21 пренесе изјава на министерот Димитров во која тој вели дека пополнувањето на празните амбасадорски столчиња е приоритет на Министерството за надворешни работи.

Апсолутно е приоритет, и правиме се што можеме и да ја пополниме мрежата што побрзо меѓутоа и да го подобриме процентот на кариерни дипломати бидејќи тука имавме една поразителна наследена ситуација, вели Димитров.

Еден месец подоцна, на 14.12.2017 година, порталот Мкд.мк, неофицијално, објави дека Иванов и Димитров се договориле за првата група од осум амбасадори.

Според неофицијалните информации, Иванов и Димитров се согласиле за амбасадорите кои треба да ги пополнат испразнетите места во Мисијата во ЕУ во Брисел, во Лондон, во Париз, Подгорица, во Берн во Швајцарија, Осло, Варшава и во Букурешт. Сите осуммина се дипломати од кариера од Министерството за надворешни работи и меѓу нив има неколку жени, а според извори од МНР, деновиве прво треба да поминат на седница на Влада, по што ќе почне процедурата за добивање агреман.

Оттогаш навака, Владата има одржано неколку седници, но за ниту една од нив, според она што е објавено на официјалната веб – страница на Владата, нема информација дека биле разгледани некакви предлози за пополнување на испразнетите амбасадорски места.

Од Министерството за надворешни работи, во изјава за „Вистиномер“ ги потврдија информациите дека се договорени неколку имиња за амбасадорски места и дека се чека зелено светло од Владата. Истовремено оттаму нагласија дека не сакаат да соопштуваат имиња, додека новите амбасадори не бидат именувани и официјално.

Според информациите од МНР, од вкупно 57 дипломатско-конзуларни претставништва колку што има Македонија, без Мисиите УНЕСКО и ФАО, во моментов, без амбасадори се 20, а во останатите 37 има 31 амбасадор и 6 генерални конзули. Освен 20-те испразнети амбасади, во првата половина од наредната година им истекува мандатот уште на 15 амбасадори и двајца генерални конзули.

Имајќи го предвид сето погоре, може да се заклучи дека ветувањето на Владата за отпочнување консултации со Претседателот за пополнување на упразнетите места во дипломатските претставништва на Македонија, е во тек.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Ана Анастасовска

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција