Преговорите за прекин на огнот во Украина повторно ги разгорија страстите на домашните дезинформатори

Фото: Markus Spiske на Unsplash

Расправијата меѓу претседателите Доналд Трамп и Володомир Зеленски во Белата куќа, како и условите на Владимир Путин за прекин на огнот, повторно ги разгореа страстите на редовните дезинформатори на македонските социјалните мрежи. Новоизбраниот државен секретар Марко Рубио и неговиот тим од Стејт департментот деновиве беа во Џеда, Саудиска Арабија, и го презентираа нивниот предлог. Но, во пресрет на договорот за прекин на огнот, повторно циркулираат старо-новите дезинформации против Зеленски, Украина, ЕУ и НАТО

Расправијата меѓу претседателите Доналд Трамп и Володомир Зеленски во Белата куќа, како и условите на Владимир Путин за прекин на огнот, повторно ги разгори страстите на редовните дезинформатори на македонските социјалните мрежи. Новоизбраниот државен секретар Марко Рубио и неговиот тим од Стејт департментот деновиве беа во Џеда, Саудиска Арабија, и го презентираа нивниот предлог. Но, во пресрет на договорот за прекин на огнот повторно циркулираат старо-новите дезинформации против Зеленски, Украина, ЕУ и НАТО

 

Пишува: Матеј Тројачанец

 

Војната во Украина влезе во четвртата година. Со илјадниците загинати (и на двете страни), милиони Украици иселени од државата, уништена инфраструктура со штета проценета над 170 милијарди долари, никој повеќе од Украинците не сака да има прекин на војната и последователен мировен договор. Но, примирје сè уште нема, преговорите се во тек, а вакуумот со информации се злоупотребува и се исполнува со измислици, лаги и  дезинформации. 

Расправијата меѓу претседателите Доналд Трамп и Володомир Зеленски во Белата куќа, како и условите на Владимир Путин за прекин на огнот, повторно ги разгореа страстите на редовните дезинформатори на македонските социјалните мрежи. Новоизбраниот државен секретар Марко Рубио и неговиот тим од Стејт департментот деновиве беа во Џеда, Саудиска Арабија и го презентираа нивниот предлог. Но, во пресрет на договорот за прекин на огнот, повторно циркулираат стари и нови дезинформации.

Уште пред почетокот на преговорите во Џеда, Вистиномер рецензираше повеќе објави (тука, тука, тука и тука) во кои се обвинуваше Украина дека е предводена од „нацисти и токсикомани“, дека била творба на САД и слично. Но, најавата и почетокот на преговорите дополнително ги поттикнаа редовните ширачи на дезинформации да ја засилат својата работа.

На пример, во оваа објава има мешавина на стари и нови дезинформации:

Зеленски нема легитимитет. Нема избори. Нема вистинска моќ – само марионета поддржана од глобалистичката воена машина. Сега, тој одбива каков било прекин на огнот што вклучува територијални отстапки, гарантирајќи дека крвопролевањето продолжува.

ЕВЕ ЈА ВИСТИНАТА:

Тој не сака мир – тој сака бескрајна војна.

Тој нема мандат – на украинскиот народ му беа одбиени изборите.

Неговите западни управувачи го користат за да го турнат НАТО во директен конфликт со Русија.

Како што веќе пишувавме на оваа тема мандатот на украинскиот претседател трае, бидејќи во услови на воена состојба во Украина не може да се одржат нови избори. Поточно, законски е забрането распишување на избори сѐ додека не се прекине воената состојба. Дополнително во новата објава се тврди дека Зеленски, не само што нема легитимитет, туку сака и бескрајна војна. Оваа ноторна невистина може да се провери  на страницата на Стејт департментот:

Украина изрази подготвеност да го прифати предлогот на САД за донесување итен, привремен 30-дневен прекин на огнот, кој може да се продолжи со заеднички договор на двете страни, а кој е предмет на прифаќање и истовремено спроведување од страна на Руската Федерација, пишува на страницата на Стеј департментот.

Ова е јасен и недвосмислен сигнал на Украина дека е подготвена да ја заврши војната. Русија е онаа што треба да го прифати предлогот на САД. Но, како што известуваат повеќе медиуми на Русија не ѝ се брза.

Не само тоа, туку и Путин се согласи за прекин на огнот во принцип, но тој кажа дека „има прашања за кои треба да разговараме, и мислам дека треба да разговараме за тоа со нашите американски колеги и партнери и, можеби, да се јавиме со претседателот Трамп и да разговараме за тоа со него.“  А, прашањата се околу состојбата во Курск, потоа дали Украина може да го злоупотреби привремениот прекин на огнот за мобилизација и регрупирање на трупите и добивање на нови оружја, но и за тоа како ќе се следи прекинот на огнот и кој ќе се погрижи двете страни да бидат доследни на договорот. 

Во друга објава се тврди дека за воопшто да почнат преговорите, Русија бара Украина целосно да се откаже од териториите кои се под руска окупација, дури и некои делови кои сè уште се под украинска контрола. Точно е дека Путин упатил барање за откажување на некои украински региони, но барањето е од минатата година. Откако се започнати преговорите, не се споменати териториите, како што пишуваат во американскиот Вашингтон пост:

Зеленски одамна нагласи дека Украина нема да ја предаде суверената територија, но неодамна се префрли на акцентот на безбедносните гаранции, а не на итно враќање на територијата.

Други две објави тврдат дека ЕУ и НАТО сакаат директна војна со Русија. Во првата објава, се повторува долгогодишната дезинформација дека „неонацисти и фашисти од ЕУ го преземаат Балканот и нè втурнуваат во војна“. Но, ЕУ никогаш не повикала на војна со Русија, а целта на ваквите паушални тврдења е само да се креира чувство на паника дека навистина може да има судир меѓу силите на ЕУ и НАТО со Русија.

Во втората објава, пак, се вмешуваат настаните во Романија и Калин Георгеску.

Европската Унија јасно стави до знаење: не им е грижа за демократијата. Не им е гајле што сака народот од која било нација. Тие се грижат само за одржување на контролата, за туркање на нивната воена агенда и за замолчување на секој што ќе се осмели да се спротивстави, пишува во објавата.

Се тврди дека тоа што романските власти му забранија на Георгеску повторно да се кандидира на претседателските избори оваа пролет,  е знак дека ЕУ ги менува лидерите кои „им застануваат на пат“ кон ставањето крај на војната во Украина. За подетален преглед на настаните во Букурешт може да прочитате во оваа анализа. Накратко, Романија како суверена држава има право да одлучува за својот изборен систем и правилата по кои ќе се водат изборните кампањи. Факт е дека ЕУ не наредила да му се забрани на Георгеску повторно да се кандидира, бидејќи сака да војува со Русија. Тоа го стори романската изборната комисија заради силни сомнежи дека тој и неговите најблиски соработници имале врски со Кремљ, но и заради тоа што тој навел дека воопшто немал изборни трошоци за време на изборната кампања.

И, додека се чека да се постигне и потпише мировен договор за Украина, дезинформациите продолжуваат да сеат сомнеж и страв во народот дека се спрема нова светска војна – нешто што Украина со помош на своите партнери се обидуваат да го избегнат.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција