Преку вирално видео се шират дезинформации дека САД се подготвувалe за ковид-19 уште пред повеќе од една година

Во рамките на својата програма за борба против дезинформациите и лажните вести, што на Балканот многу лесно ги минуваат границите и бргу осамнуваат во медиумите на друга држава и понекогаш и на друг јазик, „Мета.мк“ редовно пренесува што е актуелно кај сродните сервиси за проверка на фактите и борба против дезинформациите во регионот, односно од БиХ на север, до Грција на југ.

Босанско-херцеговскиот портал за борба против дезинформациите raskrinkavanje.ba одговори на видео пренесено на 16 јуни на Јутјуб канал и на Фејсбук-профил на извесна Марија Стојаковиќ, во кое се тврди дека владата на САД знаела за корона-пандемијата (односно, како што е напишано во насловот на видеото „пландемијата“) пред една година. Видеото што таа го објавила е всушност преведено видео на извесен Брајан Јанг, кој пред еден месец признал дека згрешил и дека тврдењата изнесени во видеото не се точни.

Видеото што босанско-херцеговскиот портал го анализира, односно она на Марија Стојаковиќ, во описот пишувало дека нуди доказ дека „американската влада знаела за ‘корона пландемијата’ една година претходно, дека елитата, што се поделила на добри и лоши момци игра своја претстава и го забавува народот, а парите на даночните обврзници се даваат на ММФ и на банкарскиот картел како помош поради лажираната пандемија што ја планирале една година претходно“.

Во видеото непознат маж тврдел дека законот CARES (The Coronavirus Aid, Relief, and Economic Security Act), односно „Закон за помош и економска сигурност за коронавирусот“) бил подготвен минатата година. Но, тој закон е на сила од 27 март годинава, кога бил потпишан од претседателот на САД, Доналд Трамп, пишува босанско-херцеговскиот сервис.

Во видеото се тврди дека тој закон е поднесен во процедура уште на 24 јануари 2019 година, при што како „докази“ се приложуваат скриншотови од официјалните веб-сајтови на Конгресот на САД и на Белата Куќа.

Но ова тврдење  Ројтерс го оценил за невистинито уште на 7 мај годинава, објаснувајќи дека предлог-закон со архивски број H.R. 748 што подоцна ќе стане CARES Act навистина е предложен на 24 јануари 2019 во Претставничкиот дом, односно Долниот дом на Конгресот на САД, но тогаш не се викал така, ниту имал каква било врска со корона вирусот.

Името на предлог-законот било „Middle Class health Benefits Tax Repeal Act of 2019” (Закон за укинување на данокот за здравствена заштита на работниците од средната класа за 2019), односно не се однесувал на корона вирусот и помош за проблемите со него, туку за засилување на законот Affordable Care Act (Познат како “Obamacare”). Предлог-законот за кој се зборува во видеото бил усвоен од Претставничкиот дом на 17 јули 2019 година, и во него немало ниту една одредба поврзана со корона вирусот. Предлот-законот потоа бил ставен на дневен ред на Сенатот (Горниот дом на Конгресот на 22 јули 2019 г., со број 157, но дури на 20 март 2020 г. било предложено да продолжи претресот за него. Притоа, во март, сенатот го отстранил текстот на поднесениот предлог-закон, и во предлогот го ставил сега донесениот CARES Act, кој е изгласан на 25 март годинава. Потоа предлог-законот бил испратен на повторно разгледување во Претставничкиот дом, а два дена подоцна бил и изгласан, а во истиот ден и потпишан од претседателот на САД, Трамп.

Инаку, не е невообичаено Сенатот драстично да измени некој закон изгласан од Претставничкиот дом.

Raskrinkavanje.ba исто така посочува дека видеото што го превела Марија Стојаковиќ било првпат објавено на 4 мај годинава на Јутјуб каналот High Impact Vlogs, каде по неколку коментари од луѓето што го гледале дека станува збор за суштинска грешка (како што е напоменато погоре), авторот на видеото се извинил и ја признал грешката.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција