Преовладување на подобност пред квалитет во изборот за државен јавен обвинител е ризик

Обвинителката Ленче Ристоска. Фото: Мета/архива

Имајќи ја предвид  нетрпеливоста од страна на премиерот и владејачката партија кон обвинителката Ристоска – кандидатка за државен јавен обвинител – нејзиното суштинско исклучување од натамошна постапката во Владата со изјава на Мицкоски, не може да се разбере поинаку отколку суштинска јавна порака дека преовладува подобноста пред квалитетот.

Имајќи ја предвид  нетрпеливоста од страна на премиерот и владејачката партија кон обвинителката Ристоска – кандидатка за државен јавен обвинител – нејзиното суштинско исклучување од натамошна постапката во Владата со изјава на Мицкоски, не може да се разбере поинаку отколку суштинска јавна порака дека преовладува подобноста пред квалитетот

 

Кандидатката за државен јавен обвинител Ленче Ристоска во изјава предупреди дека процесот може да биде компромитиран поради нејзиното исклучување од игра искажано од претседателот на Владата Христијан Мицкоски:

Кога кандидат однапред се исклучува без анализа на неговата програма и професионален пат, тоа отвора прашања за природата на критериумите што се применуваат. Уверена сум дека избор од вакво значење мора да биде заснован на квалитет, а не на подобност.

Професионалците во системот мора да знаат дека нивниот труд и стручност се единствената валута што треба да одлучува. Во спротивно, ризикуваме да испратиме порака дека без разлика на компетентноста, подобноста е примарна — а тоа не е патот по кој треба да се движи едно демократско општество, се наведува во реакцијата на Ристоска.

[Извор: Тајм.мк/Инфомакс – Л. Ристоска/реакција – датум: 20.01.2026]

 

Образложение:

Реакцијата на обвинителката Ленче Ристоска која е кандидатка за позицијата државен јавен обвинител дека процесот може да биде компромитиран поради фаворизирање или исклучување од страна на премиерот е точна и вистинита.

Ристоска е една од четирите кандидати за кои, по пријава на конкурс, Советот на јавни обвинители им даде зелено светло за натамошната процедура. Според законот, писмените образложенија на Советот за кандидатите заедно со друга документација што ќе биде приложена се испраќа до Владата на РСМ, по што оттаму предлогот на Владата за еден кандидат се испраќа до Собраниетото, кое со мнозинство од 61 глас го назначува новиот државен обвинител.

Проблемот е што премиерот во вчерашно тв интервју де факто ја исклучи Ристоска од натамошната трка уште пред да заврши процедурата во Владата.

На првото прашање околу одлуката на Советот на ЈО и имињата на кандидатите Мицкоски одговори коректно дека се уште го нема добиено записникот и документот од Советот:

Да зборуваме врз основа на документи и на факти, сепак сум претседател на Влада не можам да изнесувам свои лични ставови. Да ги добиеме записниците и тогаш ќе се произнесеме, (извор 360 Степени).

На дополнително прашање дали сите четворица кандидати, вклучително и Ленче Ристоска се во игра, тука Мицкоски одговори политички некоректно:

Апсолутно не се сите во игра. Мојот став поврзан со тоа име е апсолутно дека тоа име не е во игра… (извор тука).

Вистина е дека тој има некаква ограда, „мојот став“, но со оглед на функцијата и со оглед на контекстот, сосема е јасно дека и пред формално завршување на процедурата, Ристоска суштински е исклучена од натамошната постапка.

Причините за јавноста се сосема јасни. Анимозитетот кон Ристоска се должи на тоа што таа беше дел од обвинителите на поранешното СЈО и застапуваше предмети против поединци или против политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, а во моментот се уште активен предмет е „Талир“. И претходните изјави на Мицкоски уште од минатата година и вчерашната, вклучително и денешното соопштение на неговата партија, се сведоштво за „неподобноста“ на Ристоска за оваа функција.

А бидејќи за секоја функција, сите политички гарнитури, вклучувајќи ја и сега владејачката ВМРО-ДПМНЕ од секогаш се залагале за почитување на системот на заслуги, тогаш реакцијата на Ристоска дека со вчерашната изјава на Мицкоски ризикуваме да испратиме порака дека без разлика на компетентноста, подобноста е примарна — а тоа не е патот по кој треба да се движи едно демократско општество“, е вистина.

 

Извори:

 

Оцени: Теофил Блажевски

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција