Преспанскиот договор и македонскиот идентитет (II дел)

Фото: vlada.mk

Како и колку е заштитен македонскиот идентитет во Преспанскиот договор и можно ли е негово поништување во Обединетите нации, или, пак, од некоја идна власт во земјава?

 

Пишува: Љубомир Костовски

 

ШТО ПРЕДВИДУВА ДОГОВОРОТ ОД ПРЕСПА

Лидерот на СДСМ и во тоа време преимер, Зоран Заев, образложувајќи ги четирите амандмани пред собраниската Комисија за уставни прашања (07.11.2018), кажа дека со амандманот (33) се додава придавката „Северна“ пред Македонија и името на државата гласи: „Република Северна Македонија“. Вториот амандман (34) се однесува на почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет на соседните држави, третиот амандман (35) предвидува гаранции дека границите со соседите се трајни и непроменливи, а четвртиот амандман (36), го штити и негува историското и културното наследство и го заштитува трајно идентитетот.

Заев, во образложението на амандманите, потенцираше дека АСНОМ не се брише од Преамбулата и се споменува два пати. Реплицирајќи им на критичарите, тој рече дека со ваквите уставни корекции не се менува идентитетот и тој останува македонски.

Дека е тоа така може да се види ако се погледне соджината на Договорот со кој се решава повеќедеценискиот спор за името, кој беше ратификуван и во Собранието. Во овој документ, со кој новото име на државата е „Република Северна Македонија“ за севкупна употреба со превод на сите јазици, нема ниту една одредба со која се загрозуваат македонскиот идентитет и македонската посебност, ниту, пак, се бришат термините „Македонија“ и „македонски“.

Напротив, со членот 7 (став 3) од Договорот се гарантира македонскиот идентитет и правото да се определуваме како Македонци.

Во однос на Втората страна, овие термини („Македонија“ и „македонски“ , н.з.) ја означуваат нејзината територија, јазик, народ и нивните одлики, со нивната сопствена историја, култура, и наследство, кои се особено различни од оние кои се наведени во член 7, став (2).

Согласно Договорот од Преспа термините: Македонец, македонска, македонски, се трајно заштитени и никој повеќе нема да може да ги негира или оспорува. Притоа, во име на интеграцијата на Македонија во НАТО и ЕУ, Заев, пред Уставната комисија барајќи поддршка од сите пратеници, нагласи:

Амандман 36. Со овој амандман ќе се преформулира сегашниот член 49 и во него ќе стои дека Република Македонија го штити, гарантира и негува историското и културното наследство на македонскиот народ.

Со новата формулација на член 49 се даваат гаранции за заштита на македонскиот идентитет. Идентитетот на македонскиот народ е заштитен. Нема да има никакви промени во идентитетот. Се внесува обврска во Уставот за заштита и негување на македонскиот идентитет. (Заев)

 

ШТО ВЕЛИ ОПОЗИЦИЈАТА

Македонската опозиција  и пред потпишување на Договорот, а и потоа, постојано потенцира дека со прифаќањето официјално и уставно име на државата да биде Република Северна Македонија, и тоа ерга омнес (и за внатрешна употреба), имплицитно се загрозува постоењето на македонската нација (губење на националниот идентитет), на македонската држава под името под кое досега била позната и создава услови за појава на некој нов државно-национален хибрид. Притоа, според опозицијата, огромна доза на конфузија и нејасност предизвикува и толкувањето на терминот „nationality“, односно дали терминот „националност“ кај втората страна, дефинирано во членот 1(3)б од спогодбата како „македонско/граѓанин на Република Северна Македонија“ се однесува исклучиво на државјанството, во смисла на поседување на патна исправа, или, пак, на националниот (етничкиот) идентитет на најголемиот дел од граѓаните на државата.

Значи, опозицијата во земјава не само што работеше против потпишувањето на Договорот, туку целата енергија ја посвети на неговото бламирање и прикажување како напуштање на македонскиот идентититет и трајно губење на вредности врзани за чувствата за припадност на нацијата.

Според оцените и забелешките што изминатиот период се пласираа во домашната јавност, има лица кои сметаат дека речиси со секој член во првиот дел од Договорот т.е. од првиот до осмиот член, се прави рестрикција на државниот, националниот, институционалниот, историскиот идентитет и суверенитет на Македонија.

Па така, се тврди дека освен недореченостите што остануваат со дефинирањето на државјанството како македонско/граѓанин на Република Северна Македонија, со една од одредбите се предвидува и ограничување на правото на културното наследство, откажување од малцинствата, а предвидена е (и веќе работи) комисија за „усогласување историски, археолошки и образовни прашања“, со што, всушност, ќе се ревидира историјата (односно историските учебници) на Северна Македонија.

Отпорот кон Договорот беше придружуван и со добро осмислена и очигледно богато спонзорирана продукција на дезинформации дистрибуирани преку социјалните мрежи и дел од електронските медиуми во земјата. Оваа состојба повеќекратно се влоши во периодот на спроведувањето на Референдумот што се одржа на 30 септември 2018 година. Поради негативниот однос на опозицијата, но и како последица од црната кампања што имаше цел да го исплаши и пасивизира умереното и прозападно ориентираното мнозинство граѓани во земјата,  на референдумот не беше усвоена  одлуката бидејќи на гласањето не излегоа  повеќе од половината од вкупниот број граѓани запишани во Избирачкиот список (1.806.336). Излезноста, според ДИК,  беше 36,91 проценти (гласале 666.743 граѓани), а на референдумското прашање: „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“, „за“ гласале 91,46 проценти или 609.813 граѓани, „против“ се изјасниле 5,65 проценти или 37.700 граѓани,  а 19.221 или 2,89 проценти беа неважечки ливчиња.

 

ДОГОВОРОТ И ИДЕНТИТЕТОТ

Тензиите и негативната реторика кон Договорот продолжија и по завршувањето на референдумот, а како што забележа во својата анализа: „За идентитетите, од сите аспекти, без задршка“ (11.01.2019),новинарот Џабир Дерала:

Поради сево ова, македонското општество останува длабоко поделено по етнички, верски и политички линии, каде антизападниот сентимент се шири преку говор на омраза и лажни вести, а неретко и со директно насилство.

Според него:

Следните генерации на политички лидери ќе мораат да вложат големи напори да ги надминат последиците и состојбите што не секогаш се видливи, а се дел од општественото, културното и политичкото битисување. Тоа подразбира решителна и долгорочна борба против растечкиот национализам и етничките, верските и политичките поделби. Македонското општество мора да препознае дека растечките антизападни и проруски сентименти и политичко дејствување тешко ќе го оштетат концептот на мултикултурализам за кој во овој период општеството и политичкиот естаблишмент покажува волја да го спроведе во пракса.

Интересно е излагањето на Мирјана Најчевска (17.06.2020) по повод релациите меѓу идентитетот и Преспанскиот договор низ еден современ ракурс. Идентитетот во Македонија во изминатите години најчесто се поврзува со она што се нарекува етнички идентитет, нешто помалку – религиозен идентитет, со идентитет на припадност кон државата, меѓутоа, најмалку од сè, кога се зборува за идентитетот, се зборува за граѓанскиот идентитет, за индивидуалниот идентитет…

Тој идентитет не е хомогена категорија. Напротив, тоа е идентитет што е составен од повеќе видови на идентитети кои го сочинуваат она што претставува идентитет на одредена индивидуа. Не само што постојат поголем број идентитети, туку мора да ги сфатиме и во нивната променливост, во нивната флексибилност. Во одреден момент еден човек може да има еден идентитет, во друг момент може да има друг идентитет, во еден момент може да му е доминантен еден, а во друг момент, да му е доминантен друг идентитет… На пример, за одредена работа, јас како човек можам да се идентификувам со мојата професија, можам да се идентификувам како правник… За друга работа, можам да се идентификувам со некој мој интерес, на пример, заштита на животната средина или заштита на човековите права, што, исто така, претставува идентитетска определба. Во трет момент, можам да се идентификувам со нешто сосема друго. Со она што претставува идентитет на мајка, идентитет на сопруга и слично… Хомогенизирањето што се направи во последните години и поставувањето на идентитетот единствено во корелација со етницитетот, ги избриша сите овие останати можности. И, всушност, ги вкалапи луѓето – да мора да се препознаваат себеси само преку тој еден, етнички или национален идентитет.

Зошто е важен Преспанскиот договор за сето ова? Прво, заради тоа што го урива единственото и хомогено идентификување на луѓето со етницитетот. Второ, затоа што отвора простор за градење на новите идентитети, нешто што во одреден момент ни било запрено, па дури и забрането! Трето, отвора можност за комуникација на едно друго ниво, културна комуникација, образовна, политичка и економска комуникација со луѓе со кои, на некој начин, цело време сме имале бариера токму заради поставувањето на тој еден единствен, хомоген, етнички ориентиран идентитет, смета Најчевска.

 

ДАЛИ МОЖЕ ДА СЕ ОСПОРИ ДОГОВОРОТ ОД ПРЕСПА ОД НЕКОЈА ОД ПОСТОЈАНИТЕ ЧЛЕНКИ НА СОВЕТОТ ЗА БЕЗБЕДНОСТ ПРИ ОБЕДИНЕТИТЕ НАЦИИ?

Иако, едно од толкувањата на Договорот од Преспа е дека од Советот за безбедност и од генералниот секретар на ОН само се бара да го потврдат неговото стапување во сила, сепак, секогаш останува отворена можноста постојаните земји-членки во Советот за безбедност при ОН (а и некоја од мандатните членки) да отворат и дискусија за некое прашање или договор што треба да го разгледаат. Постојани членки на Советот за безбедност на ОН се: Велика Британија, Кина, Русија, САД и Франција. Од Русија, во неколку наврати и од највисокото ниво доаѓаа изјави дека „ќе имаат што да кажат“ за Договорот од Преспа на Советот за безбедност на ОН.

Во таа насока и идните потези и мерки на Русија и можеби на Народна Република Кина, држави кои се членки на Советот на безбедност и нѐ признале под уставното име, остануваат енигма. Од друга страна, САД, кои, исто така, нѐ имаат признаено под уставното име, како Република Македонија, подоцна застанаа со целосна поддршка за договорот од Преспа.

Една источна држава рече дека не се согласува со Преспанскиот договор и дека ќе бара Советот за безбедност на ОН да го разгледа можниот конечен договор за името на Македонијa. Но таа држава нема правна аргументација за тоа, одговори  Заев од собраниската говорница на пленарната собраниска седница на 1 декември 2019 година, на забелешката од опозицијата дека Русија ќе предложи Советот за безбедност на ОН да го разгледа можниот конечен договор за името на Македонијa. 

Таа држава нема правна аргументација. Четири од пет членки на Советот за безбедност го кажаа својот став по прашањето за договорот меѓу двете држави, рече Заев , на почетокот од втората фаза од постапката за уставните измени, согласно Преспанскиот договор.

Поводот за овој коментар јасно покажува кон каде се завртени погледите на домашната опозиција во нивниот јасен отпор во прозападната ориентација на земјата.

 

 

ДАЛИ ЌЕ МОЖЕ МАКЕДОНИЈА ВО ИДНИНА ДА ЈА ПОНИШТИ СПОГОДБАТА ОД ПРЕСПА, ПРИ ЕВЕНТУАЛНА ПРОМЕНА НА ВЛАСТА?

Во однос на ова прашање изминатиот период имаше редица ставови на политичари, правници и аналитичари. За лидерот на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, Христјан Мицкоски, ниту еден процес во историјата не е еднонасочен, а искуството покажало дека некои процеси биле и реверзибилни.

Во однос на правната можност за оспорување на спогодбата беше пласиран ставот дека Македонија може да се повика на Виенската конвенција за договорно право, која се потпира на принципите на меѓународното право, внесени во Повелбата на Обединетите нации. Таму се обработува и се одредува  можност за поништување, згаснување и прекин на примена на договорите. Вториот дел од Виенската конвенција, пак, од членот 43 до членот 72, се однесува токму на постапката и последиците од поништување, згаснување и прекин на примена на договорите. И Македонија и Грција се потписнички на Виенската конвенција.

Неприфаќањето и нестапувањето во сила на Договорот од Преспа би можело да има длабоки па дури и опасни последици, оценува специјалниот пратеник на ОН во разговорите меѓу Скопје и Атина за прашањето за името, Метју Нимиц, во интервју за грчката новинска агенција АНА-МПА.

Нов договор и „брзо решение“, ако не успее Преспанскиот, не се можни, а двете страни веројатно ќе се повлечат и од многу прашања кои веќе се договорени. Тоа може да предизвика различни сценарија од кои некои ќе имаат и сериозни последици – вели Нимиц.

Евентуалниот нов договор меѓу Скопје и Атина, според него, би траел со години, а не со месеци, бидејќи сите прашања, вклучувајќи го и името за севкупна употреба – ерга омнес ќе бидат вратени на почетна позиција, а веројатно ќе има и различен политички моментум во двете земји, како и промени во регионалната и глобалната политичка сцена.

Договор конечно беше постигнат по долгогодишни интензивни и тешки разговори и преговори, бидејќи секоја страна веруваше дека успеала да ги постигне суштинските елементи од своите национални интереси, со разбирање дека договорот ќе донесе мир, стабилност и пријателство, наместо продолжување на конфликтот – вели Нимиц.

Прашан дали во Обединетите нации јазикот ќе биде признат „македонски“, Нимиц посочува дека во официјалната листа на земји, вклучувајќи ги и јазиците, која е подготвена од Групата експерти на ОН за географски имиња (UNGEGN), земјата е напишана „поранешна југословенска Република Македонија“ со референца „македонски“ (mk: Macedonian).

Метју Нимиц додава дека и на неформална основа, ако некој пристапи на „Гугл транслејт,“ кој е широко распорстранета он-лајн алатка, македонскиот е еден од јазиците на кои може да се пребарува и преведува.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција