Преспанското јаболко меѓу реализацијата и предизборните ветувања на градоначалникот на Ресен

Ivar Leidus, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Иако градоначалникот Јован Тозиевски го вбројуваше преспанското јаболко меѓу приоритетите на неговата предизборна програма, овој земјоделски производ го нема во неодамнешниот извештај за неговата тригодишна работа на чело на Општина Ресен. Понатаму, брендирањето на преспанското јаболко практично веќе било завршена работа кога тој го нотирал како предизборно ветување, а грижа за пласман на земјоделските производи водела и претходната влада, која реализирала нов откупно-дистрибутивен центар во Ресен.

Иако градоначалникот Јован Тозиевски го вбројуваше преспанското јаболко меѓу приоритетите на неговата предизборна програма, овој земјоделски производ го нема во неодамнешниот извештај за неговата тригодишна работа на чело на Општина Ресен. Понатаму, брендирањето на преспанското јаболко практично веќе било завршена работа кога тој го нотирал како предизборно ветување, а грижа за пласман на земјоделските производи водела и претходната влада, која реализирала нов откупно-дистрибутивен центар во Ресен

 

Во предизборната програма за локалните избори што се одржаа на 17 октомври 2021 година, кандидатот за градоначалник на општина Ресен од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“, Јован Тозиевски, меѓу другите ветувања од програмската платформа „Гарантираме – Создади нова иднина“ (стр.69) ветува дека ќе се заложи за остварување на партиската визија за Ресен и Преспа, во кои спаѓа и модерно земјоделие со брендирано преспанско јаболко:

ЈАБОЛКОТО ВО ЛАНЕЦОТ НА ЦИРКУЛАРНАТА ЕКОНОМИЈА:

Изградба и отпочнување со работа на нови стопански комплекси за откуп, складирање, преработка и дистрибуција на земјоделски производи во соработка со новата Влада на РМ; приватни компании и донатори. Развој на индустрија базирана на јаболкото со здружување на локалните, националните ресурси, соработка со европски овоштарски региони и користење на светска експертиза унапредување на производството, преработка на јаболкото, негова подобра промоција и пласман;

Извор на финансирање: Буџет на општината, меѓународни финансиски институции во соработка со централната власт.

Рок на реализација: 2024 година.

[Извор: Платформа „Гарантираме за Ресен – Создади нова иднина“(стр.69); датум: 17.10.2021]

 

Образложение:

Јован Тозиевски по одржување на вториот круг локални избори, кој се одржа на 31 октомври 2021 година, стана градоначалник на Ресен, а ВМРО-ДПМНЕ по спроведените парламентарните избори на 8 мај 2024 ја формираше актуелната Влада на С. Македонија. Тозиевски на прес-конференција одржана во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ на 13.12.2024 поднесе извештај за неговата тригодишна работа на чело на Општина Ресен.

На прес-конференцијата истакна дека општината под негово водство реализирала над 110 проекти, но и дека останува уште многу да се направи за Преспа.

И затоа за 2025 година го имаме еден од најразвојните буџети на општината… Ова не е крај, туку е почеток на едно ново поглавје за Ресен и Преспа, истакна меѓу другото Тозиевски.

Како што може да се забележи од своевидниот рапорт на Тозиевски за трите изминати години од неговиот градоначалнички мандат, таму преспанското јаболко не е споменато, иако тоа имаше значајно место во неговата предизборна програма. Тука спаѓаат и следните иницијативи запишани во програмата:

ИНИЦИЈАТИВА И ПОДГОТВИТЕЛНИ АКТИВНОСТИ ЗА ОСНОВАЊЕ НА ИНСТИТУТ ЗА ОВОШТАРСТВО ВО РЕСЕН

Иницијатива и почетни активности за основање на институт за преспанското јаболко, со конкретна програма за работа во која помеѓу другото ќе се предвиди поддршка во осовременување на работата на агрохемиската и педолошка лабораторија во Ресен и поддршка на мрежата од агрометереолошки станици поврзани со софтвер на база со секој земјоделец (корисник) и советодавна служба. Извор на финансирање: Буџет на општината, меѓународни финансиски институции во соработка со централната власт. Рок на реализација: 2024 година.

ПОДДРШКА НА ИЗГРАДБА НА ДВА НОВИ ОТКУПНИ ЦЕНТРИ ЗА ОВОШЈЕ

Поддршка за изградба на два нови откупни центри со капацитет од над 3000 тони овошје. Давање на специјални поволности за изградба на откупувачки и преработувачки капацитети за зеленчук и овошје, како на пример, ослободување на комуналии за градба и други трошоци кои би ги имале при изградбата на капацитетите. Извор на финансирање: Буџет на општината, меѓународни финансиски институции во соработка со централната власт. Рок на реализација: 2025 година.

Да тргнеме по ред. Брендирањето на преспанското јаболко е процесирано преку елаборат изготвен во април 2021 година (непосредно пред одржувањето на локалните избори во октомври 2021), а реализирано минатата година од страна на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) со заштитена географска ознака „Преспанско јаболко“ за потврда на автентичност. Тогаш беше соопштено дека 17 производители на праспанско јаболко, кои успешно ја поминале верификацијата, ќе можат непречено да го користат заштитениот географски назив „Преспанско јаболко“. Патем, нивните решенија  се потпишани од министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.

Со заштитата на „Преспанско јаболко“, географскиот назив се заштитува од имитација, злоупотреба и лажно декларирање. Всушност се заштитува угледот и автентичноста на овој производ. Потрошувачите кои ќе видат производ јаболко што ја носи оваа ознака, можат да бидат сигурни дека ќе консумираат автентиечен производ. Однопсно производ од Преспанскиот регион со загарантиран квалитет, соопшти МЗШВ на 17.03.2023.

Како што може да се забележи, процесот на брендирање на преспанското јаболко технички (со детален елаборат) веќе бил завршен, а потоа и финализиран од МЗШВ.

Но, од друга страна, во документите за економскиот развој на Општина Ресен нема никакви назнаки за тоа што градоначалникот Тозиевски го именува како „развој на индустрија базирана на јаболкото“. Ниту, пак, може да стане збор за „изградба и отпочнување со работа на нови стопански комплекси за откуп, складирање, преработка и дистрибуција на земјоделски производи во соработка со новата Влада на РМ“, бидејќи иако таа „нова Влада на РМ“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ функционира веќе седум месеци, сигурниот пласман на земјоделските производи (вклучително и јаболката) е поткрепен со два нови откупно-дистрибутивни центри по европски стандарди кои се отворени во Ресен (и Струмица) пред точно една година. Или, не била потребна „нова Влада на РМ“ – секако дека се мисли на актуелната предводена од ВМРО-ДПМНЕ, од чии редови доаѓа градоначалникот Тозиевски – за да биде обезбедена грижата за пласман на домашните земјоделски производи.

Пласманот на земјоделските производи од Ресен (и целата земја) е еден од клучните елементи за развојот на земјоделската индустрија како циркуларна економија – која со задржување на производите, опремата и инфраструктурата во употреба подолго време, ја подобрува продуктивноста на овие ресурси – па е потребно постојано надоградување на капацитетите за откуп и пласман на преспанските јаболка.

Според сето изнесено погоре, можеме да заклучиме дека ветувањето на градоначалникот Тозиевски за развој на индустрија базирана на јаболкото е недоследно, бидејќи во реалноста веќе било планирано, подоцна и реализирано од претходната, а не од „новата Влада на РМ“.

 

Извори:

 

Оцени: Стојан Синадинов

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција