Претседателот на Хрватска не е за излез од ЕУ и влез во БРИКС
Српскиот тик-токер Кајмак делија манипулира со фактот дека хрватскиот претседател Милановиќ често ја критикува ЕУ, па сугерира дека тој можеби ќе ја изнесе својата земја оттаму и ќе ја внесе во БРИКС, а една македонска фејсбук објава тоа го пренесува небаре сериозно се размислува за таков чекор.
Српскиот тик-токер Кајмак делија манипулира со фактот дека хрватскиот претседател Милановиќ често ја критикува ЕУ, па сугерира дека тој можеби ќе ја изнесе својата земја оттаму и ќе ја внесе во БРИКС, а една македонска фејсбук објава тоа го пренесува небаре сериозно се размислува за таков чекор. Ако е тоа така, за тоа би ечеле сите медиуми и на тоа би скокнале проевропските партии, кои имаат мнозинство во собранието на Хрватска, а и нејзиниот премиер Пленковиќ, но такво нешто не гледаме. Напротив, таа го зацврсти членството во ЕУ со влез во Еврозоната и Шенген зоната
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук, која вели:
ВАУ ВАУ ВАУ, ШОКАНТНА ВЕСТ ВО ЕУ!
ХРВАТСКА РАЗМИСЛУВА ДА ЈА НАПУШТИ ЕУ И ДА ПРИСТАПИ ВО ,,B R I C S”.
Се почесто се слуша и зборува Хрватска да ја напушти ЕУ и да влезе во БРИКС. Претседателот на Хрватска Зоран Милановиќ, како што пренесуваат хрватски агенции размислувал за тоа.Тој изјавил дека БРИКС е иднината на светот.
Таквата вест навистина би била шокантна и за тоа би ечеле сите европски, па и светски медиуми, но такво нешто не гледаме, што значи дека објавата е дезинформаторска и невистинита. Она што реално се случи е нешто сосема спротивно – не толку одамна, Хрватска го надгради и зацврсти своето членство во ЕУ, така што влезе во Еврозоната и Шенген зоната.
Објавата не е поткрепена со кредибилен извор, а е илустрирана со скриншот од клип на тик-токерот Кајмак делија. Тој има и јутјуб-канал, кај што читаме дека е од Србија, а таму има многу проруски пропагандисти, меѓу кои е и тој самиот. Во клипот тој гласно размислува како би било Хрватска да излезе од ЕУ и да влезе во БРИКС, што, наводно, е нешто позитивно, а и остварливо.
Тоа го темели врз фактот дека хрватскиот претседател Зоран Милановиќ често ја критикува ЕУ, дека донекаде се дистанцира од НАТО и дека е донекаде попустлив кон неговиот руски колега Владимир Путин, но тоа не е отидено дотаму Хрватска да размислува за излез од ЕУ и влез во БРИКС, што е претерување. Објавата што ја рецензираме тоа уште повеќе го „напумпала“, небаре во Хрватска веќе сериозно се размислува за таков чекор и небаре таа веќе „се пакува“.
Новинските агенции во Хрватска не јавиле за такво нешто, а не најдовме ни изјава на нејзиниот претседател дека „БРИКС е иднината на светот“ и дека тој веќе размислува за таа опција. И, дури и Милановиќ да е за таа опција, тој не е апсолутен владетел на Хрватска, па да прави што сака. Авторот на објавата е симпатизер на Путин, Лукашенко, Мадуро и такви авторитарни лидери, па мисли дека и Милановиќ може така да владее, но тоа нема врска со реалноста.
Во Хрватска нема авторитарен режим, па ако Милановиќ гласно размислувал за излез од ЕУ и влез во БРИКС, против тоа ќе скокнеле проевропските партии, кои имаат мнозинство во хрватското собрание, а и премиерот Андреј Пленковиќ, со кого Милановиќ е и онака во судир. Илузорно е дека Милановиќ можел јавно да сподели такви размислувања без никој да реагира.
Милановиќ само да „зуцне“ за таква идеја, собранието и премиерот ќе ја сосечат во старт. Со измените на Уставот на Хрватска од 2000 г., нејзиниот систем се промени од полупретседателски во парламентарен, со што се намали моќта на претседателот, а се зголеми онаа на собранието и премиерот, кои него можат да го блокираат. Но, за такви кавги не јавил ни еден сериозен медиум, што значи дека Милановиќ не споделил такви размислувања.
Кај најмоќните политичари во Хрватска нема идеи или консензус за излез од ЕУ, нема ни масовни демонстрации на граѓаните со кои тоа се бара, нема ни референдум каков што беше Брегзит во Британија, а камоли размислувања за влез во БРИКС, што е уште порадикално.
Таков радикален чекор не преземаат дури ни Виктор Орбан и Роберт Фицо, кои во ЕУ и НАТО важат за „црни овци“ и кои се доста наклонети кон Путин. Таков чекор не презеде ни Грција, која во даден период доста соработуваше со Путин и која има православни и историски врски со Русија. Такви врски со неа има и Србија, плус и словенски, но таа, сепак, не се откажува од официјалната кандидатура за ЕУ во полза на БРИКС. Па, како тоа наеднаш Хрватска станала толку проруска, што сака да излезе од ЕУ и да влезе во БРИКС? За тоа нема ни доказ, а ни логика.
Сепак, објавата која ја рецензираме успеала да доведе во заблуда некои читатели, кои прокоментирале (цитираме директно и без корекции):
Така треба !
Бравооо, честитки и среќно
Исправно размислување!
Умни политичари така размислуваат за иднината и просперитетот на својата држава и својот народ
Земајќи го предвид сето досега наведено, заклучуваме дека објавата е дефинитивно дезинформаторска, манипулативна и невистинита.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар