Претседателот не може да поништува закони и меѓународни договори, ниту пак, да распишува избори
Сите овие четири темелни определби се надвор од ингеренциите кои според Уставот го има претседателот на државата, така што тој нема механизми да интервенира онака како што Филип Петровски се залага во прогласот
Филип Петровски неодамна упати проглас со кој ги повикува граѓаните да ја поддржат неговата претседателска кандидатура и да го дадат својот потпис во подрачните канцеларии на Државната изборна комисија. Во оваа јавна објава тој ги наведува неговите темелни определби за кои ќе се залага доколку ги собере неопходните 10.000 потписи и ја добие довербата за иден претседател на државата, а во кои е искажана невистина.
- Поништување на Преспанскиот договор за промена на името
- Поништување на двојазичноста
- Враќање на државното уредување на Илинденските и Асномските принципи
- Распишување на вонредни парламентарни избори
[Извор: Проглас на Филип Петровски, датум: февруари-март 2019]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Сите овие четири темелни определби се надвор од ингеренциите, кои според Уставот го има претседателот на државата, така што тој нема механизми да интервенира онака како што Филип Петровски се залага во прогласот.
Преспанскиот договор, врз основа на кој се направени уставните измени и се смени името на државата е меѓународен договор, и претседателот на државата нема ингеренции да го менува или поништува. Согласно Член 118 од Уставот
Меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон.
Исто така, претседателот нема надлежност да го измени или поништи Законот за употреба на јазиците со кој албанскиот јазик станува втор службен јазик во државата, да го менува државното уредување, ниту пак, може да распише парламентарни избори. Измената на уставот и законите, како и распишувањето избори, се во исклучива надлежност на Собранието.
Сето ова може да се провери доколку се погледнат Правата и должности на Претседателот утврдени со Уставот. Така, на пример, прецизирано е дека Претседателот на Републиката е врховен командант на вооружените сили (член 79). Тој е и претседател на Советот за безбедност на Републиката и именува тројца од членовите на Советот (член 86). Во членот 84, пак, е наведено дека :
Претседателот на Република Македонија:
- го определува мандатот за состав на Владата на Република Македонија;
- ги поставува и ги отповикува со указ амбасадорите и пратениците на Република Македонија во странство;
- ги прима акредитивните и отповиковните писма на странските дипломатски претставници;
- предлага двајца судии на Уставниот суд на Република Македонија;
- предлага двајца членови на Судскиот совет на Република Македонија;
- именува тројца членови на Советот за безбедност на Република Македонија;
- именува и разрешува и други носители на државни и јавни функции утврдени со Уставот и со закон;
- доделува одликувања и признанија во согласност со закон;
- дава помилување во согласност со закон и
- врши други функции утврдени со Уставот.
Така што, очигледно е дека четирите заложби на Петровски во пракса не е возможно да се спроведат, што, пак, води кон тоа тие да бидат неостарливи, односно невистинити.
ИЗВОРИ:
- Проглас на Филип Петровски – [Пристапено на: 03.2019]
- Веб-страница на Собранието: УСТАВ [Пристапено на: 20.02 2019]
- Веб-страница на Претседателот: Права и должности на Претседателот утврдени со Уставот и законите [Пристапено на: 20.02 2019]
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар