Пријавите на несакани ефекти не се доказ за ризиците од вакцината

Самите агенции, кои управуваат со базите, јасно укажуваат дека податоците за смртност и несакани реакции од вакцините, наведени во постот што го рецензираме, воопшто не можат да се анализираат на начин на којшто тоа е направено. Пријавените смртни случаи, како и пријавите за несакани реакции, не значи дека се резултат или последица на вакцините против ковид-19. Само детална евалуација и научен пристап на целосните бази на податоци дозволуваат да се носат сеопфатни заклучоци за бенефитите и ризиците од некој лек или вакцина

 

Самите агенции, кои управуваат со базите, јасно укажуваат дека податоците за смртност и несакани реакции од вакцините, наведени во постот што го рецензираме, воопшто не можат да се анализираат на начин на којшто тоа е направено. Пријавените смртни случаи, како и пријавите за несакани реакции, не значи дека се резултат или последица на вакцините против ковид-19. Само детална евалуација и научен пристап на целосните бази на податоци дозволуваат да се носат сеопфатни заклучоци за бенефитите и ризиците од некој лек или вакцина

 

 

Во пост на Фејсбук, се прави преглед на пријавените смртни случаи по вакцинација, од ВАЕРС (американската база на пријавување), како и на онаа од Европа (базата на податоци EudraVigilance). Меѓутоа, со манипулативниот контекст кој е даден во овој пост, односно со испуштањето на некои клучни информации, се дезинформира јавноста.

Зошто?

Во првиот дел од постот се тврди дека на 8 мај, Европската агенција за лекови (ЕМА), користејќи ја базата на податоци EudraVigilance, која собира извештаи за сомнителни несакани реакции на лекови, вклучително и од вакцини, објавила извештај во кој:

До 8 мај 2021 година тие забележале 10.570 смртни случаи и 405.259 несакани реакции после инјектирањето на четирите експериментални вакцини против КОВИД-19.

Што е проблемот во ова тврдење?

Тоа што пријавените смртни случаи, како и несакани реакции, не значи дека се резултат или последица на вакцината, како што се тврди во постот.

 

Базата на податоци на ЕМА

Кога ќе се погледне гореспоменатата база на податоци, првото нешто што ќе го видите на веб-страницата е предупредувањето односно напомената дека:

Информациите во базата се однесуваат на суспектни несакани ефекти, односно медицински настани кои што биле опсервирани по користењето на некој лек, но коишто не мора да значи дека се поврзани или предизвикани од самиот лек.

Понатаму Европската агенција за лекови додава и дека:

Информациите за суспектните несакани ефекти не треба да се интерпретираат во контекст на тоа дека лекот или активната супстанца да ги предизвивкала или како тие да се небезбедни за употреба.

Оттаму додаваат дека:

Само детална евалуација и научен пристап на целосните бази на податоци дозволува да се носат сеопфатни заклучоци за бенефитите и ризиците од лекот.

Но, токму ваков сеопфатен заклучок, каков што ЕМА предупредува да не се носи, е направен во овој пост.

ЕМА ги објавува овие податоци за јавноста да има пристап до информации коишто европските регулаторни тела ги користат за да ја испитаат безбедноста на лек или активна супстанца, затоа што транспарентноста е водечки принцип на агенцијата.

 

Постот манипулира со податоците

Пред воопшто да пристапите до податоците на самата база на податоци за Европа, ве пречекува дисклејмер во којшто потврдувате дека ги разбирате следните работи:

  1. Дека информациите на сајтот не значат или не потврдуваат потенцијална поврзаност меѓу лекот и забележаниот несакан ефект.
  2. Дека во пријавите се рефлектирани опсервациите и мислењата на тој што пријавува. Само со дополнителен научен пристап И ДОЛГОРОЧЕН ПРОЦЕС НА КОНТИНУИРАН МОНИТОРИНГ може да се заклучи евентуална каузална врска меѓу лекот и ефектот. Во овој пристап се земаат предвид медицинските состојби на пациентот.
  3. Информациите во пријавите може да вклучуваат и веќе познати несакани ефекти веќе наведени во пакувањето и упатството за користење.
  4. Бројот на несакани ефекти во EudraVigilance не треба да биде база за одредување на веројатност колку често во иднина несаканиот ефект ќе се случува. Ова е затоа што случаите мора да се стават во контекст со други фактори како тоа КОЛКУ ЛУЃЕ ГО ПРИМИЛЕ ЛЕКОТ.
  5. Пријавите за несакани ефекти на EudraVigilance не се репрезент за сите достапни информации за бенефитите и ризиците од лекот и не треба изолирано да се користат за да се одлучува дали тоа е правилниот начин на третман на пациентот. Прво треба да се консултираат информациите за производот.
  6. И последно, со болдирани букви, наведено е дека пациентите не треба да престанат да го користат лекот или да го променат без да се консултираат со лекар или специјалист

Ама, овие информации во постот е пропуштено да се наведат со што комплетно погрешно е презентирана базата на податоци. Со оглед на тоа што со статистиката е многу лесно да се манипулира, забележливо е и тоа дека се наведени само пријавените несакани ефекти, меѓутоа во постот не е наведен вкупниот број на администрирани дози од вакцината против ковид. Не е наведен ниту бројот на смртни случаи и сериозни компликации од ковид-19.

 

Што значи пријавата во ВАЕРС?

Во постот што го рецензираме, спомената е и американската база на податоци за несакани ефекти по вакцината (ВАЕРС). И со оваа база на податоци приказната е иста.

Самата пријава на ВАЕРС, не е доказ дека вакцината ја предизвикала смртта. Можно е други болести, состојби, сообраќајки, канцер, итн. – буквално еден куп причини да предизвикаат смрт, откако вакцината е администрирана.

Портпаролката на Американската агенција за храна и лекови, Алисон Хант, за проверувачи на факти во САД изјавила дека:

Пријавените случаи на ВАЕРС се неверификувани извештаи, а тоа што некој ќе пријави несакан ефект на ВАЕРС не е документација дека вакцината го предизвикала ефектот.

Тоа што во постот не се кажува е дека самиот ВАЕРС систем наведува дека индивидуалните случаи кои се пријавени, не се потврдени. Системот, дополнително, не наведува дали и во кои случаи е потврдено дека смртта е резултат на самата вакцина, односно дека има причинско-последична врска меѓу вакцината и смртта. Лекарите во САД со закон се обврзани да ги пријавуваат сите несакани ефекти кои се појавуваат одреден период по вакцинацијата. Како што е наведено овде, секој може да поднесе извештај на ВАЕРС.

Во ова видео во 11 минута и 36 секунда е наведено:

Ограничувањата на ВАЕРС системот се тоа што нема невакцинирана група за споредба, не може да искалкулира колку често несаканите ефекти се случуваат, и генерално не може да утврди дали вакцината го предизвикала несаканиот ефект.

Кога ќе се земат предвид овие факти, коишто самите агенции за регистрирање на несакани ефекти и нивно анализирање ги наведуваат како информација за јавноста, сосема јасно станува дека податоците наведени во постот воопшто не можат да се анализираат на начин на којшто тоа е направено, бидејќи овие податоци не се за таква цел.

Во постот се тврди дека медиумите ги закопуваат важните факти наведени во овие системи, ама вистината е дека медиумите во случајов не учествуваат во погрешното презентирање на контекстот на овие податоци од системите. Постот што го рецензираме го оценуваме како пост во кој што е пропуштен контекстот.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција