Придржувањето до измислени медицински изреки може да има негативни последици за здравјето

Credit: Jay Bergesen/Flickr (https://creativecommons.org/licenses/by/2.0/)

Во рамките на својата програма за борба против дезинформациите и лажните вести, што на Балканот многу лесно ги минуваат границите и бргу осамнуваат во медиумите на друга држава и понекогаш и на друг јазик, „Мета.мк“ редовно пренесува што е актуелно кај сродните сервиси за проверка на фактите и борба против дезинформациите во регионот, односно од БиХ на север, до Грција на југ.

Во време на пандемија на ковид-19, една од главните мисли на луѓето е за нивното здравје. Притоа, во традиционалните медиуми и на интернет може да се прочитаат куп текстови или да се гледаат голем број ТВ прилози, но има и голем број објави на социјалните мрежи, за правилната исхрана како еден од начините за заштита на здравјето. Голем дел од нив се всушност манипулации од страна на медиумите, кои за жал можат да водат кон несакани последици. Така, редовно се цитира и една изрека што му се припишува на Хипократ, еден од татковците на медицината заснована на научни принципи – „Нека храната ти биде лек, а лекот – твоја храна“ (или некоја слична варијанта).

Но Хипократ не е човекот што ја изрекол таа мисла, пишува грчкиот сервис за борба против дезинформaциите ellinikahoaxes.gr.

Хипократ (460-377 пр. н.е) бил антички грчки лекар, и еден од основоположниците на модерната медицина, првата личност за која со сигурност може да се потврди дека отворил медицинско училиште. Пропагирал рационална медицина, дистанцирана од суеверијата, предрасудите и метафизички елементи, а акцент става на систематското проучување и клиничка медицина.

Како што пишува ellinikahoaxes.gr, нема списи што може со сигурност да потврдат дека авторот на оваа изрека е Хипократ. Античките списи што му се припишуваат, познати под името „Корпусот на Хипократ“ се 59 текстови напишани на јонски дијалект. Иако го носат неговото име, докажано е дека се дело на многу писатели. Датираат од времето на Хипократ па во следните векови и, иако сите покажуваат дека се инспирирани од ставовите на Хипократ, некогаш се разликуваат во некои погледи.

Покрај оваа збирка, има уште 24 писма и текстот „За манихејскиот говор“, но најголемиот дел од нив не се негово дело, односно се нешто што се нарекува „епистоларен роман“. Всушност, станува збор за фалсификати, со примеси на некои работи што му се припишуваат на Хипократ, како некои настани, но деталите и разговорите што се предадени во нив се измислени од вистинскиот автор.

Поради неможноста да се раздвојат фалсификатите од вистинските дела, најголемиот дел од проучувачите низ историјата ги нарекуваат дела на Хипократ, но сепак напоменуваат дека е тоа со голема резерва, пишува ellinikahoaxes.gr. На пример, расправата „За древната медицина“, што се смета за додаток на Корпусот, има четири различни категории на текст, што одат последователно:

-Подддршка за холистичко самолекување на пациентот
-Прифаќање интервентни практики, како празнење и третирање со спротивни нешта.
-Поддршка за категоризацијата на причините на болестите, заедно со нивното лекување – повторно преку користење спротивни нешта, а во голем дел игнорирајќи ја холистичката слика и само лекувањето
– Како последно, критика на третиот дел и поддршка на првиот дел.

И во сите тие текстови не се среќава изреката наведената на почетокот. Тоа било потврденo и во студија од 2013 година, кога д-р Диана Карденас го барала потеклото на оваа изрека. Со помош од професорот Жак Жуана, било потврдено дека изреката не постои во списите на Хипократ. Уште повеќе, професорот вели дека бидејќи диетата била голем дел од неговата медицинска практика, Хипократ никогаш не би кажал такво нешто како „Нека храната ти биде лек, а лекот – твоја храна“. Дополнително, и ellinikahoaxes.gr истражувал низ книги, и утврдил дека првпат изрека се појавува во 1927 година, во скратена форма, а во целосна форма во 1959 година.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција