Принтскрин не е доказ за предвидување на изборни резултати

Не мора да значи дека информацијата е точна само затоа што е пренесена од партиски функционер.

 

 

Пишува: Жаклина Цветковска

Целосно копиран текст, без никакво  редактирање или појаснување  од каде е обезбедена информацијата, е објавен на порталот dokazmakedonija.mk, со наслов „(ИНТЕРНА КОМУНИКАЦИЈА) Николовски во паника пред пораз“, кој му послужил на авторот за изнесување на генерален  заклучок за изборни резултати на една политичка опција.

Текстот во целост е пренесен од порталот lider.mk, каде во првиот пасус се наведува: „Економски лидер“ веќе подолго време има инфилтрирано свој човек во една од групите за комуникација за СДСМ“, но авторот не сметал за потребно да го наведе изворот на информацијата или да обезбеди линк до него, со што ги прекршил членовите 4 и 12 од Кодексот на новинарите на Македонија.

Порталот dokazmakedonija.mk, врз основа на само еден принтскрин на наводна телефонска комуникација од друг медиум, пренесува личен заклучок и генерална оценка за  изборната атмосфера во една политичка партија.

Но, дали принтскринот може да се смета за релевантен извор на информациите и колку е кредибилен за креирање на мислење во јавноста, особено за време на изборен молк и изборен процес?

Не е спорно дека новинарот има право да користи разни механизми за да дојде до вистината што е од јавен интерес, а со дигитализација на медиумскиот простор да се користат и нови профили на  докази обезбедени преку интернет комуникацијата. Меѓутоа, проблематично е што овие докази безрезервно и без дополнителна проверка и појаснување на контекстот во кој се одвиваат, се пренесуваат и се претставуваат како професионален новинарски стандард, како што е сторено во рецензираната објава. Посебно прашање, пак, е релевантноста и кредибилноста на „инфилтрираниот човек на Економски лидер“, кој ги обезбедил информациите.

Не може врз основа на само една интерна комуникација да се изнесува генерален став и да се влијае на мислењето на јавноста во чувствителни периоди, каков што е изборниот процес. Особено што и во самиот текст е наведено дека ова е само „една од групите за комуникација на СДСМ“, а никаде не е посочено што се пренесува во другите комуникации за да се изведе генерален заклучок за изборната сосотојба во една политичка партија.

Понатаму, во насловот авторот тврди дека е „Николовски во паника пред пораз“, потпкрепувајќи го својот личен заклучок врз основа на интерната комуникација за ангажирање на тимовите за поголема излезност на неопределените. Текстот е објавен во текот на изборниот ден, додека се уште трае гласачкиот процес, но авторот веќе „знаел“ дека одредена политичка партија ќе доживее пораз, наведувајќи ја јавноста на заклучок што во тој момент никако не можел да биде потврден.

Од друга страна, недозволиво и непримерно е новинар да коментира и прогнозира изборни резултати пред тие да бидат потврдени и објавени од официјални органи, со што е прекршен и членот 14 од Кодексот на новинарите.

И на крајот, не мора да значи дека информацијата е точна само затоа што е пренесена од партиски функционер. Новинарот не смее да прејудицира со заклучоци, се додека тие не бидат потврдени со факти од кредибилни извори.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.