Прислушувани разговори – сет 2: Џокер во судството – „Наш е човекот?“

СДСМ детонираше „бомба“ за корумпираните во судството. Фото: Скриншот

 

Македонското судство е ставено во „затвор“ создаден од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, па клучните одлуки наместо судиите, ги носат државните функционери – ова е, за жал, сижето на разговорите презентирани на втората прес-конференција.

 

Во овој сет снимки од прислушувани разговори, прв е разговорот на Гордана Јанкулоска и Михајло Маневски, во кој двајцата разговараат за пресуда за брат на „Лина од Судскиот совет“, која е „џокер“ на ВМРО-ДПМНЕ, при што се споменуваат проблеми кои ги направиле „Трајко и Јово“ по тоа прашање, бидејќи во Врховен суд ги поништиле и двете пресуди за човекот, и тоа преку ред. Маневски притоа вели дека нема да биде проблем новите судења во Основен суд и во Апелација да се „средат“, но повторно ќе се јави проблем во Врховниот суд. Соговорниците размислуваат и за тоа да побараат од Груевски да се вмеша за да се удоволи на барањето на Лина, а Трајко и Јово ќе треба да ги „стегнат“. Маневски изразува надеж дека малку ќе ја смират Лина, ако ја вработат ќерка ѝ.

Вториот разговор што беше емитуван на оваа прес конференција е на Муса Џафери и Сашо Мијалков. Разговараат за изборот на претседател на Врховен суд, набргу откако почнала седницата за изборот, при што Мијалков му кажува дека Блерим (Беџети, тогашниот министер за правда) направил блокада за решението на ВМРО-ДПМНЕ, а не било договорено така. Мијалков порачува да не се блокира, а Џафери вели дека ќе мора да разговара со Али (Ахмети).

 

„НАШИ“ И ОБВИНИТЕЛИ И СУДИИ

Следниот разговор е меѓу Гордана Јанкулоска и Зоран Ставрески, за кривична пријава против Ставрески што треба да се отфрли и за тоа како Марко (Зврлески) кажал дека тоа е завршено, односно го затворил предметот. Ставрески прашува дали, ако е завршена работата, тој ќе треба „на оваа“ што ја поднела пријавата „да и стегне кривична за лажно“…

Во разговорот потоа, на Гордана Јанкулоска и Марјан Ристески, прилепскиот градоначалник бара да се заврши работа за судија од судот во Прилеп, при што кажува дека човекот е „нивни“, а Јанкулоска вели дека ако има услови, ќе го има предвид.

Последниот разговор од овој сет е меѓу Драган Павловиќ – Латас и Филимена Маневска, при што уредникот на телевизија Сител се жали дека пресуди во „нивна“ корист Апелација ги поништува и бара да седнат на кафе со „таа од Апелација“, оти негативните пресуди од овој суд ги поттикнувале сите судии во пониските судови да „ги боли уво“ за „нив“, а и да се плашат дека ќе им бидат поништени пресудите во корист на „тие“ со Латас.

 

Сите „бомби“ се тука.

 

Прес конференција на Зоран Заев, претседател на СДСМ, во Скопје, 15.02.2015

 

 

По оваа прес-конференција, ВМРО-ДПМНЕ реагираше со соопштение за јавноста, кое може да го прочитате тука.

 

1. Разговор на Гордана Јанкуловска и Михајло Маневски

ГЈ: Сакав една консултација со тебе. Ми пишала Лина, знаеш од Судски совет, за тој проблемот што го имаше со брат и. Што може да се направи? Пошто тогаш се јавивме нели, помина како што треба на Апелација. Сега она имала сознанија дека на Врховен има веќе донесена одлука негативна.
ММ: Абе, тоа го средија Трајко и Јово. Значи, толку е запнат тој Трајко. Таа ни е џокер. Без неа не можеме да избереме ни да разрешиме. Вчера разговарав со Трајко. Тој пред уште малку замери.
ГЈ: Да де
ММ: Ама, бикам чекај бе човече. Што си фатил толку за човекот? Па тој не е ни тука, отиде за Америка. Четири години ќе биде таму. Што сега? А знаеш ли колку ќе ни биде важна, Трајко бе? Не јас не го примам него, он ми барал пари. Аман бе, поголема е оваа работа отколку она што ти го… Сега тераш некој инает таму, а поголемите интереси ги запоставуваш. Еве, сега ќе бираме претседател на Врховен суд, како сега да ја убедувам? У вторник.
ГЈ: Да, да, да
ММ: Не знам да ти кажам и некни ми се јави. Трајко абе што толку запна со тој човек? Па бшка не е тука… отиде таму човекот… не знам, овде направи многу проблем човекот. И тоа преку ред го зеле, ревизијата преку ред ја зеле, со Јово ја уредиле работата и ги укинале двете пресуди и ги вратиле на повторно разгледување. Толку направиле, значи страшно ни направија проблем. Неверојатен проблем ми направија!
ГЈ: Значи, џабе да му вртам на Јово кога…
ММ: Кога он го направи тоа со Трајко. Џабе ќе му вртиш.
Ништо. Сега ние ќе ја убедуваме. Има она некоја ќерка, па бара она да ја примиме како приправник.
ГЈ: Нема проблем за тоа!
ММ: Ама, знам дека ќе има. Ајде сега еве пак да и ветиме. Ај ние ќе ја истераме и на првостепен и на второстепен…
ГЈ: Ќе истераме до Апелација. Ништо. Тогаш ич. Глеам ја сабајле ми пишала, ама прво сакав да те чујам пред да и се јавам. Штом е трака, ништо, ќе и кажам дека не можам со Јово.
ММ: Знае она, знае од каде дува ветерот. Знае она, знае.
ГЈ: А после тоа и премиерот ако треба ќе го замолиме да збори со Јово.
ММ: Па, ние ќе ја тераме сега првостепен…
ГЈ: А бе, еднаш и он збореше у мое присуство и у твое кога му рече на Трајко и на Јово!
ММ: Не знам на луѓево што им е! Не знам што им е! Ем му кажувам: слушај таа жена ни е џокер. Без неа немаме избор, немаме разрешување (заб: на судии во РСС). И сега што да му кажам?
ГЈ: И за него треба да го бирате сега у понеделник. Не, сериозно! Треба ти да му кажеш: сега иди ти договори!
ММ: Му реков некни. Сега виде како ќе избереме?! Не, нејќе да чуе. Не знам зошто толку, што му направил човекот? Толку ли има отпор против тој човек? Ај направил, направил, отишол сега 3 години го нема тука, здраво. Заради интересот што го имаме поголем, знаеш.
ГЈ: За 4 години може и ние на друго место ќе бидеме.
ММ: Така е… Овој ни е поголем интерес. Да имаме таму 10 души отколку да ни фали оваа Лина.
ГЈ: Ништо тогаш со Лина…
ММ: Ти разговарај со неа. И јас ќе разговарам.
ГЈ: Јас ќе разговарам, нема проблем ама мене ми беше да и ја завршиме работата.
ММ: И мене ми беше. Ние и ја завршивме работата, ама Трајко се налути. Еве, вика ти си интервенирал во Апелација да се потврди.
ГЈ: Па и јас интервенирав, па и ти.
ММ: Па и тој Трајко толку ли не ја разбира ситуацијава.
ГЈ: Се прави ко да не знае.
ММ: Не знае колку ни е тежок проблемот. Тоа ми е страшен проблем.
ГЈ: Ќе се јавам на Лина.
ММ: Ќе и ветиме дека пак ќе се заложиме да се среди ова на првостепен и второстепен суд.
ГЈ: Да де
ММ: А понатаму овие треба да се стегнат.
ГЈ: Уште еден со нив. Па што да правиме… друго немаме. Излез чаре немаме друго.
ММ: Во вторник без неа имаме 9, а сега и ако она ни удри контра 8 ќе имаме. Нема избор на претседател.
ГЈ: Нека види Јово што одлука донесе.
ММ: Ни удираат клипови нашите… место да ни помогнат.

 

2. Разговор на Муса Џафери и Сашо Мијалков


СМ: Види ова нешто сега што настана непотребно, што се дига нешто прашина околу судот, околу изборот на претседател на Врховен итн.
Па сега, нешто разбрав дека и ти си бил запознат со таа работа, заедно со Блерим. Сакав да ти кажам, види сеа, некои работи кога треба да се направат, претходно се договараат.
Во овој случај, оди избор на претседател на Врховен и Блерим стопира таму . Ни на договорено, ни на ништо.
За место кое секогаш било наше и за кое не се разговарало. А и разговарав со Абдулаќим и не може да се разговара. Му објаснив на Абдулаќим и зошто и како со големо образложение мислам, сега, да кратам…
Па потоа, ајде не тоа, Кривичен суд. И за тоа му објаснив зошто со аргументи. За нешто да се стопира на таков начин треба да има некој разговор. Не е убаво ние како партнери на сам избор да се стопира. И еве сега исто ставена е точка на дневен ред и треба да помине.
МЏ: Јас сум запознат и Абдулаќим комуницира со вас.
СМ: Зборев сега со Абдулаќим. Но, добив информација дека Али рекол ти и Блерим да ја завршите таа работа односно да одлучите.
МЏ: Јас морам со Али прво да разговарам. Друго, да се видиме на 5 минути пошто јас…
СМ: Може да се видиме и сакав да ти објаснам се. Види, не можеме да ја кочиме оваа работа. Колку и да разговараме, не може тука да направиме отстапка . Да разговараме за други работи.
За Врховен и Кривичен суд не може да разговараме. Затоа што вие ја имате Двојка… да ја имате и Единица… и единица и двојка и Управен суд и правобранител и претседатели на други судови во Источна Македонија, заменик во Врховен, во Апелација – јас мислам дека тука е ситуирана ко никогаш досега.
Ако некој има други амбиции, тоа е негов проблем. А знам кои се амбициите таму…
МЏ: Не знам, да не шпекулирам…
СМ: Ова од ништо треба да стане нешто. Да не го правиме тоа. Ова е стварно ништо! Затоа што некој има некои амбиции.
МЏ: Како да седнеме… А мора со Али прво да разговарам…
СМ: Разговарај. Седницата е почната, ако не помине денес до декември ќе нема избор, ќе не плукаат, ќе имаме голема штета. За ништо.
Не знам зошто е толку значајно. За бизнис некој можда. Ќе испадне голем проблем.
Треба да се бираат 25 души сега во декември… Албанци… и договорено е тоа, ќе се заврши.
МЏ: Да се видиме ако вие имате време…

 

3. Разговор на Гордана Јанкуловска и Зоран Ставревски


ГЈ: Ништо, јас те барав за ова што ти пишав. Значи, јас нели ти реков му спомнав на Марко (заб: Зврлевски, јавен обвинител) со тоа што му реков види вака-така, не директно она ‘отфрли ја пријавата’ него ‘види да ја завршиме’ ова-она, ама он знае што значи тоа.
ЗС: Аха
ГЈ: Сабајле го побарав и после ми се јави назад и ми кажа, пошто беше на судење и неможеше да збори од таму, и ми кажа: „да знаеш тоа што ми даде задача, завршено е“.
Пошто треба и за други работи да се видиме, за законот за кривична постапка деновиве ќе ти дадам детален извештај, да знаеш се е ок со предметот.
Чисто да ти кажам.
ЗС: Мх, добро.
ГЈ: Ќе ми каже точно како го затворил.
Зс: Тоа значи ќе донесат одлука веднаш?
ГЈ: Па он, како што го разбрав. Јас ти викам, шовекот на судење беше и така малку во шифри ми збореше. Како што го разбрав, он го затворил предметот.
ЗС: Аха
ГЈ: А може да го затвори со решение дека се отфрла.
ЗС: А Горде, после да и стегнам на оваа кривична за лажно?
ГЈ: Па можеш ти да и стегнеш пријава.
ЗС: Дали да се занимавам со тоа или да затворам тука страница?
ГЈ: Види тоа е малку вака. Јас например искрено да ти кажам на никој, мене знаеш цела држава ми пушта пријави… не сум пријавила никого за лажно пријавување.
ЗС: Или да ја држам во неизвесност?
ГЈ: да ја држиш во неизвесност.
ЗС: Јас можам и понатаму да стегнам.
ГЈ: Да, ќе го видиме рокот за колку време застарува. Секое дело застарува некогаш.
Ќе зборам јас. Планирав да го викнам Марко задутре. Ќе го викнам на подолг разговор пошто стално знаеш…
ЗС: И провери го овој аспект.
ГЈ: Со него ќе зборам какви се искуствата.
А не сакам да го викнам на 10 минути. Пошто и он бара да се видиме и он мене ми треба за поише предмети. Да го испочитувам онака еднаш. И он си има мака таму кај него. Јас како психијатар!
ЗС: Ок. Добро. Фала ти многу. Супер вест. Еден проблем помалку.
ГЈ: Баш му реков некни. Види, ај те молам подзабрзај ја работата. Ќе почне, сега јас така му викам, ќе почне расправа за буџет во Собрание – една работа помалку да има.
Вели нема проблем, ќе го завршиме.
ЗС: Заблагодари се во мое име кога ќе се видите.

 

4. Разговор на Гордана Јанкуловска и Маријан Ристевски

МР: Еј Горде, како си?
ГЈ: Марјан, да не те разбудив?
МР: Не, не не
ГЈ: Слушај, абе кратко една консултација сакав, го знаеш ли ти Никола Крстевски, судија од прилепскиот суд?
МР: Никола Крстевски. Тоа е овој од Крушево.
ГЈ: Од Крушево да.
МР: Да.
ГЈ: Наш е човекот? Каков е?
МР: Наш е тој, мислам по… ок е. Порано во Народна малку луташе, али наш е.
ГЈ: Значи вака, може да го сметаме 100% наш? Знаеш, ама гарантирано, нешто ако треба да застане јако на наша страна.
МР: Да да да, за тоа може да сметаме сигурно.
ГЈ: Добро бе Марјан, за тоа те барав.
МР: Ок, супер
ГЈ: Ок, ако има услови, сега знаеш јас не ветувам, ама ако има услови ќе го имам во предвид.
МР: Добро, супер.
ГЈ: Ок Марјан, фала ти. Ајде поздрав.

 

5. Разговор на Драган Павловиќ Латас со Филимена Маневска

ДПЛ: Шефице.
ФМ: Еј кажи.
ДПЛ: Абе ова заборавив да ти кажам.
ФМ: Кажи.
ДПЛ: Можда не е лошо со таа од Апелација малце да седнеме, на кафе да седнеме неформално чисто да се запознаеме. Се што имаше пресуда задњиве шест месеци, се ни е на Апелација пресудено против нас и вратено.
ФМ: Како бе?
ДПЛ: На пример, Маниќ ние сме го добиле за клевета.
ФМ: Мхм
ДПЛ:Пресудата вратена назад. Тоа ќе биде страв за судијата во иднина.
ФМ: Ама за кој судија тоа?
ДПЛ: Не, не, ти викам на основен што сме ги добиле случаите, на апелација… У наша корист што се добиени, Апелација ги поништува и ги враќа назад на судење.
ФМ: Ама слушај Латас, јас ви реков, како стасува горе во Апелација одма јавете ми.
ДПЛ: Сме се јавувале јас и ти за ова. На пример еве три што се лоши. Едниот е Маниќ, едниот е Борјан Јовановски, едниот е овој претседателот на Совет за радиодифузија, што е жена му ос СДС функционерка во Прилеп.
ФМ: И што? И тие ги вратиле?
ДПЛ: Сите три, сите три
ФМ: Кој судија? Кој совет е тоа? Кој судија е?
ДПЛ: Епа да видам. Ајде јас онда да видам преку оваа…
Филимена Маневска: Ајде види, па јави ми, баш ме интересира.
ДПЛ: Не одма денеска. Ќе и речам јас на адвокатката да ми ги спреми на писмено во наредниве два – три дена и ќе ти ги донесам на писмено.
ФМ: Како бе може бе тоа така?
ДПЛ: Сите, сите. И сега знаеш што е лоша атмосфера? Кај судијата кој ќе види дека се ни е вратено назад, тој више нема да суди. Него го боли к.р за нас, уво го боли за нас, извини на израз. За, за… за ова. Ако он види дека му се враќаат, ќе рече јас нејќам да ми се брои, знаеш у поништени.
ФМ: Мене многу ми е важно да видам на кој совет се. ДПЛ: Готово. Јас ќе ги соберам овие три – четири
ФМ: Одма и пушти ми ги. Одма.
ДПЛ: Наредниве ден – два кога ќе си слободна, ќе ти ги донесат да ги видиш.
ФМ: Ајде.
ДПЛ:Ајде важи, чао.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Оставете реакција