Прислушувани разговори – сет 23: Барокен „дил“

И Алек Теранова се подисплашил за Шпанските скали.

 

Во разговорите подолу слушаме за насилниците од ВМРО-ДПМНЕ кои кршеле изборни штабови на опозициска партија, но и како се „докројува“ проектот Скопје 2014, како Груевски менува изглед на објекти, колку е загреан да се направат Шпански скали на плоштадот Македонија во Скопје, но и што му подготвува власта на Андреј Жерновски – лично Груевски нарачува шлаканици за градоначалникот на општина Центар.

 

 

Овој сет прислушувани разговори беше презентиран една недела пред референдумот на Општина Центар за зачувување на автентичниот изглед на ГТЦ и содржи некои снимки кои беа емитувани на прес-конференции претходно.

Во првиот разговор, тогашната министерка Гордана Јанкулоска му кажува на Мартин Протуѓер дека членови на ВМРО-ДПМНЕ кршеле штабови на ОМ на Љубе Бошкоски, таа јавно се вадела дека не може да ги најдат сторителите, ама бара Протуѓер да им „скрцка“ на сторителите.

 

ГРУЕВСКИ КАКО АРХИТЕКТ

Следните четири разговори се за Скопје 2014. Од разговорите на Никола Груевски со Миле Јанакиески дознаваме како се продавале парцели до плоштадот, како се менува изгледот на планираните објекти, како Груевски со грчкиот бизнисмен Кондоминас го усогласувал изгледот на Офицерскиот дом. Слушаме и како ги нарекува своите „другари“ – Али Баба. Слушаме и колку Груевски „се бори“ за зеленило.

Потоа двајцата разговараат за „дилот“ за контроверзните Шпански скали на плоштадот Македонија, за тоа за какви суми се во игра за двете варијанти. Груевски е малку исплашен да не се почне со тоа негативен тренд, оти заинтересираниот инвеститор „знаеш од која земја доаѓа“… Вели и дека е друго ако гради покрај Вардар или под Кале… На крај дознаваме за погледите на Груевски за уметноста – заинтересираниот инвеститор е уметник, значи „мора да биде по барокот“. Потоа дознаваме и како се игра играта со Алек Теранова, кој не сакал да се истрчува „да не излезе дека јас за сѐ аплицирам, дека цел плоштад ние го земаме“. Потоа слушаме за Французинот Жермонд кој сакал да го купи целиот ГТЦ и бил прошетан низ него…

 

ЗА ЖЕРНОВСКИ ТРИ ШАМАРИ

Следува разговор во кој Јанакиески го информира соговорникот за потегот на градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски,, кој ги не прифати новите ДУП-ови по мерак на Груевски. Потоа слушаме за кризниот план што го подготвуват Јанакиески и Груевски после потегот на Жерновски.

На крајот слушаме како Груевски нарачува граѓани да му влезат на Жерновски „и еден граѓанин да дојде да му удри три шамари, јаки, и да си искочи“…. Јанакиески вели дека веќе подготвува „протести“, а Груевски нарачува да се подготват и Мартин и Суле „од утре да маваме“. Груевски повторно ги „нарачува“ шамарите, и вели дека нема причина за грижа – оти ќе нема тешка телесна повреда и ќе нема основа за кривична, само за прекршочна пријава… Попатно наредува и советниците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата да излегуваат со обвинувања и прес-конференции и да викаат…

 

Сите „бомби“ се тука.

 

Прес конференција на Саша Богдановиќ, претседател на ОО СДСМ – Центар Скопје, 19.04.2015

 

 

По оваа прес-конференција, ВМРО-ДПМНЕ реагираше со соопштение за јавноста, кое може да го прочитате тука.

 

Разговор помеѓу Гордана Јанкулоска и Мартин Протугер

ГЈ: Ало?
МП: Еј, кажи Горде?
ГЈ: Мартин, извини, за оваа поракава што ти ја препратив, за да сме поефикасни. Дај некако на нашиве да им се каже да не се глупираат со штабовиве. Наши од УМС кршат штабови на Љубе.
МП: Добро, добро.
ГЈ: И сеа знаеш, јас се глупрам, викам не можеме да ги најдеме, а у Центар Даме е, знаеш, Даме Мирчевски.
МП: Добро, добро

 

Разговор помеѓу Миле Јанакиески и Никола Груевски

НГ: Миле
MJ: Молам
НГ: Абе овој дознав дека овој високиот
MJ: Добро
НГ: А… наводно кога, пред да се објави огласот ја сменил сликата на тоа како треба да изгледа офицерски дом и тоа до него
MJ: Како ја сменил
НГ: Па нешо немало да биде исто туку слично, а не по таа слика што ни е Коста Мазгалоски шо ја напрај
MJ: Не не имавме, тој беше Коста па послем ја надогради тој другиот
НГ: Која, офицерски дом… И како ја напрај
MJ: Ја имам сликата утре да ти ја дадам… Нели го ангажиравме дополнителнио тука тој беше сместен му плаќавме тоа
НГ: И сега колку личи на офицерски дом, поише личи или помалку
MJ: Па добро нели ја гледавме заеедно
НГ: Ама не, он ја подобри таа до неа, до офицерски нели две продадовме, таа едната ја направи коста а овој ја подобри
MJ:Така да
НГ: А офицерски немаше подобрување,
MJ: сега не ми текнува мислам двете имаше подобрување
НГ: Ај види утре и кажи ми
MJ: Важи, ќе проверам
НГ: И… ти ке си се видел со него во четврток
MJ: Само на крај, видете, ние му даваме согласност, тоа беше само нацрт крајниот дизајн ние го одобруваме
НГ: Миле а колку си сигурен дека до 12 април он мора да извади за офицерски дом, овој човекот шо го купи мора да извади одобрение.
MJ: 99 %
НГ: Нели две години било
MJ: Значи, сеа точниот датум вчера што ви го кажав, сеа немам пред мене… незнам кој беше даутумот
НГ: 12 април ми го кажа
MJ: 9 месеци е по закон, сеа незнам ако е 12 тогаш е 12
НГ: Спреми се ти за ова за состанокот ќе сте имале четврток состанок, расчистете го тоа со датумот и прати ми утре слика да го видам тоа, ја мислам дек он на офицерски не меневаше,туку менуваше само на таа до офицеррски и за таа ние го замоливме да менува пошто беше грда , а оваа на офицерски уопше не се сеќавам дека менувал нешто
MJ: Значи утре ќе ви го пратам ама знаете во предвид на крајот ние го одбруваме
НГ: Ако ние го одобруванме да знаеме што сме му дале

 

Разговор помеѓу Миле Јанакиески и Никола Груевски

НГ: Сакаш нешто да ме прашаш за ова за…
НН: А, за ова за локацијава шо ја продадовме за хотелов така… овие
НГ: За кој хотел?
НН: За на плоштад што е тој хотелот
НГ: Добро… Мериот?
НН: Што беше градската куќа со тој хотелот, да…
НГ: Аха добро
НН:Нели имаше таму три приоватни лица
НГ: Да
НН: Денеска беа едни од нив кај мене, тие се ставаат у зеленило и чисто најавуваат дека прво тие со понуда дадоја дека по три илјади евра, дека се согласуваат да им се продаде земјиштето дека ке се бунат ќе го оградуваат земјиштето итн му понудил некој 700 евра викаат не е згодно вака ние тргнавме културно ќе се буниме да си ги оствариме правата
НГ: Нека идат кај овој али баба да им даде
НН: Е еден е тој али баба уште двајца има други
НГ: Да ама не може заради него страдаат и други
НН: Не чисто сакав тој дел да ви го кажам ништо специјално
НГ: Нека се тера тоа е тоа, нема каде
НН: Не не , чисто мислев како информација
НГ: Не очекував ја дека ке има такво нешто ама ти гледај колку време со али баба нема договор
НН: Не, не, знам, што бара и како бара, чисто тоаљ сакав како информација тоа да ви го кажам
НГ: И нема да мрдне рботаата
НН: Да да јасно
НГ: Нема да мрда, со али баба… нема ни на повидок нешто. Јас сакам во нашиов мандат да се изгради тоа не сакам, во 25-та да се гради
НН: Не, знам, ми кажа инвеститорот и мислам ок си е само чисто како информација да имате ништо повеќе дека може и такви работи да прават
НГ: Добро… да ќе прават сигурно тоа е тоа
НН: Ок поздрав
НГ: Ние ја гледаме поголемата цел
НН: Ок
НГ: Ок поздрав

 

Разговор помеѓу Миле Јанакиески и Никола Груевски

НГ: Миле
MJ: Молам
НГ: За ова за скалите, можеме ли ??? да си го изгради тоа и да ги продаде дуќаните доле и у ќар да се да земе кредит
MJ: Генерално може и тоагш го дискутиравме тоа ама незнаеме колку пари чини тоа
НГ: Па ја мислам краткава варијанта ако се праи по некои 4 5 милиони, а оваа дугачкава оваа високава веројатно е поише
MJ: Да зборам со Цветко ама ај да почекаме состаноков со овај зашто тој е заинтересиран, овој чоеков шо ви зборев, заинтересиран е тој викам…
НГ: Да ама знаеш од која земја доаѓа, дали да го пуштаме да влага, тука на плоштад ќе се охрабрат они ќе доаѓаат на плоштад после, знаеш , друго е таму да иде покрај покрај Вардар таму кај Кале или незнам Железничка станица онаму друго е у Центар на плоштадвда ти влезе таков
MJ: Инаку тој има 30 години живеено во Франција, ама од таму му е потеклото,
НГ: Од таму а
MJ: Како дете бил на студии заминал во франција и 30 години живеел ио франција и се враќа повторно во Албанија
НГ: А е муслиман или е католик
MJ: Католик, католик
НГ: Ако е католик…
MJ: Српски… мислам појма нема со
НГ: Овој Радика што го има не е католик, православен, радика хотелот
MJ: Католик и заљубен во барок. Значи човекот е, по звање значи , по струка е уметник.
НГ: А уметник е по струка, затоа он толку по барокот.

 

Разговор помеѓу Миле Јанакиески и Никола Груевски

НГ: Миле
МЈ: Молам
НГ: И сега ова пропаѓа ли што е работата
МЈ: Треба пак да го објавиме ама треба да имаме некој сигурен. Оваа, Розе од Ѕинго до четвртокот имале одлука, после вечерта имале управен одбор и двајца од бугарите не се согласиле му кажала на Aлек ама било касно. Aлек наводно неќи да не излези како некоја муабет афера зборел и со вас ми рече.
НГ: Мх
МЈ: Не е проблем ќе го објавиме пак ама беше таа кај мене ги донесе документите ги проверивме документите се беше ок и на крајот кажа, имале проблем со Бугарите
НГ: И ова е дефинитивно дека се откажуваат
МЈ: Јас се слушнав со Розе ми вика Миле не можам одлука да донесам бидејќи не се сигурни колку пари тоа ќе ги чини. Јас напраив естимација околу пола милион евра тоа чини ама не се сигурни, вика немам сила да донесам одлука. Незнам да ја викниме нејзе ама таа нема толку моќна одлука незнам таму кој ја носи одлуката, јас со неа дискутирам цело врме
НГ: Кога ќе знае она дали ќе влагаат сигурно или не
МЈ: Во моментов викаат дека нема да влагаат, единствена причина што тоа незнаат колку точно ќе ги чини тоа што ќе трееба да го изградат
НГ: И ниедна друга фирма не се јави
МЈ: Не
НГ: Како бе за толку атрактивна локација никој да не се јави
МЈ: Нели Aлек беше заинтересиран ама Aлек рече нека влезат тие да не излезе дека јас за се аплицирам и овие у петокот му кажалe нема време ја зборев со Aлек за повторно вика да не испадни голема, дека цел плоштад ние го земаме, затоа ви викав да се видиме да продискутираме

 

Разговор помеѓу Миле Јанакиески и Никола Груевски

НГ: Да да, те слушам. А кажи ми со овој Жермонд, што ти го пратив, Французов, како ти иде?
МЈ: За ГТЦ?
НГ: За ГТЦ да.
МЈ: Абе поставија многу прашања, треба да проверам Елена му ги одговара прашањата. Во најголем дел се одговорени прашањата но немам ништо повратно од кај него. Беа кај мене, му ги дадовме генералните податоци, го прошетав едно саат време убаво низ ГТЦ. Послем тоа постави неколку технички прашања, ги одговоривме и сега немам ништо повратно, не знам дали има нешто ново, да проверам.
НГ: А вие му одговоривте ли на прашањата?
МЈ: Најголем дел се одговорени, сега имаше минатата недела постави едни прашања, не знам дали се одговори, да проверам, да не ве лажам.
НГ: Како ти фаќа око тебе тоа?
МЈ: Вака, многу кратко имав средба. Не можам да ви кажам дали ќе биди или не. Дечково интелигентен е, прашата што ги поставува се сериозни и не се од него, се она скици, сопственост на имотот. Проблем му е, вака првично што кажа, е што првите два спрата не се, не се државни туку се приватни, во најголема мера. Му дадовме ние сите, кој дуќан, чив е. Тој дури размислуваше. Праша што мислиш да се откупат сите дуќани, му кажавме дека се приватни. Тој кажа дека генерално сака да го има, цел трговки да е негов.
НГ: Ако си ги откупи тој од тие, немаме против ние. Нека си влезе у дил со нив и нека си ги откупи. Така?
МЈ: Мислам дека се одговорени сите прашања ама да ви потврдам за 5 минути можам да ви пишам СМС.
НГ: Ок. Важи.

 

Разговор помеѓу соговорник и Миле Јанакиески

С: Шефе
МЈ: А
С: Извни сеа шо стана со… нешо збориме со Дејан дупојве горе шо беше она шо ги обори центар
МЈ: Не што ги обори Центар ама не ги објави во службен весник. Шехтански му кажа дека да му достават во рок од 30 дена дали ги објави во весник, утре истекува рокот. И ке му дај налог да ги објави . Ако не ги објави тогаш ги поништува, ако ги објави пак ке ги поништи. На уставен ќе ги достави
С: Аха, ама пак оди на уставен така а
МЈ: И едното сценарио и другото одат на уставен
С: И пак истите треба да се гласаат така пак да идат на гласање
МЈ: Уставен му ги враќа и тогаш пак ги става на совет
С: А да тогаш треба… Ок шефе фала
МЈ: Ајде

 

Разговор помеѓу Миле Јанакиески и Никола Груевски

НГ: Ама многу е касно ние сакаме да си го работиме уште од утре тоа до петок да созрее
MJ: Ам претседателе ги немам, ги немам материјалите од совет незнам на кој закон на кој член од законот се повикува зашто уште ги немаше доставено во петокот попладнето материјалите до нашите советници
НГ: Да проверам сега да не ги има во меѓуврме доставено
НГ: Провери разбуричкај ја работава, за на време да видиме што е како е да можеме од утре да го работиме
MJ: Ама, мислам јасно ми е мене само ги чекам материјалите од совет ги чекам, незнам на кој член од законот се повикува. Во законот за просторно нема основ за таква одлука
НГ: Добро
MJ: Во понеделник свикав и голем состанок за ова ама ќе проверам сега ќе ви пишам
НГ: Викни го и Славе на состанокот и сите
MJ: Ги викнав и Мартин и Суле и мислам и пишав на секретарката да ги викни и сите советници
НГ: Ама у понеделник не сме тука, у Белград сме
МЈ: Молам,
НГ: Понеделник сме у Белград ние
MJ: Епа тие што се тука

 

Разговор помеѓу Миле Јанакиески и Никола Груевски

НГ: Ќе падне на уставен тоа а?
МЈ: Сто посто… Е сега…
НГ: Јас си мислам покрај тоа што на уставен ќе падне, у петок он да изеде едно пет шест шамари пред камери… да влезат граѓани и еден граѓанин да дојде да му удри три шамари, јаки, и да си искочи
МЈ: Може да договориме сценарио мислам, ја планирав овие нашиве да излегуваат да протестираат
НГ: Ама не го збори ова на никој
МЈ: Не, добро
НГ: Оти ако се расчуе, џабе, ќе знае и ќе спречи
МЈ: Значи ептен онака значи, тоа е исто како мали џокица замислува нешто си прави одлука и си пишува шо сака во одлуката
НГ: Подговтви го Мартин и Суле да спремаат од утре да маваме.
МЈ: Добро, ги имам материјалите…
НГ: У петок ќе му собереме едно 2.000 луѓе пред Центар, дел ќе си влезат и внатре, пошо нели имаат право граѓани да влезат, па да видиме да размислиме дали еден да стане и едно три четири шамари јаки да му врзе пред сите. Не може ништо да му се напраи, нема тешка телесна повреда тука за кривична, има прекршочна само.
МЈ: А.. Добро е советниците да прават тие како за буџетот шо прават
НГ: Како
МЈ: Нашиве советници да прават како за тие што правеа за буџетот. Да излегуваат да викаат спротивно на закон, не си ти устав да цениш, кој си ти устав да цениш
НГ: Да да… Ќе му ја скршиме седница,
МЈ: Тоа е
НГ: Нема да може да одржи една седница,
МЈ: Важи, ќе го спремам и Мартин…
НГ: Aли да имаме со аргументи да ја напумпаме атмосферата дека праи фалш за после тоа да има оправдување за тој чекор
МЈ: Важи ќе ги спремам јас ќе се слушнам со Мартин… Ги имам сите аргументи
НГ: Ај
МЈ: Важи поздрав

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Оставете реакција