Прислушувани разговори – сет 4: Комуњари, новинари и документарци за македонската борба

Со еден документарец, да поминат сите. Фото: Музеј на македонската борба за слобода и независност.

 

Разговорите од овој сет јасно покажуваат кои новинари власта си ги смета за свои, дека ако си министер наредуваш што да се пласира во вестите, а главниот уредник само клима со глава. Слушаме и дека ако некој новинар од „подобен“ медиум почне да „буричка“ може да си го добие, како и колку газдите на приватните национални телевизии „одработуваат“. Дознаваме на крајот и како од Владата протекуваат парите до тие што ѝ го прават ќефот.

 

Протуѓер и Јанкулоска во првиот разговор од четвртиот сет се договараат како да се организираат новинари од медиуми блиски до власта за да ги брифираат за случајот „Телеком“, при што дефинираат кој новинар ќе дојде на брифингот. Разговорот го завршуваат во шеговит контекст , зборувајќи за „Цаци“.

Следува разговор на Латас и министерката Канческа – Милевска, во кое таа реагира што не било исполнето од Сител нешто како што таа го нарачала, по што Латас кажува дека од ВМРО-ДПМНЕ и од кај премиерот се претерува со нарачките (за прилози), па во вестите на Сител од 12 прилога дури 7 биле нарачки. Поради тоа, вели главниот уредник на телевизијата „вестите на Сител се куртон обичен, пропаганда на ВМРО-ДПМНЕ“. Сепак, потоа Латас  ја прифаќа новата нарачка за вестите за дента.

Потоа е разговорот на Јанкулоска и нејзиниот заменик Иво Котевски за Лиле од МТВ, која сакала да прави емисија, па досадувала на Бачанов. Јанкулоска вели дека Лиле ако продолжи, може да лета од МТВ.

 

ГОРАН „ОДРАБОТУЕ“

Следниот разговор е на другарите Латас и Мијалков, при што првин полемизираат за најдобриот термин за вестите на Сител, при што шефот на УБК вели дека Горан, сопственикот директор на Сител „лапа“ 2 милиони евра годишно поддршка, на што Латас реплицира дека колку и да зема Горан, „тоа си го одработуе“ за разлика од Канал 5. Главниот уредник на Сител притоа наведува дека Канал ги нема „у ниеден кризен момент, они се фини, културни“. Мијалков се нервира и вели дека тој им ја врши „прљавата работа“ и го средува Велија, а „сега некој ќе пушта у 9 саат забавна програма и ќе дига гледаност у сред кампања“.

Во следниот разговор, соо Јанкулоска, Мијалков прашува дали ѝ се јавил Срѓан, а таа одговара дека се договориле со него, ама „таму“ имало некој комуњар што ја турка работата, по што Мијалков порачува таа да не се секира за трите весници од таа групација, оти сѐ ќе биде средено. Јанкулоска го потсетува дека они треба да „кажуваат“ на групацијата, по што Мијалков нагласува дека Јанкулоска ќе добие контакти за директна комуниција и вели таа да не се секира, оти иако таму „не е преземена власт, ќе се презема за некој ден и ќе се среди тоа““.

 

МИЛЕ, ПЛАЌАЈ ЗА МАКЕДОНСКАТА БОРБА ЗА СЛОБОДА И НЕЗАВИСНОСТ!

Последниот разговор е помеѓу Груевски и Јанакиески. Премиерот реагира кај министерот АЕК да префрли пари за документарци што ги должат, при што работата треба да се реши „уште утре“, па кажува и под која формулација треба да бидат префрлени парите – „за општествена одговорност“. Груевски порачува да се одбере некој документарец „којшто е најпопуларен“, односно најмногу одговара, па одредува тоа да биде документарецот за македонската борба за слобода и независност, односно парите да се префрлаат за тој документарец, а всушност да бидат за сите на куп. Јанакиески потоа ја кажува и сумата  – 500.000 евра.

 

Сите „бомби“ се тука.

 

Прес конференција на Зоран Заев, претседател на СДСМ во Скопје, 25.02.2015

 

 

По оваа прес-конференција, ВМРО-ДПМНЕ реагираше со соопштение за јавноста, кое може да го прочитате тука.

 

Разговор помеѓу Мартин Протоѓер и Гордана Јанкуловска

ГЈ: Мартин, шо правиме сега со Телеком?
МП: Абе…
ГЈ: Шефот синоќа, покасно, ми пиша денес да собереме неколку новинари да им кажеме детално. Шо не е проблем, ама ти да процениш како да ја тераме, дали еден медиум денес па други да преземат… Јас мислам дека нема да преземат други што не ја работеле приказнава, пошо знаеш сега, ако објави Вечер, Дневник нема од Вечер да преземе.
МП: Да де, да. А да идеме со Дневник, Канал 5, Сител и МТВ?
ГЈ: Може бе, може.
МП: Не, не, не сега, понатаму негде.
ГЈ: Може, јас затоа сакав тебе да те чујам. Не е проблем, мислам можам…
МП: Кого да пуштам кај Иво, кажи ми?
ГЈ: Еми ти кој ќе речеш, кој ти е вака нај, да речам.
МП: Сител ќе го пуштам Ранду, да дојде, и од Канал 5 Ѓорѓи Томиќ да дојде.
ГЈ: Иако мислам дека он би преферирал Цаци да му ја пуштиш.
МП: Да, да, да.
ГЈ: Сé ќе и објасни.
МП: Да, Цаци е…
ГЈ: А плус разбира девојчево МВР, ја гледам, си разбира, си работи.

 

Разговор помеѓу Драган Павловиќ-Латас и Елизабета Канчевска Милевска

ДПЛ: Кажи Бетче.
ЕКМ: Драган!
ДПЛ: А?
ЕКМ: Што правиш?
ДПЛ: Еве на работа.
ЕКМ: М?
ДПЛ: На работа.
ЕКМ: Значи, едно, викам едно нешто кога ќе замолам, а бе нема шанси. Нели замолив вчера…
ДПЛ: Што е Бети? Па идеше…
ЕКМ: Што?
ДПЛ: И на сајт
ЕКМ: Во 11, во 11, во ноќта никој кога не гледа, сите кога спијат.
ДПЛ: Види да ти кажам. Значи не претерујте, зошто има од кај твојот Премиер, толку многу порачки што вестите на Сител се куртон обичен, се пропаганда на ВМРО-ДПМНЕ.
ЕКМ: Ти кога си на вести? Денеска ли си на вести?
ДПЛ: Значи вчера имаше 7 прилога од вкупно…12, кои идеа по порачка. Анкета имало, па анкетата како се вика, експерти да кажеле, и све, и сега…
ЕКМ: Драган, денес ти си на вести?
ДПЛ: Не сум, не, Тино, ама не е проблем, кажи ми што треба ќе направам.
ЕКМ: Тоа што ќе го пуштат денес на МТВ, пуштете го. Има анкета таму од Естонци за концерот, што кажуваат за Македонија, многу убав прилог.
ДПЛ: Чекај, чекај. МТВ дали ќе дадат видео материјал?
ЕКМ: Да.

 

Разговор помеѓу Гордана Јанкулоска и Иво Котевски

ИК: Ало?
ГЈ: Еј, кажи Иво?
ИК: Не е итно ама пошто возев, не можев да пишуем порака и ради тоа ѕвонев. Инаку, сега не знам дали се сменил нешто ставот ама МТВ пак нешо сега се амбицираат емисии да правеле за ова.
ГЈ: Нема да праат.
ИК: Како?
ГЈ: Нема да праат!
ИК: Ама не, оваа Лиле, сеа не ми се јавува ни мене а знае да досаѓа некад, у задњи ден му се јавуела на Бачанов да кажел…
ГЈ: Абе ти кажав дека нема да прават. Сега, Лиле ако продолжи така може да лета од МТВ.
ИК: Значи да му кажам на Бачанов дека нема да праи ништо.
ГЈ: Да не праи да. А на која тема ќе праи?
ИК: Па не знам, као демек така и рекле нејзе, за масовни убиства низ светов, за бабмарабумбара, колку да ја одржувале темата, да кажеле и на други места дека се случувало.

 

Разговор помеѓу Драган Павловиќ Латас и Сашо Мијалков

СМ: Зашто вестите да не идат во 9? Луѓе гледаат вести….
ДПЛ: Не се гледани во 9, гледани се во 10, 10.30.
СМ: Кој ти вика дека не се гледани? Ја на пример ги гледав стално во 9 вестите.
ДПЛ: Не е така Саше, тоа се истражува така. Значи, истражува…
СМ: А у 12.30, 1, особено не на неодредено време, на немање на термин, постојан термин, а ги фатиш, а не си ги фатил вестите.
ДПЛ: Значи ова беше до овдека што ти зборев. Сега даље се слагам веќе со тебе.
Најгледано е измеѓу 10 и 10.30, значи да почнат вести. СМ: Нека ги пушти у 10. Нека ги пушти у 10.15.
ДПЛ: Се слагам, се слагам.
СМ: Ама нека се знае дека Сител има вести у 10.15 а не вака летечи, не знаеме ние кога има вести бе, дали има во 1 или во 11 или у 12.30.
ДПЛ: Види, и мене не ми одговара да дојдам на работа у 11.40 до 12.30 да дремам …
СМ: И која е користа? Лапа, лапа, лапа и Горан да ти кажам пари. Извини молим те, со 2 милиона еура поддршка годишно и ја ќе направам телевизија.
ДПЛ: Он тоа си го одработуе. Канал 5 не го одработуе. Значи Канал 5 у ниеден кризен момент, они се фини, они се културни, они се…само кога се срчкаа со Велија лично. Тогаш имаше 3-4 дена, кога нив Велија ги прозва за, БС кога го спомна, го исплука, тоа вредеше, на настани ги нема, на емисии…
СМ: И сеа најде да се дига рејтинг, ја ви вршам прљавата работа, ви го средувам Велија, на мој начин, и сега некој ќе пушта у 9 саат забавна програма ќе дига гледаност у сред кампања.
ДПЛ: Види Сашо, ако не си гледан…
СМ: На што личи тоа ај кажи ми? Ја ке му кажам и на Горан во очи, еве тебе ти кажувам во очи. Кај мене нема…

 

Разговор помеѓу Гордана Јанкуловска и Сашо Мијалков

ГЈ: Ало
СМ: Горде, шо праиш?
ГЈ: Еве си работам, ти шо праиш?
СМ: Само сакам да те прашам дали ти се јави Срѓан?
ГЈ: Да, да, се слушнавме и му дадов податоци.
СМ: Значи, брзо реагира, добро.
ГЈ: Да, да.
СМ: Мене премиерот ми ја препрати твојата порака и јас на основа на таа порака ажурирав, така да речам. И…
ГЈ: Да, да, да. Се јави и му кажав и плус се договоривме и претходно од кај нив…Имаат они некој таму комуњар шо ги бутка темиве.
СМ: Види, ти за тоа не се секирај. Значи, за тоа што е под нивната групација, тие три новини, уживај, остај го тоа на мене, уште неколку дена, и тоа има сé да биде средено и да биде…
ГЈ: Да де, да. Абе види, ние треба да им кажуваме.
СМ: Да, и ќе си имаме комуникација со нив.
ГЈ: Да де, да. Знаеш, оти на нив не им е у видно поле тоа нас што ни е.
СМ: Тебе ќе ти биде озвозможена директна комуникација, разбираш, да имаш. Ќе знаеме тачно кој е контакт, разбираш, да си имаш…
ГЈ: Да де, да. Оти, еве никој не праеше тест, они правеа за тужбите за МВР. Тоа е стара тема.
СМ: Види, уште таму не е преземена власт, така да речам.
ГЈ: Да де, да.
СМ: Ќе се преземе за некој ден и тоа ќе се среди и не се секирај за тоа.
ГЈ: Супер, супер.
СМ: Него, да видиме со овие другиве говеда шо ќе се праи, иначе за овие ич не се секирај. Тоа е таму под моја контрола и не треба уопште да се секираш.
ГЈ: Супер.

 

Разговор помеѓу Миле Јанакиески и Никола Груевски

НГ: Миле, може ли АЕК да даде бе некои пари дужиме таму за документарци?
МЈ: Зависи колку претседателе, ептен сме кнап со пари, ова што му ги набациле.
НГ: 30 милиони денари.
МЈ: За оваа година?
НГ: За оваа година да. Па може и почеток на наредната, не е битно. Мислам, меѓу сега и јануари да ги исплатиме овие, за сите документарци уште толку ни остана долг.
МЈ: Ај вака. Дајте ми утре време да pседнам со Боби, оти тие го правеа буџетот. Или да ви кажам во петок оти ми рече за петок ќе го има буџетот за наредна година?
НГ: Не, ти напрај уште утре, он веќе сигурно има во глава што како и кажи ми.
МЈ: Добро.
НГ: За општествена одговорност еве да пребаци, за, може да крстиме некој документарец којшто е вака најпопуларен, односно најшто одговара, за македонската борба за слобода и независност, е. Тоа ќе се користи за сите докуиментарци ама он за тоа нека го каже.
МЈ: 500 илјади….
НГ: Да не биде сега за Скопје или за нешто друго знаеш. За македонската борба, ај.
МЈ: Важи, ќе проверам и ќе ви кажам
НГ: За слобода и независност.
МЈ: Важи.
НГ: Ај види па кажи ми.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Оставете реакција