Приватните иницијативи се споменати во законот како основа на заштита на културното наследство

Зоран Љутков. Фото: Скриншот

Љутков е во право кога вели дека моделот бил разработен уште со Законот во 2004 година – иако терминот јавно приватно партнерство не се споменува во таа форма, како и кога вели дека и концесионерството постои во законот, со таа забелешка дека во сите верзии на законот како примарен, иако неединствен субјект на заштита на културното наследство, е наведена државата

Љутков е во право кога вели дека моделот бил разработен уште со Законот во 2004 година – иако терминот јавно приватно партнерство не се споменува во таа форма, како и кога вели дека и концесионерството постои во законот, со таа забелешка дека во сите верзии на законот како примарен, иако неединствен субјект на заштита на културното наследство, е наведена државата

 

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков во тв интервју даде изјава која може да се оцени како вистинита:

Приватните јавни партнерства се модели кои што постојат во закон уште од 2004 година. Во Законот за заштита на културно наследство, овој модел јас што го кажав, постои. Но, никој досега немал капацитет да го реализира. Дали не сакал или немал капацитет е друго прашање. Но ова јас што го зборувам во моделите на јавно-приватно партнерство се однесува главно на изградба на инфраструктура, патишта, отворање на сувенирници, кафетерии, ресторани, книжари, значи придружни објекти кои што ќе ги стопанисува приватниот сектор…

Постои и начин на концесија, значи давање на користење на културното наследство, но тоа е сосема друга тема која што би требало да биде чекор понатаму по примерот на многуте европски земји како го чуваат културното наследство

[Извор: Сител/Јутјуб – З.Љутков (од 14.мин.);Датум – 22.04.2025]

 

Образложение:

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков изнесе тврдење околу јавно-приватното партнерство и концесијата во насока на заштита и промоција на културното наследство, кое е вистинито.

Зборувајќи во интервјуто Љутков конкретно го спомена Законот за заштита на културното наследство од 2004 година при што го употреби зборот модел/модели, а потоа го дообјаснуваше кажаното во друго телевизиско интервју од пред седум дена околу истото негово тврдење за неопходноста да се вклучи приватниот сектор во заштита на културното наследство.

Проверката на Законот што е донесен во март 2004 година покажа дека она што денеска е познато како термин јавно-приватно партнерство не е конкретно споменато под такво име во таа прва верзија, но е споменато како приватна иницијатива поврзана со културното наследство. Имено, во првата глава во основните одредби на законот, под терминот „Остварување на заштита“ во членот 6, став 1 во точката 8 се наведува и следното:

Стимулирање на невладините организации и приватните иницијативи за заштита и користење на културното наследство (стр.3).

Во ставот 2 на членот 6 се споменува дека „заштитата на културното наследство се остварува и со“… негов третман како одржлив економски и социјален развој, „особено во насока на развојот на културниот туризам“

Доколку се земе целината на фразата „заштита и користење“ од точката 8 во членот 6 од законот, јасно е дека таа може да се вклопи во она што денес се нарекува јавно приватно партнерство и во она што го говори Љутков, кој појаснува или се дообјаснува дека пред седум дена кога споменувал културно наследство и бизнис на приватниот сектор, мислел на овие придружни инфраструктурни објекти за кои зборува во интервјуто за Сител.

Сепак, како модел на јавно приватно партнерство не се споменува конкретно во овој закон од 2004 година, ниту се разработува, освен во делот на заштита и на движното и на недвижното наследство каде се зборува за специјализирани правни лица што треба да исполнуваат посебни услови (дипломиран конзерватор и слично). Но, се споменува во подоцнежни измени на законот.

 

Концесионер на културно наследство може да биде и странско лице!

Законот е менуван десетина пати. Во главата IV од законот, насловена како Режим на заштита и користење на културното наследство, во еден дел е споменато и концесионерството и јавно-приватното партнерство како начин на користењето на културното наследство. Сепак, има и ограничувања. Во работните верзии на овој пречистен текст на Законот за заштита на културното наследство што можат да се најдат на јавни институции и министерства, онаму каде се споменува и концесијата и јавно-приватното партнерство во членот 117 се наведува идентичен текст:

(1) Во заштитата на културното наследство јавниот интерес може да се остварува и преку концесија или со воспоставување на јавно приватно партнерство, согласно со овој закон и Законот за концесии и јавно приватно партнерство.

(2) Предмет на доделување на концесија и на вршење на јавно приватно партнерство може да биде културното наследство од јавен интерес и остварувањето на заштитата на културното наследство од јавен интерес согласно со овој закон, со исклучок на:

1) резервирани археолошки зони и други не истражени или нецелосно истражени археолошки наоѓалишта;

2) меморијални објекти, обележја и места поврзани со значајни настани и истакнати личности;

3) култни или други места и објекти поврзани со обичаи, верувања или посебни традиции и

4) недвижни добра од членовите 12 став (2) и 13 став (2) од овој закон.

(3) Доделување на концесија и воспоставување на јавно приватно партнерство од ставот (1) на овој член се врши на начин и во постапка утврдени во Законот за концесии и јавно приватно партнерство, согласно со посебните услови утврдени со овој закон.

(4) Концесијата од ставот (1) на овој член не може да се пренесува.

Она што законодавецот го предвидел уште во првата верзија од 2004 година, а останува и во актуелната е дека концесионер на културно наследство може да биде и странско лице и тоа е наведено во членот 118 од законот кој гласи:

(1) Концесија може да се даде на домашно или странско правно и физичко лице (концесионер) кое ги исполнува следниве посебни услови:

  1. да е регистрирано во матичната земја за вршење на дејност за која се доделува правото на користење на недвижното културно наследство предмет на концесија;
  2. Да има материјално-технички можности за вршење на дејноста од точката 1 и за заштита на недвижното добро кое е предмет на концесија и
  3. Да понуди програма за ревитализација и план за управување со недвижното добро кое е предмет на концесијата.

(2) Концесионерот има статус на имател на културно наследство, со права и должности утврдени со овој закон и договорот за концесија.

Имајќи ги предвид погоре посочените аргументи, терминологијата и ограничувањата, може да се заклучи дека Љутков е во право кога вели дека моделот бил разработен уште од Законот во 2004 година – иако терминот јавно приватно партнерство не се споменува во таа форма, како и кога вели дека и концесионерството постои во законот. Поради тоа може да се даде оценка дека она што го кажа Љутков во делот од интервјуто што беше предмет на оваа проверка е вистина, со таа забелешка дека во сите верзии на законот како примарен, иако неединствен субјект на заштита на културното наследство е наведена државата.

 

Извори:

 

Оценил: Теофил Блажевски

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција