„Призма“: План за задушување на граѓанските организации под маската на „десороизацијата“

Цели три седмици пред тогашниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, да порача од протестите пред Државната изборна комисија дека ќе се случува „десороизација“, тој процес веќе на големо се одвивал – три седмици претходно институциите почнале да се подготвуваат за една од најголемите акции на притисоци и закани врз критичарите на тогашната власт, пишува „Призма“ во својата анализа за процесот на притисоци, вонредни долги контроли од УЈП со присуство на полиција.

Овие повеќемесечни интензивни контроли врз 22 невладини организации, со кои не се најде ништо незаконско, не резултираа ниту со одговорност за нарачателите и за спроведувачите, ниту со системски измени што би спречиле по политички диктат институциите да бидат употребувани за пресметки со граѓанското општество.

„Документите до кои дојдовме и сведочењата на луѓето што биле инволвирани во процесот покажуваат дека институциите носеле одлуки во многу кратки рокови, некритички и неселективно ги прифаќале обвинувањата изнесени од партијата и ги користеле како единствен аргумент за иницирање максимални претреси на документацијата. Државната комисија за спречување на корупцијата ја одиграла клучната улога, откако подлогата претходно ја подготвиле медиумите и ад-хок телото на АВМУ, а работата потоа во свои раце ја презеле Управата за јавни приходи, Јавното обвинителство, МВР, Финансиската полиција и подоцна Управата за финансиско разузнавање“, пишува „Призма“.

Меѓу организациите од граѓанското општество што се најде на удар на власта, беше и Фондацијата „Метаморфозис“.

– Се обидуваа да најдат докази дека преку невладините организации се плаќаат луѓе што не работат за нив, односно не работат на исполнување на задачите од проектите, туку наместо тоа, вршат некаква работа за СДСМ. Тоа, нормално, не го најдоа – вели Филип Стојановски од „Метаморфозис“ за „Призма“.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција