Про-Кремљ актери се мозокот на исламофобната операција со „отсечени свински глави“ во Париз

Илустрација: Вистиномер

Акцијата со исламофобична симболика предизвика огромен гнев, таа била планирана и координирана со цел да се предизвикаат емоции, страв и поделби во француското општество

Истражувањето на OCCRP открива таканаречени „когнитивни удари“ против западните земји. Главната стратегија била постојано продлабочување на општествените поделби, а целта не била само пропаганда, туку и создавање политичка нестабилност. Една од најшокантните акции се случила во Париз на 9 септември 2025 година: пред девет џамии биле оставени отсечени свински глави на кои со сино мастило беше испишано името „Макрон“. Акцијата со исламофобна симболика предизвика огромен гнев, а сега OCCRP открива дека била планирана и координирана со цел да се предизвикаат емоции, страв и поделби во француското општество 

 

Пишува: Мирослава Симоновска

 

Истражување на Проектот за известување за организиран криминал и корупција (OCCRP) открива сериозна мрежа на руски операции насочени кон дестабилизација на Западот. Протечени документи и разговори покажуваат дека акциите биле координирани од структури блиски до Кремљ. Во центарот на приказната е руската агенција „Social Design Agency“ или SDA, која веќе  е под санкции од Европската Унија, САД и Велика Британија.

Истражувањето открива таканаречени „когнитивни удари“ против западните земји. Целта била да се создаде страв, поделби и недоверба меѓу луѓето. Една од најшокантните акции се случила во Париз на 9 септември 2025 година. Како што тогаш известија сите светски медиуми, пред девет џамии биле оставени отсечени свински глави на кои со сино мастило беше испишано името „Макрон“. Акцијата со исламофобична симболика предизвика огромен гнев, а сега OCCRP открива дека била планирана и координирана со цел да се предизвикаат емоции, страв и поделби во француското општество.

Кои биле инструкторите за „когнитивните напади против Западот“?

Според истрагата, зад нападот стоеле српски државјани кои биле осудени во Србија заради шпионажа и поттикнување на расна и верска омраза по инструкции на „странска разузнавачка служба“. Судските документи наведуваат дека биле поврзани со руските разузнавачки служби, објави OCCRP.

Протечените материјали детално го опишуваат планот за таа конкретна операција. Во десетици датотеки кои ги добил OCCRP имало внатрешни извештаи за планирани и завршени мисии како и снимки од екранот од приватни разговори од алатка на работното место што ја користеле вработените на SDA и административните службеници. Внатре, според OCCRP, детално биле опишани бројни операции интерно опишани како „когнитивни напади против Западот“.

Освен операцијата „свинска глава“, биле вклучени и други вандалски напади во Германија и Франција, напори за промовирање проруски пораки и кампањи за мешање во изборите. Имало и план за влијание врз претстојните парламентарни избори во Ерменија преку медиум насочен кон гласачите што зборуваат руски јазик, за да се спречи геополитичкото свртување на земјата кон Западот.

Документ насловен како „извештај за операцијата свинска глава“ ги детализира внатрешните планови што биле вклучени во нападите врз џамиите во Париз, вклучувајќи фотографии од подготвените свински глави пред да бидат дистрибуирани, кои никогаш не се појавиле во јавноста. Според документот, група од шест оперативци пристигнала во Париз на 7 септември, спровела извидување на 8 септември, ги испорачала свинските глави следната ноќ, а потоа „успешно ја напуштила земјата“. Досието завршува со долг список на вести на француски англиски и руски јазик што се однесуваат на нападот. „Операцијата доби широка покриеност во светските медиуми“, се вели во него. Една протечена порака ја наведува една од целите на овој вид информациска војна – да ѝ се помогне на Русија „да го одржи имиџот на суперсила“ на светската сцена, пишува OCCRP.

Објавена е и фотографија од свинските глави пред да бидат оставени пред џамиите, која ја имало во протечените досиеја.

Документите покажуваат и други слични операции. Според судските пресуди што им биле изречени на српските државјани осудени за вмешаност во инцидентите со свински глави во Париз, групата исто така ја таргетирала еврејската заедница. Нејзините членови истуриле зелена боја врз Музејот на Холокаустот во Париз и неколку синагоги и оставиле пластични скелети во Берлин, во близина на споменикот на Холокаустот. Според судот, целта била да се разгорат тензии меѓу муслиманите и Евреите.

Во разговорите учесниците користеле лажни имиња. Еден од нив го користел псевдонимот „Едвард Бернис“, познат пропагандист од минатиот век. Друг корисник се претставувал како „Kristin Kiler“. Истражувачите тврдат дека зад тоа стоела Софија Захарова, која е службеник во руската претседателска администрација и се наоѓа на листата на санкции на Велика Британија. Во пораките таа координирала операции и финансирање. Во еден разговор се споменува и Сергеј Кириенко, висок функционер во Кремљ.

Злоупотребата на Украина

Документите покажуваат дека операциите не биле само интернет пропаганда, туку се користеле реални инциденти за да се создаде хаос. Плановите вклучувале и лажни акции во име на Украина. Еден документ опишувал план за вандализирање споменик на поранешниот француски претседател Шарл де Гол, во името на „украинските националисти“.

Мора да не биле претходно инволвирани во претходни напади и мора да мислат дека „оперираат за интересите на Украина и дека извршуваат наредба од фондацијата Олена Зеленска (сопруга на претседателот на Украина Володимир Зеленски н.з),  пишува во инструкциите што протекле, а дојдоа до новинарите на OCCRP.

Постоел и бизарен план да се остават секс-кукли во реката Сена на кои требало да има антиимигрантски пораки. Некои од операциите никогаш не биле реализирани, но документите покажуваат колку далеку оделе плановите.

Покрај Франција, таргет била и Германија. Во една акција биле оштетени стотици автомобили чии ауспуси биле полнети со пена, а целта била да се имплицира дека тоа е дело на припадници и симпатизери на германската Зелена партија.

Истражувањето открива и операции насочени кон Ерменија, каде целта била да се влијае врз изборите и јавното мислење. Користени биле дезинформации против ерменскиот премиер Никол Пашинјан. Во документите има и сценарија против украинскиот претседател Володимир Зеленски за кого биле ширени лажни приказни за луксузни имоти и богатство. Според извештаите, некои лажни вести достигнале милиони прегледи, а поттикнувачите за нивното ширење, во протечените документи ги коментираат и фактчекираните верзии, кои тврдат дека Зеленски не купил стан за мајка му во Бурџ Калифа Дубаи.

Во плановите за 2026 година се споменуваат и алатки со вештачка интелигенција, се работело на системи за следење на јавното мислење и влијателни личности. Документите покажуваат амбиција за долготрајна информативна војна.

Експерти предупредуваат дека ваквите акции можат лесно да поттикнат омраза. Тие велат дека Европа веќе е чувствителна на теми како миграција и религија. Главната стратегија била постојано продлабочување на општествените поделби, а целта не била само пропаганда, туку и создавање политичка нестабилност.

Истражувањето открива колку модерните конфликти сè повеќе се водат преку дезинформации и манипулации.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција