Пробиените рокови за ДИК и за медиумите упатуваат на одложување на изборите

Сè околу изборите доцни, самите избори сè уште не доцнат . Фото: pixabay

 

Од сите пробиени рокови од договорот во „Пржино“, како клучни се покажаа оние за Државната изборна комисија (ДИК) и за медиумите. Според мини истражувањето што го направивме, ова пробивање упатува на неопходноста од одложување на предвремените избори закажани во април 2016, доколку крајната цел е одржување на неспорно фер и слободни избори.

 

Пишува: Тео Блажевски

 

Кога во средината на годинава по долги и мачни преговори и со претходни турбуленции по улиците на Скопје и други градови, се потпиша финалниот договор меѓу четирите водечки политички партии во Македонија за излез од политичката криза. Тие се согласија на добра волја за спроведување на сето она што беше запишано во договорот. Последната реченица од договорот гласи:

Политичките партии се обврзуваат да покажат добра воља и да го имплементираат овој договор во целост. Партиите, исто така, се обврзуваат дека нема да преземат никакви чекори кои ќе ја попречат имплементацијата, особено во врска со спроведувањето на изборите од 24 април 2016 година.

Денес, на крајот од оваа година и на околу 130 дена од веќе закажаните предвремени избори за во април 2016, сосема е јасно дека повеќето рокови за исполнување на договореното за реформи и подобрувања во повеќе сфери за да може да се одржат фер и демократски избори, се пробиваат. Единствен рок кој не беше пробиен е враќањето на опозициските пратеници во Собранието. Од важните прашања беа пробиени роковите за етаблирањето на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), кое секојдневно се соочува со потешкотии во остварувањето услови за својата работа, новиот состав на Државната изборна комисија (ДИК) кој треба да има зголемени надлежности и одговорности, проверка на избирачкиот список и носењето други законски измени поврзани со изборите како што измената на Законот за финансирање на политичките партии и, што е многу важно, измените во медиумската сфера или т.н. медиумска реформа. Не функционира како што треба ни Анкетната комисија за скандалот со прислушувањето во Собранието на РМ, која требаше да работи на разјаснување на аферата со незаконски прислушкуваните телефонски разговори, кои беа „тригер“ за политичката криза преку случајот „Пуч“, а потоа и преку т.н. бомби на опозицијата.

Се чини дека, сепак, најважни две прашања кои се важни за датумот на изборите, се функционалната работа на новата ДИК и проверката на избирачките списоци, како и реформата на медиумската сфера. Дали и покрај доцнењето со роковите за спроведување на измените во овие две области, сè уште е можно одржување на фер и „кристално чисти“ избори на 24 април 2016 година?

 

ДИК И ИЗБИРАЧКИОТ СПИСОК

Во врска со прашањата поврзани со функционалноста на ДИК, со методот на прочистување на новиот изборен список и со преостанатите законски измени во оваа сфера, политичарите од опозицијата и власта имаат дијаметрално спротивни мислења. Власта вели дека сите услови се исполнети, опозицијата, напротив, го тврди спротивното. За проверка на овие тврдења решивме да побараме експертско мислење.

Невладината организација „Мост“ која е специјализирана за изборното законодавство и процеси, и особено за набљудување на самите избори, уште од првите денови од спроведувањето на Договорот од Пржино беа активно вклучени и во консултациите и во преговорите. Ги запарашавме дали и покрај пробиените рокови е можно од технички аспект навремено извршување на сите подготовки за спроведување на фер избори. Пред сè, на спроведување на прочистувањето на избирачкиот список и внатрешната организациска поставеност на новиот ДИК:

Фактот што процесите во врска со екипирањето и надлежностите на ДИК доцнат 3 месеци во однос на роковите предвидени во Договорот од Пржино, секако дека ќе има влијание врз тоа каква методологија ќе биде избрана за проверка на избирачкиот список, велат од „Мост“.

Методологијата, пак, според оваа организација е клучна:

Oд опфатот на методологијата ќе зависи перцепцијата за квалитетот на избирачкиот список и, следствено, перцепцијата за постоење на услови за спроведување на фер и слободни избори.

Дека проверката на избирачкиот список и методологијата за тоа се клучни, потврдиле за провладиниот „Дневник“ и извори од политичките партии учесници во преговорите. Притоа, СДСМ инсистира на целосна теренска проверка, за ВМРО-ДПМНЕ е прифатлива секоја методологија што ќе ја предложи СДСМ, но двете партии на Албанците според овој извор имале, различно мислење.

 

РЕФОРМАТА НА МЕДИУМСКАТА СФЕРА НЕПОВРАТНО ИЗГУБЕНА ВО ВРЕМЕТО

Преговорите околу медиумите се покажаа како едно од најжешките костени во рацете на преговарачите. Процесот започна во октомври без транспарентност, која малку од малку беше остварена по протестите на новинарските здруженија, кои, исто така, се поделени – од една страна ЗНМ и Независниот синдикат (со поддршка на нивните барања за транспарентност и од Советот и за етика на медиумите во Македонија и на Македонскиот институт за медиуми), од другата страна Македонската асоцијација на медиуми (МАН). Барањата и нивните ставови во врска со промените во медиумската сфера се апсолутно различни, иако и двете страни тврдат дека се борат за што послободни медиуми и регулаторно тело кои заедно треба да овозможат професионално и балансирано покривање на предизборниот и изборниот процес.

Ваквото закочување на реформата во оваа област и не е за чудење, со оглед на фактот што професионални медиуми, а особено Јавниот сервис, треба да овозможи следење на промените во другите неопходни области за вонредните избори и, се разбира, објективно покривање на понудите на политичките партии, како и на самиот изборен ден. Од друга страна, сегашната ситуација со поделени и партизирани национални телевизии и весници, а особено со партизирани МРТВ и регулаторно тело, создаваат услови за сè друго, освен за точно и урамнотежено известување и креирање на јавно мислење. А, дезинформирана јавност, веќе создава огромна предност на страна на оној што успева да ја дезинформира.

Сосема е извесно дека преговорите за медиумите нема да продолжат најмалку до 15-ти јануари следната година, а тоа значи до 100 дена пред избори. Дали три месеци ќе бидат доволни да се спроведат промените и да се создаде нов медиумски амбиент?

Доцент д-р Сефер Тахири, комуниколог и професор на Универзитетот на Југоисточна Европа „Макс ван дер Штул“, смета дека сите рокови се пробиени и оти ситуацијата за промена е неповратно изгубена од аспект на април 2016 година:

Сите рокови за преостанатите точки од договорот од „Пржино“ се пробиени, но тоа е неповратен процес за медиумската сфера. Дури и да се договорат партиите за јавниот сервис МРТ и за новите членови на Програмскиот совет, дури и да се договорат и за деполитизацијата на Агенцијата за медиуми, тоа нема ништо суштински да влије во медиумската сфера и како резултат на тоа, гледано од временскиот рок 24 април, во најголемито дел од медиумите ништо нема да се промени. Тоа е, меѓу другото и резултат на парите кои досега беа добиени од владините реклами и по други основи, но и на идните што ќе стигнуваат по различни канали.

Запрашан за колку сме го испуштиле рокот, д-р Тахири смета дека се во прашање два-три месеца:

За да можеше нешто да се направи и да се придвижат работите, реформите за МРТ и за Агенцијата требаше да бидат почнати уште во септември. Сега е бесмислено да зборуваме за избалансиран и професионален медиумскиот систем и политичките партии нема да имаат рамноправен третман во април, макар и уште утре да се постигне договор за оваа сфера, а знаеме дека речиси е сигурно дека ништо нема да се случува до крајот на јануари. Два месеци пред избори ништо нема да сменат кај јавноста, зашто медиумите, особено телевизиите, веќе го имаат формирано јавното мислење и влијанието на гласачката волја, вели др. Тахири.

Јасно е дека состојбата е сложена. Оттука, не треба да чудат сè погласните повторувања на опозицијата дека нема да излезат на избори ако не се обезбедат кристално чисти услови. Владејачката партија, пак, ова вешто го ползува во билдање на сопствен рејтинг, тврдејќи дека СДСМ се плаши од соочување со народот. Сепак, најголема закана и најголема опасност од блокирањето на преговорите и пролонгирање на ваквата статус-кво ситуација е за граѓаните на Македонија и за нивниот личен просперитет и спокојство.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција