Проблемот со трасата Требеништа-Ќафасан е поврзан со УНЕСКО, а не со домашната политика

З.Села. Фото: АА/Собрание/скриншот

Тврдењето на Зијадин Села (и на ДУИ) дека зад ова стојат други, политички мотиви со цел да не се развиваат патните и другите врски со Албанците од Албанија, каков што е контекстот на изјавите, е невистинито тврдење. Проблематизацијата на изградба на оваа траса навистина доаѓа од УНЕСКО.

Требеништа-Струга-Ќафасан е испроектиран и влезен во договор со конзорциумот „Бехтел и Енка“ како една од трасите што треба да се изградат во рамките на Коридорот 8, за којшто дури сега стигнуваат изјави од највисоките претставници на власта дека најверојатно ќе претрпи измена и нема да се гради како што е замислен поради УНЕСКО. Тврдењето на Зијадин Села (и на ДУИ) дека зад ова стојат други, политички мотиви со цел да не се развиваат патните и другите врски со Албанците од Албанија, каков што е контекстот на изјавите, е невистинито тврдење. Проблематизацијата на изградба на оваа траса навистина доаѓа од УНЕСКО. Зошто тоа дури сега се признава е сосема друго прашање

 

Зијадин Села, лидер на едното крило од Алијансата за Албанците даде изјава во врска со можноста да се отстапи од изградба на трасата Требеништа – Струга – Ќафасан во којашто може да се детектира невистина:

Владата се подготвува да направи девијација на Коридорот 8, наместо да се реализира проектот кој е многу значаен за економијата на Северна Македонија, геополитички и геостратешки за НАТО каде што ние припаѓаме и сме полноправна членка, кој го поврзува Црно Море со Јадранското Море. За жал, тоа што го најавив го слушнавме и од премиерот дека коридорот нема да се гради заради проблеми што наводно се појавиле во врска со УНЕСКО, истакна Села.

Ова е менталитет на Никола Груевски и тоа што се случува не е ништо друго туку освен продолжение на таа логика. Тогаш Никола Груевски со ДУИ, денес Мицкоски продолжува со истата политичка мисла да се девалвира еден толку важен коридор. (извор тука)

[Извори: Независен и ТВ 21вест/вест – датум: 30.03.2026]

Образложение:

Изјавата и тврдењето на Села дека изградбата на делницата Требеништа-Струга-Ќафасан власта намерно не сака да го гради, а дека УНЕСКО се користи само како изговор, е невистинито тврдење, на кое се надоврзува и опозициската партија ДУИ.

Села, а потоа и ДУИ, де факто реагираа на изјава на премиерот Христијан Мицкоски, кој на поставено новинарско прашање на 29.03.2026 г. во врска со изградбата на коридорите 8 и 10 и посебно за оваа делница конкретно изјави:

Тој дел (Tребеништа-Струга-Ќафасан) најверојатно нема да остане во план зашто не зависи тоа од нас, туку зависи од УНЕСКО, но се бара начин како да се заокружи и таа целина. Влегува во периметарот на УНЕСКО и тука ќе најдеме начин како да имаме безбеден сообраќај помеѓу тие две отсечки и мислам дека тоа ќе го направиме. Така што, во овој момент, најверојатно – не е донесена сè уште одлука, уште се преговара, уште се разговара – но најверoјатно тука ќе треба да имаме некакви измени (извор: Влада/Јутјуб – види од 24.30 мин).

По ова реагираше и лидерот на едното крило од Алијансата на Албанците, Зијадин Села, со став кој е погоре цитиран, а потоа следуваше и речиси идентичниот став на ДУИ кој го пренесе ТВ 21:

Проблемот не е технички. Тој е политички. ВЛЕН е дел од Владата и носи директна одговорност. Во проект што директно ја засега врската со Албанија и интересот на Албанците, немаше ниту став, ниту противење, ниту реакција. Да се користи УНЕСКО како покритие за прекин на стратешки врски е неприфатливо. Да се биде во Влада и тоа да се прифати без збор е политичко предавство, велат од ДУИ.

Ставовите се јасно контекстуализирани – сегашната власт намерно не сака да ја гради споменатата отсечка од делницата за поврзување со Албанија преку Ќафасан, со цел да не се развиваат патните врски со Албанија. Но, проверката на ваквите тврдења покажуваат дека тоа не е вистина.

 

Реакциите од ВЛЕН и од Николоски

Најпрво еве ги реакциите од коалицијата на албански партии во власта ВЛЕН и од министерот за транспорт и вицепремиер Александар Николоски:

Во однос на делницата Требеништа-Ќафасан, треба да се истакне дека во почетната фаза на проектирање не било побарано мислење од УНЕСКО, иако станува збор за чувствително подрачје. Институциите работат во координација со УНЕСКО за да се најде најсоодветно решение, без да се загрозат меѓународните стандарди и статусот на подрачјето. Поврзувањето Струга-Ќафасан ќе се реализира, како дел од нашата посветеност за целосно инфраструктурно поврзување со Албанија, велат од ВЛЕН.

Инаку, оваа позиција на ВЛЕН ја кажа и заменик министерката за транспорт Калтрина Зеколи Шаќири на 31.03.2026 г. :

Имаме нејаснотии, затоа што кога беше направен проектот од претходната влада УНЕСКО не беше консултирано и покрај чувствителноста на оваа зона која е богата со археолошки остатоци. Сепак, немаме конкретна одлука, чекаме на одлука на УНЕСКО, но она што е важно да се истакне е дека врската со нашиот албански сосед ќе се оствари…експертите од оваа област гледаат можности како оваа врска да се реализира. Едно е сигурно, врската Струга со Албанија преку Ќафасан ќе се оствари без сомнежвели Зеколи Шаќири во изјава за ТВ 21 (после 0,35 сек. во видеото).

И Александар Николоски дал ист став за ТВ 21:

Се гради трасата во моментов, така што ако немавме намера да работиме, немаше ни да се гради! Но, исто така има многу јасна препорака од УНЕСКО за заштита на животната средина и културното наследство, имајќи предвид дека оваа зона е заштитена од УНЕСКО поради бројните археолошки реликвии што се наоѓаат на оваа траса. Ние мора задолжително да се придржуваме до препораките на УНЕСКО, бидејќи за оваа траса не можат да се носат неповратни одлуки, изјави министерот за транспорт и врски, Николоски.

Проблемот од УНЕСКО е детектиран уште во 2019 година

Проверката за тоа дали УНЕСКО е причина за ваквите ставови на власта за преиспитување на трасата, покажа дека навистина оваа меѓународна организација, под чија надлежност се и севкупна заштита на целиот регион околу Охридското езеро, изразила негативен став и дала препораки уште на самитот во Баку во 2019 година. Мета. Мк. во текст под наслов „Ќе има ли промена на трасата на идниот автопат Требеништа – Струга?“, објавен на 25.07.2019 година пишува:

УНЕСКО бара една работа, а надлежните државни власти засега преземаат минорни мерки околу проектот за изградба на автопатот Требеништа – Струга. Во точката 7 од Конечната одлука на Комитетот за светско наследство на 43. Седница на УНЕСКО, што се одржа во Баку, се вели дека државата не направила соодветна проценка на севкупното влијание на овој автопат врз исклучителната универзална вредност (УИВ) на Охридското езеро како светско наследство.

Две години подоцна, во 2021 г., УНЕСКО повторно дава препораки и изразува барање поврзано со изведба на целиот Коридор 8, вклучувајќи ги и патот и железничкото, но и енергетското поврзување меѓу С. Македонија и Албанија по должината на овој Коридор, за што, исто така, сведочи текст на Мета.мк, под наслов „УНЕСКО: Пругата, автопатот, гасоводот и далноводот кон Албанија да се градат по една траса“. Во текстот, меѓу другото, пишува:

Со готова проектна документација е и автопатот Требеништа-Струга, а допрва треба да се работи на проектната документација за делот од Струга до границата меѓу двете земји. За Коридорот 8 што минува низ Охридскиот регион, УНЕСКО во Нацрт-извештајот повторно дава конкретни препораки, иако видоизменети по содржина од минатата година.

Веќе следниот месец, на 11.02.2021 г. за Мета.мк надлежните најавиле изработка на физибилити студија за автопатот и дека забелешките на УНЕСКО ќе се разгледаат:

Од ова јавно претпријатие го добиле и го разгледале Нацрт-извештајот на УНЕСКО за состојбата со природното и културното богатство на Охридскиот регион. Тие посочуваат дека вклучените технички препораки во извештајот ќе бидат разгледани на техничко ниво и во координација со другите јавни претпријатија до кои се упатени забелешките од УНЕСКО, се наведува во текстот на Мета.мк.

Во февруари 2026 година во седиштето на УНЕСКО во Париз отпатува владина делегација каде оствариле средби на највисоко ниво. Целта на посетата во чиј состав од македонска страна беа дури тројца министри – Александар Николоски, Тимчо Муцунски и Зоран Љутков, „беше состојбата на Охридскиот Регион како природно и културно светско наследство, при што беше нагласена важноста од континуирана и навремена имплементација на препораките за заштита, со цел зачувување на неговиот статус на Листата на светско наследство“, пишуваат дел од медиумите, повикувајќи се на информација од Николоски.

Дел од патот Струга – Ќафасан(2021). Фото: Бојан Блажевски/Мета.мк

Една недела подоцна, на 19.02.2026 г. Николоски дава изјава дека ќе се ревидира изградбата на трасата од автопатот Требеништа – Ќафасан:

Треба да донесеме стратешка одлука во однос на развивањето на тој проект. За тоа постојат неколку причини. Првата е тоа што јас ветив дека до крајот на следната година ќе имаме целосно функционален автопат Кичево-Охрид и тука се поставува прашањето како најдобро да се поврзе Струга, затоа што од Подмоље има само седум километри до градот. Второто прашање е заштитата на Охридското езеро и целиот регион. Ние имаме стриктни забрани од УНЕСКО да развиваме автопат и железница во заштитениот дел. Во март во Париз ќе ги отвориме овие прашања и секако нема да одиме спротивно на препораките на УНЕСКО, рече Николоски, пишува Фактор.мк.

На 3 март оваа година за 360 Степени на МРТ, Николоски изјавува дека „не би одел со глава во ѕид“ против УНЕСКО:

Моето чувство е, иако на писмено чекаме да се изјаснат, дека ова е навистина проблематичен проект за нив. Јас се обидов да го објаснам и политичкиот и економскиот контекст. Но, не сум неискусен да го забележам отпорот. Во исто време, ова е единствениот проект за кој се согласија и единствената забелешка од многубројните што ги има за Охридскиот Регион, за кое се согласија да дадат на писмено мислење. За сè друго беше – ќе си дојде јули, ќе го видите извештајот, во меѓувреме работете. Јас не би одел со глава во ѕид и не би одел спротивно на препораките на УНЕСКО затоа што сметам дека не можете во сè да гледате математика… вели Николоски. 

Од аргументите изнесени погоре, јасно е дека изјавата на Зијадин Села (па и на ДУИ) дека за најверојатно отстапување од изградбата на делницата Требениште-Струга – Ќафасан за што зборуваат и Мицкоски и Николоски, навистина се размислува, но не од политички мотиви, туку поради забелешките од Центарот за заштита на светското културно наследство на УНЕСКО, па оттаму изјавата на Села може да се оцени како невистина.

Сосема е друго прашање зошто и покрај детектирани проблеми и несогласување од УНЕСКО уште од 2019 година, оваа траса влегла во договорот за изградба на Коридорите 8 и 10 Д, со „Бехтел и Енка“ уште во 2023 година и се туркала и од сегашната влада во 2024 и 2025 година, при што како што пишува Рацин.мк, е влезена и во буџетската пресметка и за 2026 година.

 

Извори:

 

Оцени: Теофил Блажевски

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција