Проблемот со Вардариште е многу постар од 4 години

Фото: Мета.мк/архива

Точно е тоа дека депониите Вардариште и Дрисла во моментов продуцираат опасен воздух за голем дел од Скопје, но делумно е вистинито дека премиерот и партијата, односно нивните градоначалници можат да се обвинат за овие еколошки проблеми, како што тврди СДСМ во соопштението насловено „Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се виновни за депониите кои го трујат Скопје“. Вината кај нив е само делумна затоа што проблемите, особено со Вардариште е многу постар од една година централна и четири години локална власт

 

Во соопштение на опозициската партија СДСМ посветено на загадувањето на воздухот во Скопје од дивите депонии може да се најдат елементи кои може да се оценат како делумна вистина:

На Скопје и на пола Македонија им се заканува еколошка катастрофа поради тоа што четири години ВМРО-ДПМНЕ не мрднаа со прст да го решат проблемот со депониите.

Секојдневно, стотици илјади граѓани се под закани на канцерогени материи, затоа што неспособната власт на ВМРО-ДПМНЕ дозволи дивите депонии да станат еколошки бомби.

Неспособното ВМРО-ДПМНЕ и нивните градоначалници се најголемата катастрофа за Скопје. Ветуваа дека сите депониии ќе ги исчистат и ќе најдат решение, после 4 години нема ништо од тоа. Резултатот е поразителен, задушен град и огромен ризик по здравјето на скопјани од канцерогени материи.

Орце Ѓорѓиевски нели е претседател на ЗЕЛС зошто се крие?

Треба да престане да бега, да излезе и да им каже на граѓаните зошто четири години не е решена депонијата Вардариште, зошто не е решена Дрисла, зошто ништо не е направено?

Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ го загушија Скопје и ја трујат Македонија, и токму тие се најголемите виновници за еколошката катастрофа што се случува…

[Извор: СДСМ – Соопштение – датум, 11.09.2025]

Образложение:

Оценката на партијата дека воздухот во Скопје е екстремно загаден затоа што 4 години градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ не мрднале со прст да ги решат проблемите со депониите, при што се апострофирани Вардариште и Дрисла, е делумно вистинито од две-три причини.

Првата и основна е што проблемот е многу постар од изминатите 4 години и ако се бара вина, односно немање политичка волја да се справат со проблемот, периодот на проценка е десетици години наназад, а најмалку два градоначалнички мандати. Притоа, проблемите се различни.

Додека Вардариште е дива депонија, Дрисла е единствената легална депонија изработена според современи стандарди во земјава и таа досега не создавала поголеми проблеми со загадувањето на амбиенталниот воздух, освен во најблиската околина, во најблиското село до депонијата Батинци, каде што во изминатите години имало протести на локалните граѓани поради чувство на лоша миризба од депонијата.

Затоа во оваа рецензија фокусот е на Вардариште. А што се однесува до Вардариште, проблемот најпластично го опиша експерт за животна средина, Татјана Чакулев од О2 иницијативата, гостувајќи пред неколку дена на ТВ Сител во Тема на денот. Запрашана зошто овој проблем сè уште не е решен, Чакулев меѓу другото одговори:

Очигледно нема политичка волја, нема друг одговор на тоа прашање зошто нема решение. Треба да се инвестираат средства и да започне целата работа. Меѓутоа, ние уште пред десетина години, добивме информација дека за да се направат изведбените и тие основни проекти, значи проектната документација врз основа на која може да се почне нешто да се прави со таа депонија, прво да се санира па да се ревитализира, потребна е изработка на Детален урбанистички план (ДУП) за тој дел. Тој дел спаѓа во Гази Баба. Ние уште тогаш – ова зборуваме неколку градоначалници наназад – бевме, зборувавме дека треба под итно да се донесе (ДУП-от) и сите викаа „аха, аха, да, да“ – и така поминаа неколку градоначалници, „милион“ ДУП-ови се донесоа, меѓутоа овие не се донесоа. А изработка на овие ДУП-ови е толку едноставна, бидејќи таму нема згради, нема цртање на други објекти – значи ептен е едноставно тој ДУП да го изработиш. За конечно, годинава, во февруари (ДУП-овите кај Вардариште), да влезат во годишната програма на Владата за изработка на урбанистички планови и сега ги изработува Агенција за просторно планирање. Значи кочницата била Гази Баба…- вели Чакулев.

Од оваа информација на Чакулев, која може да се оцени како информација од добро информиран извор, станува јасно дека проблемот е многу постар од мандатот на сегашниот градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ. Впрочем, дека Вардариште, која сè до 1997 година била, што вели Чакулев, „тогашната Дрисла на Град Скопје со децении“, не е нов проблем, зборуваат и други податоци.

Во 2020 година исто поради неподнослива смрдеа од Вардариште, граѓаните организираат протест, но овој пат не во Нов Аеродром, туку кај рампата во Маџари. Неколку часа пред протестот, тогашниот градоначалник на Скопје Петре Шилегов (градоначалник од СДСМ) излегува на прес конференција на која побара вклучување на државата поради високите средства за расчистување на просторот и негова ревитализација:

Според таа студија (за санација на некогашната депонија Вардариште) која ја имаме направено да се изврши една примарна заштита на тој простор со технологиите кои се познати, потребно е за примарната некаде околу 25 милиони евра, а за целосна санација некаде околу 40 милиони евра средства кои Град Скопје за жал ги нема на располагање, рече денеска градоначалникот Петре Шилегов на брифингот на новинари.

Ова јасно покажува дека проблемот постоел и не бил решен многу повеќе од 4 години. Впрочем за тоа зборуваат фактите дека за Вардариште расправал и Советот на Гази Баба во 2019 година (градоначалник Борис Георгиевски од СДСМ), при што од стенограмот на седницата може да се заклучи дека проблем на Вардариште, освен комуналниот отпад, е и шутот што го фрлал правниот субјект што тогаш почнал да гради кај поранешен Скопски Саем – денешен Ист Гејт мол – стр.29 и 30 од Записникот).

Освен ова, Вардариште е регистрирано и влезено како проблем во локалниот еколошки акциски план 2020-2026 година (донесен во време на Георгиевски, а спроведуван од актуелниот градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ Бобан Стефковски).

Актуелниот градоначалник Стефковски пак, иако досега сè уште не го решил просторот со ДУП-от како што тврди Чакулев, во своите два отчети за периодите од 2021-2022 и од 2021 – 2023 година, што се наоѓаат на веб страната на Општина Гази Баба, тврди дека спровел акции на чистење на депонијата Вардариште спроти Кванташкиот пазар.

Но и градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска, од која ВМРО-ДПМНЕ јавно се откажа иако беше поддржана и со помош на оваа партија победи во 2021 година, презела активности за расчистување на Вардариште и за спроведување на дел од физибилити студијата од 2014 година за кој зборувше и Шилегов уште во 2020 г. Имено, Арсовска во јануари 2024 година објави дека Градот започнал со реализација на чистење на Вардариште со помош на своите јавни претпријатија.

Чест и задоволство ми е да им соопштам на граѓаните дека за прв пат по 60 години отпочнуваме со целосно чистење и санација на старата градска депонија Вардариште. Актуелното градско раководство го направи она кое што не му успеа на ниту едно претходно, а тоа е да стави крај на една од најголемите опасности по животот и здравјето на граѓаните во Скопје… На местото на депонијата ќе биде изграден голем спортски комплекс со спортско-рекреативни содржини и терени како и нов мега парк. Оваа локација од место кое е опасно по здравјето на граѓаните градот Скопје ќе ја претвори во локација за спорт и рекреација која ќе влијае позитивно на здравјето на граѓаните и ќе го подобри квалитетот на живот – изјави на 27 јануари градоначалничката Арсовска.

Од приложеното може да се оцени дека делумна вистина е тврдењето дека „четири години ВМРО-ДПМНЕ не мрднаа со прст да го решат проблемот со депониите“ и дека „Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ го загушија Скопје и ја трујат Македонија, и токму тие се најголемите виновници за еколошката катастрофа што се случува…“. Планирање на просторот, според Чакулев, е влезено во годишна програма на Владата  уште од почетокот на 2025 г., а градоначалниците на Гази Баба и на Град Скопје презеле делумни активности на чистење на депонијата, иако сето тоа досега не довело до трајно решевање на проблемот.

Оттука и оценката делумна вистина за овој дел од тврдењата на СДСМ во соопштението насловено какоМицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се виновни за депониите кои го трујат Скопје“.

 

Извори:

 

Оценил: Теофил Блажевски

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција