ВМРО-ДПМНЕ: Продажба на општествени станови

Согласно со најновите измени во законската регулатива, ќе се продолжи со постапката за продажба на становите во општествена сопственост, со што до крај на 2012 ќе се заокружи овој процес. [Рок: декември 2012]

Образложение:

Со последните измени во Законот за продажба на општествени станови, од февруари 2011 година, им се овозможува на граѓаните на Р.Македонија да купуваат станови кои до тогаш биле во општествена сопственост.  И покрај овие измени во законот, во текот на 2011 година, граѓаните не беа во можност да ги легализираат општествените станови поради неплатениот данок кој требаше да го плати Владата.

Со цел решавање на овој проблем, на почетокот на 2013 година (по истекување на рокот даден во ветувањето), во Собранието на Р. Македонија беа предложени измени во Законот за домување со што треба да се овозможи 300 семејства да добијат право на сопственост над станови кои се водат како општествени. Со тоа реализирањето на ова ветување се очекува по изгласувањето на овие измени во Собрание.

Одговорот од Министерството за транспорт и врски од 11.02.2013 година, на нашето прашање „До каде е постапката за продажба на становите во општествена сопственост?“ е следниот:

Согласно член 131 од Законот за домување („Службен весник на РМ“ бр. 99/09, 57/10, 36/11, 54/11 и 13/12), рокот за поднесување на барања за откуп на становите во општествена сопственост беше до 31.12.2010 година, така да, барањата што се поднесени пред истекот на овој рок се во постапка на одлучување.

Согласно ставот 5 од истиот член „лицата кои се стекнале со правото на закуп и откуп на стан согласно Законот за припадниците на безбедносните сили и членовите на нивните семјства, можат да поднесат барање за откуп на стан без оглед кога е донесен актот за користење на станот и за овие лица не се применува рокот за поднесување барање за откуп на стан“.

Согласно челнот 39 од Законот изменување и дополнување на Законот за домување („Службен весник на РМ“ бр. 36/11), „корисниците на станови за кои се водат судски постапки, становите за кои ќе се одлучи да не се продаваат односн да бидат заменети со друг стан од страна на Владата на Република Македонија, станови за кои до 31.12.2010 година не се внесени во евиденцијата на станови во сопственост на Република Македонија и станови за кои се водат постапки за пренос на правото на користење на станот имаат право да поднесат барање за откуп на станот по завршување на постапките.“

Согласно горенаведеното, Ве известуваме дека постапките за продажба на становите во општествена сопственост се уште се во тек.

Ова ветување се оценува како неисполнето, бидејќи процесот на продажба на становите во општествена сопственост не е завршен до декември 2012 година.

Линкови:

Оценето од: Марија Теговска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција