Продолжува да се „негува“ теоријата на заговор дека од авиони прскаат со коронавирус

Продолжува масовно да се шири теоријата на заговор дека со корона не прскаат од авиони. Овој пат лицето Крешник Османи тврди дека нешто се прска од авиони околу 4 часот и според него тоа се случува за да се „зголемат“ дозите на вакцините против Ковид-19.

 

За да ја разјасниме оваа теорија на заговор разговаравме со лекарот Пајтим Асани кој категорично ја негира можноста за ширење на вирусот преку авиони, и ни објасни за начините на кои може да се шири корона вирусот, пишува Порталб.мк.

 

Крешник Османи на Фејсбук објавил неколку слики од небото, кои според него, докажуваат дека нешто се фрла од авионите за да се зголемат дозите на вакцини против корона вирусот. Алармантно е што овој пост го лајкнале 460 лица, споделен е над 50 пати иако нема ништо вистинито во него, туку само се реактуелизира една стара теорија која е потврдена неколку пати како невистинита од бројни научници.

 

Само што пристигнаа пред неколку минути. Крешо ова е небото на Чаир Скопје. Уште една фотографија испратена од мојата пријателка во Гњилане. Небото на Гњилане. Распоредот за Албанците бил во четири часот попладне. Што фрлаат знаат само тие. Ќе ви бараат инјекции, по една секој месец. Секој пат кога ќе се боцнете, авионите доаѓаат и вртат по еден круг и после се бара наредната доза. Кој се сеќава на Рамен кога почна заразата. Пазете се од невидливи бомби кои паѓаат одозгора. Голема игра која само Господ и големиот бунт на народот може да ја сопре! Нема друг начин!, пишува Крешник Османи на Фејсбук.

 

За да и ставиме крај на оваа конспиративна теорија, разговаравме со лекарот Пајтим Асани. Лекарот Асани за Порталб.мк рече дека оваа теорија е тотално неоснована без аргументи и надвор од секаква здрава логика.

 

Тој потенцираше неколку начини на пренесување на коронавирусот, а воедно апелираше до граѓаните да бидат многу внимателни, со оглед на тоа што Ковид-19 е вирус кој е многу инфективен.

 

Веќе се познати начините на ширење на вирусот САРС-КоВ-19, контактот на очите, носот, устата со капките и аеросолите што ги исфрла заразеното лице околу него додека зборува, пее, кашла и кива, особено ако сте во близина помала од 1 метар. Вирусот исто така има својство да остане во воздухот во форма на аеросоли во затворени и непроветрени простори во кои во исто време престојуваат поголем број луѓе. Луѓето можат да се заразат со вирусот од различни површини кои се претходно контаминирани, при допир, а потоа со нечисти раце да го допрат носот, очите и устата, изјави Пајтим Асани, лекар.

 

Како да се заштитиме?

 

Не, не треба да се штитиме од авионите, но има некои начини на кои можеме да ја намалиме веројатноста од заразување со корона вирусот, според Асани, најефикасниот начин за заштита од овој вирус се вакцините.

 

Начините на заштита се носењето на маски н95, физичкото растојание од 1,5 m, честото миење на рацете со вода со сапун или раствори на база на алкохол најмалку 20 секунди, проветрување на просторот и избегнување на места каде престојуваат голем број на луѓе.

 

Најефикасниот начин на заштита несомнено е вакцинацијата, чија ефективност е помала од очекуваната и тоа се должи на недостатокот на редовна вакцинација на населението во кратки временски периоди и од мутацијата на вирусот и појавата на нови варијанти, за кои е потребна трета доза, која дефинитивно им ја препорачувам на сите без исклучок, особено на лицата со коморбидитети и на повозрасните лица“, додаде Пајтим Асани, лекар.

 

Инаку, според истражувачите на Харвард Универзитетот во САД, кои проучувале вакви теории на заговор, „не е пронајден ниту еден доказ за постоење на Кемтрејлс“.

 

Во врска со оваа тема „Форбс“ објави студија, според која панел од 76 хемичари и научници од Универзитетот Ирвин, Калифорнија, изјавиле дека никогаш не дошле до докази оти постојат големи програми за хемиско прскање од авиони, со цел да се наштети на здравјето на граѓаните и со цел да се влијае на атмосферата.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција