Продолжувањето на булеварот „АСНОМ“ доцни три години

Наместо во 2013 градежните работи за проширување на булеварот започнаа во јануари 2016 година Фото: Принтскрин

 

Во соработка со Град Скопје ќе се продолжи булевар АСНОМ, од од улицата Февруарски поход кон препумпна станица до улица Тодор Чангов. (Рок: 2013-2014 година)

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Продолжувањето на булеварот АСНОМ, од улицата „Февруарски поход“ кон препумпна станица до улицата „Тодор Чангов“, градоначалникот на Општината Аеродром, Ивица Коневски, го најави пред три години во Изборната програма „Нови дела за нов напредок, нови дела за подобра Општина Аеродром“, (2013-2017). Во Програмата, со која тој излезе на локалните избори во 2013 година,  за овој проект проект ( во делот Транспорт и патна инфраструктура стр. 55), е наведено дека ќе биде реализиран во периодот 2013-2014 година. Истиот проект го вети и градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски во неговата Изборна програма „Нови дела за нов напредок, нови дела за подобро Скопје“ , ( во делот Урбанизам, булевари мостови, стр.55). Со оглед на тоа што изборните проекции на Коневски и на Трајановски за овој проект не се оствариј – рокот за реализација на проектот (2013-2014)  е пробиен, a градежните работи за продолжување на булеварот започнаа во јануари 2016 година и досега (31.05.2016) не се завршени, ова изборно ветување го оценуваме „во тек“.

На четврти април 2013 година, три дена пред вториот круг од локалните избори (07.04.2013), градоначалникот на Скопје, Трајановски и градоначалникот на Аеродром, Ивица Коневски  го презентираа проектот за продолжување на булеварот АСНОМ, како „ витален проект за овој дел од Општината Аеродром кој ќе овозможи подобрување на сообраќајот кон Горно Лисиче“. Трајановски тогаш изјави:

Продолжувањето на булеварот АСНОМ е проект кој ќе се реализира во неколку фази. Во првата фаза ќе се продолжи овој булевар на потег од „Февруарски поход” до „Тодор Чангов” бидејќи тука се расчистени имотно правните односи. Втората фаза ќе зависи од разрешувањето на имотно правните односи, каде има одреден број на куќи кои се наоѓаат на трасата на овој булевар. Овој булевар е многу важен со оглед на тоа што веќе е готова новата населба и каде веќе се населуваат жители, со што со неговата реализација ќе им се олесни пристапот до нивните домови.

Но, наспроти изборните најави, продолжувањето  на булеварот „АСНОМ“  на потег од улицита„Февруарски поход” до улицата „Тодор Чангов”кон Горно Лисиче, започна три години подоцна, поточно на 29 јануари 2016 година. Градоначалникот  Трајановски и градоначалникот на Општина Аеродром, Коневски во присуство на претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски го означија официјалниот старт на градежните работи. Тогаш беше соопштено дека  станува збор за продолжување на булеварот од Фудбласката федерација на Македонија (ФФМ) до улицата „Тодор Чангов“ во должина од 430 метри,  дека ќе бидат изградени 4 сообраќајни ленти, нова раскрсница и дека  за овој  зафат Градот Скопје ќе вложи околу 31,8 милиони денари,  а рокот на изведба е 150 календарски дена ( пет месеци, односно јуни – јули 2016 година). Во оваа пригода  Трајановски информираше дека продолжениот булевар:

Ќе има 4 коловзни ленти со широчина од 3,5 метри, ќе има зеленило со променлива широчина од 2 и 5 метри ќе има велосипедски патеки како и пешачки патеки. Ќе има улично осветлување, односно 28 столбови за улично осветлување кои ќе бидат високи по 10 метри, атмосферска канализација.Значајно е што во текот на градежните работи ќе се формира нова раскрсница на вкрстувањето на булеварот АСНОМ со булеварот Февруарски поход, а ќе се уредат и две нови автобуски стојалишта. Проширувањето на булеварот АСНОМ ќе се искористи за да се постави нова атмосферска канализација со должина од 221 метар и со профил на цевките од 500 милиметри. 

Во Отчетот  на Трајановски за минатата година (стр.2), за овој проект е наведено дека во  2016 година ќе се гради:

 делот од булевар АСНОМ од последна 5-ка кон куќите во Лисиче – прва фаза

Па, иако изборните рокови за спроведување на проектот се пробиени (2013-2014), имајќи предвид дека на оваа сообраќајница во моментот се изведуваат градежни активности и се најавува дека продолжувањето на овој потег од булеварот АСНОМ ќе завриши  јуни-јули оваа година, ветувањето добива оценка „во тек“.

 

ИЗВОРИ:

 

Оценето од: Оливера Војновска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Оставете реакција