Проектот „Чоробенско ќоше“ во Куманово заглавен во политички игри
Познатото „Чоробенско ќоше“ – дел од централното градско подрачје со години наназад претставува своевиден проблем, како естетски, така и сообраќаен проблем кој мора да се реши.
Решение: Решавањето на овој проблем подразбира фокусирање на изградба на нов деловно-административен центар на локалната самоуправа.
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Проектот „Чоробенско ќоше“ е неисполенто ветување на градоначалникот на Куманово, Зоран Дамјановски. Тој е дел од неговата изборна програма за локалните избори 2013-2017 година, насловена како „Иднината сега!“ (стр.8).
Во описот на проектот се наведува:
Тоа ќе биде ултрамодерен, функционален, комерцијален и административен центар во централното градско подрачје. Со тоа ќе се олесни извршувањето на административните работи, односно ќе се групираат услугите за граѓаните во еден центар. Тука, на едно место, ќе бидат сместени Советот на Општина Куманово, кабинетот на Градоначалникот и општинската администрација.
Ветување за овој проект Дамјановски даде и на прес-конференција одржана на 03.04.2013 година на која нагласи дека идејниот проект веќе е избран на конкурс.
Се работи за пет и пол илјади кавдратни метри комерцијални содржини со што долниот дел ќе има подземни трикатни гаражи. Комплексот ќе има дел за административна зграда на општината со шест илјади квадратни метри, а ќе има можност и за подрачните единици на министерствата, рече Дамјановски и додаде дека станува збор за еден од најатрактивните проекти.
Една година претходно, на 11.04.2012 година, медиумите информираа дека идејното решение под шифра „Сонце“ е избрано за административно-деловен комплекс во Куманово.
Идејното решение под шифра “Сонце” е првонаграденото од четири пристигнати архитектонско-урбанистички решенија за изградба на административно-деловен комплекс, што го распиша комисија назначена од градоначалникот на општина Куманово, Зоран Дамјановски.
На 15.06.2015 година порталот Кумановоњуз излезе со наслов „Проектот за Чоробенско ќоше тапка во место“.
Валентина Јовановска, советничка од ВМРО-ДПМНЕ на денешната седница на Советот на општина Куманово, го праша градоначалникот што стана со изградба на оваа капитална инвестиција ветена во 2013 година. Градоначалникот Зоран Дамјановски се правдаше дека имаат изготвено проект, но трета година по ред не можат да добијат сопственичко право за дадената локација и да почнат да градат, објави порталот.
Градоначалникот Дамјановски во изјава за „Вистиномер“ потврди дека проектот паузира и дека имаат проблем со дел од земјиштето кое е во сопственост на Државното акционерско друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор (ПУИК) и на приватници.
Земјиштето на кое е предвидено да се гради овој деловно-административен центар, 90 проценти е државно, а останатите 10 проценти се во сопственост на ПУИК и на приватници. Ние имаме проблем токму со тие 10 проценти. Државата не ми го дава на користење земјиштето додека не ги решам проблемите со ПУИК и со приватниците. Се вртиме во круг. Дел од приватниците не сакаат да ми го дадат земјиштето за пари, бараат деловни простории. Досега сме поднеле три барања за експропријација – посочува Дамјановски.
Според него, станува збор за политичка игра и дека проектот може да се реализира дури кога ќе дојде до промена на власта.
Имајќи предвид дека мандатот на градоначалникот Дамјановски е пред крајот и дека проектот е закочен, може да се оцени дека ветувањето за „Чоробенско ќоше“ е неисполнето.
ИЗВОРИ:
- Програма за локални избори 2013-2017 година на градоначалникот на Куманово Зоран Дамјановски – „Иднината сега!“ (стр.8)[Пристапено на 05.04.2017]
- А1он (03.04.2013) – Дамјановски вети изградба на деловно-административен комплекс во Куманово [Пристапено на 05.04.2017]
- Идивиди (11.04.2012) – Избрано идејното решение под шифра „Сонце“ за административно-деловен комплекс во Куманово [Пристапено на 05.04.2017]
- Кумановоњуз (15.06.2015) – Проектот за Чоробенско ќоше тапка во место [Пристапено на 05.04.2017]
Оцени: Ана Анастасовска
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар