Проф. Даниловски: Спајк протеинот по вакцината не е ист како спајк протеинот на коронавирусот

Проф.д-р Д. Даниловски. Фото: скриншот

Користејќи излагање на само еден имунолог, не земајќи предвид сосема други бројни фактори што ги изнесуваат бројни други професори и доктори, објавена е информација која што де факт е дезинформација и невистина. За „Вистиномер“ и за потребите на оваа рецензија тоа ни го потврди и професор д-р Драган Даниловски

Користејќи излагање на само еден имунолог, не земајќи предвид сосема други бројни фактори што ги изнесуваат бројни други професори и доктори, објавена е информација која што де факт е дезинформација и невистина. За „Вистиномер“ и за потребите на оваа рецензија тоа ни го потврди и професор д-р Драган Даниловски

 

Рецензираме пост на Фејсбук во кој што се пренесува видео материјал каде што професор од Канада, доктор Бириам Бридл, кажува дека кога ќе се вакцинираат луѓето со мРНК вакцина, тогаш во нивното тело се создава спајк протеинот на корона вирусот, кој што останува во организмот со денови и предизвикува штети.

Во објавата на својот Фејсбук профил, сопственичката напишала:

Д-р Бирам Бридл, професор по вирусологија/ имунолог: Спајк протеинот во “вакцините” за ковид е МНОГУ ОПАСЕН ОТРОВ.
Ова 7-минутно видео може да ви го спаси животот, животот на вашите деца и животот на вашите внуци.

Во видеото имунологот тврди дека спајк протеинот што се создава по вакцинацијата е отров, токсин, кој влегува во крвотокот на вакцинираните и потоа се создаваат тромбови и крварења од тоа. Нашата проверка на ова тврдење покажа дека станува збор за дезинформација.

Целосното излагање во краткото видео гласи:

Науката за која ќе ви зборувам и сè што кажувам е поткрепено од научни публикации кои се рецензирани. Коронавирусот има спајк протеин на површината. Тој спајк протеин му дозволува да го инфицира вашето тело. Затоа, тој спајк протеин се користи и во вакцините. Односно, неговата функција е да се натераат клетките во нашето тело да го произведат тој спајк протеин. Ако можеме да обезбедиме имун одговор против тој протеин, тогаш можеме да превенираме вирусот да го инфицира телото. Тоа е теоријата позади вакцината.
Самиот спајк протеин е единствениот одговорен за штетата во кардиоваскуларниот систем ако влезе во крвта и циркулацијата. Кога ќе го вбризгате спајк протеинот во животни за тестирање, тие добиваат компликации и проблеми и тој протеин може да продре до мозокот и да го оштети. Тоа навидум не е никаков проблем, зашто ние ја инјектираме вакцината против ковид во мускулот од рамото. Претпоставката досега беше дека овие вакцини се однесуваат како и сите други традиционални вакцини. Не одат никаде и остануваат во рамото, а некои од протеините ќе одат во лимфната жлезда да го активираат имуниот систем. Тука станува страшно. Со бараање на информации од јапонската регулаторна агенција добивме пристап до биодистрибутивна студија. Првпат научниците видоа каде одат мРНК вакцините после вакцинација. Дали е безбедна претпоставка дека останува во мускулот на рамото? Краткиот одговор е – не. Спајк протеинот циркулира во крвта на индивидуите неколку дена по вакцинација, кога ќе стигне во циркулацијата се акумулира на повеќе ткива како слезинката, коскената срцевина, црниот дроб, во високи концентрации се акумулира на јајниците. Во публикација, штотуку прифатена за објавување, се кажува дека кај 13 вакцинирани млади здравствени работници со Модерна, во нивната крв и циркулација е најден спајк протеинот.
Долго време знаевме дека спајк протеинот е токсин што е штетен и може да предизвика штета ако влезе во циркулацијата. Сега имаме докази дека вакцините што прават нашето тело да произведе спајк протеин, односно вакцината и протеинот потоа влегува во циркулација. Тој спајк протеин потоа се врзува за клетките и може да предизвика тромбови или крварење”, вели Бридл во своето излагање.

Проф. Даниловски: Спајк протеинот од вакцината само личи на оној од вирусот

Меѓутоа, ова е дезинформација. Професорот на Медицинскиот факултет доктор Драган Даниловски за „Вистиномер“ објасни дека воопшто преку вакцината не влегува материјален ентитет, односно спајк протеин во организмот.

Инструкцијата за неговото производство во форма на мРНК, доаѓа само во цитоплазмата односно рибозомот, а не во јадрото на нашите клетки. И тој спајк протеин што ќе го произведе клетката, (рибозомот, т.н. фабрика за протеини), воопшто не е ист со оној на вирусот. Автоматски не ги поседува ниту својствата на оригиналниот спајк протеин. Тој само „личи“ на оригиналниот и има само антигено својство – да провоцира имун одговор. Дури и кога би бил сосема идентичен со оригиналниот спајк протеин (а не е), овој што се произведува со давање на вакцината е во 100.000 пати помала концентрација од онаа што ја произведува вирусот самиот, потребна да направи штета, објасни професор Даниловски.

И други експерти го демантираат канадскиот професор

И во светот веќе повеќе медицински ескперти опишаа дека има разлика меѓу спајк протеинот на коронавирусот и протеинот што се произведува во организмот после вакцинација. Тоа објаснува зошто спајк протеинот после вакцинација не може да нанесе штета.

Доктор Давид Горски, на пример, во детали објаснува дека вакцината против ковид-19 може да штити не само од инфекција со Сарс Ков 2, туку и против повреди од спајк протеинот!

мРНК или аденовирусот од вакцината не се дистрибуира екстензивно, затоа што инјекцијата се дава во мускулот на рамото. Спајк протеинот е многу веројатно дека нема да биде во концентрации ни од далеку слични на тие што се создаваат во моделите од експериментите. Спајк протеинот од вакцината, не се закачува за вирусната честичка, туку си постои како единечна протеинска молекула. И на тоа додадете го фактот дека модифицираната мРНК во вакцината не се задржува многу долго во телото и не генерира спајк протеин долго време, пишува Горски.

Според него, антиваксерите тврдат дека вакцините се опасни за тие што ги примаат, на начин што земаат делови од научни истражувања и ги модифицираат или интерпретираат на погрешен начин.

Важно е каде таргетира вирусот. Локацијата е многу важна. Главната инфекција почнува во белите дробови каде што се наоѓа најголемата концентрација на вирус и затоа спајк протеинот таму ќе биде очекувано да е најмногу присутен во случаи на вистинска инфекција. Во случајот со вакцината, локацијата е мускулот на рамото и било кој спајк протеин кој би ,,избегал” од оваа локација брзо би се разложил во крвотокот во многу мало количество. Вакцината на Модерна, е дистрибуирана во четврт милијарда (250 милиони) дози само во САД, и да беше опасна, ќе имаше сигнал за нејзината безбедност досега. Доколку шилестите протеини во крвотокот во концентрација од десетици пикограми на милилитар, беа токсични, ќе имаше безбедносен сигнал после толку дадени дози, додава тој.

Доктор Едвард Ниренберг демонстрира дека количината на спајк протеин која што ја создаваат вашите клетки после вакцинацијата е 100 илјади пати помала од нивото на спајк протеин во вирусот кој предизвикува штета. Исто така, овој спајк протеин, создаден од вашите клетки, не е истиот како вирусниот спајк протеин!

Со него се согласува и доктор Ури Манор кој ја потврдува безбедноста на мРНК вакцините. И владата на Канада објаснува дека мРНК вакцините не се опасни и дека спајк протеините создадени по вакцинацијата нудат двојно ниво на заштита.

***

Оттука, консултирајќи голем број експерти во областа на медицината, тврдењето изнесено во постот кој го рецензираме, дека по вакцините се создава опасен спајк протеин што создава крварење и тромбови, го оценуваме како невистинито. Прво, поради тоа што тој спајк протеин не е ист како тој на коронавирусот. И второ, затоа што тој спајк протеин е во така незначителни количини што не може да предизвика штета, туку нуди двојна заштита.

 

 

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за брзо справување со вакциналните дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Тој е првично објавен во Вистиномер, а e овозможен со поддршка на Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, БТД или нивните партнери.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција