Проф. Сашо Климовски: Дали навистина има заговор со падот на цената на нафтата да ѝ се наштети на Русија?

Проф. Сашо Климовски. Фото: скриншот

 

Во емисијата „Late Night Show со Миленко Неделковски“ во петокот на 15 јануари, професорот Сашо Климовски го даде следново објаснување за светскиот пад на цената на нафтата:

Како, од друга страна, се влијае на ослабување на Русија пошто Русија е многу јака, економски зајакната оваа деценија. Земјите на ОПЕК, тоа се, пред сѐ, Саудиска Арабија, и Катар… и Обединетите Арапски Емирати, наместо да го намалат производството на нафта, тие го зголемија производството на нафта, направија дисбаланс на понудата и побарувачката на нафта, падна цената на нафтата, не за да ја урнисаат цената на сопствената нафта, туку да ја урнисаат цената на руската нафта. Со тоа ја урнисаа и руската рубља на светските финансиски пазари. Русија е силна, она ќе го издржи овој, да речеме, притисок, меѓутоа нема да остане, нема да остане… толку моќна колку што е сега. Значи, на тој начин… да бидат и гледачите свесни дека падот на цената на нафтата и кај нас е последица на падот на цената на светската нафта. Тоа е затоа што има дисбаланс на понудата и побарувачката на светските пазари токму заради ослабување на руската рубља. 

[Извор: Канал 5, Датум: 15.01.2016]

Еве ја изјавата и во видео формат:

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Вакви слични изјави, каде што како виновник за падот на цената на нафтата се додава дополнително и САД, имаме слушнато неколку пати во изминатиов период во нашите медиуми, а се со цел да ѝ се наштети на Русија, при што се форсира и теоријата дека тоа е одмазда на Западот за војната во Украина и бомбардирањето во Сирија, иако настаните во Сирија уследија откако цената на нафтата на светските пазари падна.

Но, овде ќе се задржиме на конкретнава изјава каде што за „ослабнувањето“ на Русија се обвинети Саудиска Арабија, Катар и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ). Како прво, сосема е нелогично да се каже дека со падот на цената на нафтата овие три земји не ја урнисале „цената на сопствената нафта“, туку се урнисала „цената на руската нафта“. Ова нема никаква логика. Како што е многу добро познато, цената на нафтата е глобална, односно иста или многу слична (во зависност од нејзниот состав и транспортните трошоци) низ цел свет. Ова значи дека ако падне цената на нафтата произведена во Русија, ќе падне и цената на нафтата од Саудиска Арабија, Катар и ОАЕ.

Исто така, треба да се спомне и дека иако има извесно зголемување на производството на нафта од страна на Саудиска Арабија и ОАЕ од крајот на 2014 година до денес, станува збор за редовни флуктуации од 9,85 до 10,25 и 2,76 до 2.87 милиони барели дневно респективно, односно количества, кои се видени и во изминатите години (види ја првата табела долу). Катар, пак, не што го нема зголемено, туку го има и намалено производството на нафта во истиот период.

OPEC Charts-Peak Oil BarrelPeak Oil Barrel-crop

Понатаму, крајно нелогично е да се каже и дека овие три земји, кои главно живеат од нафта, каде нафтата е главен и извозен производ и производ воопшто, би си нанесле себеси големи штети само за да ја ослабат Русија. Точно е дека и во Русија  хидрокарбонатите (значи нафтата заедно со гасот) се главен производ, кои полнат околу 52% од буџетот на Руската Федерација, но во Саудиска Арабија, состојбата е уште полоша. Во оваа земја дури 90% од буџетот се полни од нафта. Со оглед на големиот пад на цената на нафтата, земјата бележи буџетски дефицит од дури 15 отсто, и ако оваа цена се задржи на подолг период, Саудиска Арабија се наоѓа во ситуација целосно да ги потроши своите девизни резерви за период од околу 10-ина години. За да не се случи ова, Кралството најави опсежни реформи, како што се воведување данок од продажба, зголемување на цените на електрична енергија, како и зголемување на цените на бензините на домашниот пазар, кои се високо субвеницонирани. Уште повеќе, С. Арабија минатата недела најави дури и дека е подготвена да продаде акции во својата државна нафтена компанија „Сауди Арамко“, која е најголемиот производител на нафта, произведува 10 пати повеќе од американскиот гигант „Ексон“, на пример и се смета како компанија која е највредна на светот, со проценета вредност од над билион долари (1.000 милијарди долари – „Ексон“ вреди 323 милијарди долари).

Зошто Саудиска Арабија би се довела во ваква ситуација да мора да спроведува вакви болни реформи во политички многу тежок период, кога регионот во кој се наоѓа е во големи превирања: нејзиното ривалство со Иран е сè поголемо и се заострува, во Сирија и Ирак се води војна, Египет е крајно нестабилен, а самата С. Арабија води војна на својата јужна граница во Јемен? Во вакво окружување С. Арабија не би си го гледала својот интерес, туку за неа е најважно да и наштети на Русија? Тешко веројатно.

Причината за падот на цената на нафтата нема никаква врска со Русија. Ако го погледнеме долниов графикон ќе забележиме дека во изминатите 15 години производството на нафта во светот (особено кај трите најголеми производители С. Арабија, Русија и САД) значително се зголемува и дека до пад на цените мораше да дојде, особено со оглед на прогнозите кои велат дека растот на кинеската економија, како глобална индустриска локомотива и најголем консумент на нафта, се намалува и ќе продолжи да се намалува во следниот период.

 

nafta-proizvoditeli-dfadfadfadsfas-final

 

Графиконот покажува значителен раст на производството на нафта од страна на Русија во изминатите 15 години (особено во првата половина од минатата деценија). Понатаму, на светскиот пазар во изминатите 15 години се појавија и редица други производители: Венцуела, која е прогласена земја со најголеми резерви на нафта, Нигерија, како најголем производител во Африка, Ирак, кој даде под концесија 12 нафтоносни полиња на светските нафтени компании, Азербејџан, од каде што сега има директен нафтовод до Средоземното Море, а се смета и на брз влез на Иран на светските пазари откако санкциите против оваа земја наскоро ќе бидат укинати. Но, уште поважно, особено забрзан раст на производството на нафта од 2011 година до денес има во САД, заради ново усвоената технологија за вадење нафта од шкрилци.

Како што појаснува еминентниот неделник „Економист“ (основан 1842 година), ова е главната причина за падот на цените на нафтата. Саудиска Арабија, не сакајќи да гледа како сѐ повеќе и повеќе губи удел на светскиот пазар на нафта, како Русија и САД ѝ стануваат сè посилни конкуренти, а со оглед на фактот што е единствена земја која има сериозни резервни капацитети (единствена, значи, која може брзо да го зголеми производството до таа мера да влијае на светските цени), реши да влезе во битка со американските нафташи, кои сè повеќе се пробиваа на својот домашен пазар, истиснувајќи ја Саудиска Арабија.

Зошто Саудиска Арабија мисли дека може да излезе како победник од оваа битка? Многу просто. Цените за експлоатација на нафта од Саудиска Арабија се далеку пониски од оние во САД. Традиционалното вадење на големи количества на нафта од етаблираните нафтени полиња е многу поевтино отколку вадењето нафта од шкрилци, постапка која изискува постојано дупчење на нови бунари. Веднаш по падот на цените на нафтата под 50 долари за барел, голем дел од бунарите на нафтените компании во САД станаа нерентабилни. Со оглед на ова, бројката од 1.600 нафтоносни бунари сега е намалена на под 600, односно нафтата се експлоатира само од оние кои се докажани дека содржат значителни количества за производството да биде исплатливо (графикон долу).

Crude-oil-rig-count4

Цените на акциите во 50-те најголеми компании кои вадат нафта од шкрилци во САД паднаа значително, оваа индустрија е прилично задолжена кај банките со оглед на големите инвестиции кои беа извршени во изминатиот период (околу 200 милијарди долари) и падот на цената на нафтата предизвикан од страна на Саудиска Арабија направи хаос во оваа индустриска гранка во САД. Арапските шеици едноставно сметаат дека можат подолго да издржат со цени од 30-50 долари за барел (кои им носат заработувачка), отколку што тоа го можат американските нафташи кај кои за многумина и 60 долари за барел е неисплатлива цена.

И, на крај, треба да се истакне и дека ваквата теорија за некаков заговор против Русија со намалување на цените на нафтата не е поддржана од мејнстрим медиумите во светот. Тешко дека, освен во Русија, ќе најдете поддршка за ваквата теорија во медиумските или стручните кругови во развиените земји. Ако светските медиуми не се воздржаа да објават тајни депеши од американскиот Стејт Демартмент, добиени од Викиликс, или тајни на Националната безбедносна агенција (National Security Agency – NSA), добиени од Едвард Сноуден, тешко е да се поверува дека би прикриле ваков скандалозен заговор, од каде и да потекнува. Настрана фактот што светот и порано бил сведок на вакви драматични падови на цената на нафтата и ова не е ни прв, а нема да биде ни последен пат.

 

Оцени: Владимир Петрески

 

ИЗВОРИ:

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција