Професионална новинарска дистанца
Кога новинарите забораваат на професионалната дистанца, најсериозна последица е губењето на довербата на публиката кон новинарството во целина и кон сите новинари
Пишува: Соња Здравеска
За новинарот да обезбеди објективност и непристрасност во своето известување, како основен предуслов за правилен пристап кон работата, тој мора да се „изолира“ од темата за која пишува и да ја пренесе онаква каква што е, односно без да биде наклонет кон која било засегната страна во приказната.
Постојаното одржување на оваа професионална дистанца меѓу новинарите, нивните извори и приказните за кои пишуваат е многу важно. Во природата на новинарската работа е секојдневниот контакт со луѓе, институции и компании. Вистинскиот новинар пред себе постојано го има јавниот интерес и известува во склад со него. Овој основен принцип подразбира дека новинарот ќе ја задржи објективноста и непристрасноста дури и кога постои опасност неговите извори, односно засегнатите страни во приказната да се обидат да го „навлечат“ да го заштитува или промовира нивниот интерес. Кога тој нема да успее да ја одржи нужната професионална дистанца, новинарот се оддалечува од сржта на својата професија и станува промотор на нечии интереси, наместо да биде објективен информатор на јавноста.
Не помалку важно е и новинарот да биде целосно запознат со темата за која пишува, а клучно е и тој да поседува волја и способност за критичко размислување и согледување на сите аспекти на една вест, настан или ситуација. Доколку ги нема овие важни елементи, тој е во опасност да се претвори во обичен пренесувач на информациите, т.е. неговата улога да биде сведена на обичен писар чија работа е само да ги пласира ставовите на оној кој му ги презентирал.
Кога професионалната новинарска дистанца исчезнува
Постојат безброј примери од праксата кои покажуваат што се случува кога новинарите забораваат на основните принципи на својата професија и известувајќи, свесно или несвесно, штитат некој друг интерес наместо јавниот. Последиците од ваквиот однос на некои новинари кон сопствената професија се големи, повеќеслојни и поразителни по јавното информирање. Сепак, тие не се секогаш еднакво важни и штетни. На пример, еден новинар може да го премолчи дискриминирачкиот однос на една компанија кон дел од нејзините вработени, потенцирајќи ги економските придобивки од работата на компанијата. Тоа е професионален пропуст и етички прекршок. Но, во друг случај новинарот препишува соопштение на МВР во кое група уапсени и осомничени лица се нарекуваат „криминалци“. Со своето пишување новинарот ги осудува овие луѓе, чија вина не е докажана и засекогаш ги жигосува и нив и нивните семејства. И во двата случаи е повредена професионалната новинарска дистанца, но последиците се посериозни во вториот.
Впрочем, кога еден новинар ќе ја изгуби оваа дистанца во односот со официјална државна институција на власта, професионалниот прекршок често е поголем, а резултатот е сериозно дезинформирање на јавноста. Токму затоа, во овој текст ќе се задржиме повеќе на опасностите од недостигот на професионалната новинарска дистанца со официјалните институции.
Новинарска дистанца од државните институции
Во своите секојдневни контакти со институциите, новинарите од нив добиваат постојан прилив на информации, кои им помагаат да ги подготват своите извештаи, текстови и прилози. Официјалната страна на секоја приказна е важна, затоа што нуди конкретни бројки и информации кои му даваат тежина и веродостојност на новинарскиот текст.
Како што рековме, контактите меѓу новинарите и луѓето за односи со јавност во институциите се секојдневни и интензивни, па природно е меѓу нив да се развие колегијалност, одредена блискост, па дури и пријателство. Сепак, понекогаш институциите (кои често имаат свои интереси и своја агенда, која не секогаш се поклопува со јавниот интерес) ќе се обидат да го искористат овој однос со дел од новинарите за да ги пласираат своите ставови. При нова кампања на некоја компанија, реформски проекти на едно министерство или активности на некоја политичка партија, новинарите се секогаш потребни, зашто од нивното известување во голема мера зависи перцепцијата на јавноста за сите овие активности. Затоа, институциите и компаниите се трудат да одржуваат добри односи со новинарите. Не е реткост на новинарите да им бидат нудени разни бенефиции, патувања на државна сметка или на сметка на фирмите, а во „најтешките“ случаи дури и пари за тие да известуваат и пишуваат во склад со нивните политики.
Задача и обврска на професионалниот новинар е да ги препознае и да ги избегне овие ситуации, во кои, наместо да ѝ служи на јавноста и да известува, постои опасност тој да се претвори во ПР-агент на одредена државна институција, политичка партија или компанија. За ова успешно да го направи, новинарот мора да се огради од сите вакви субјекти и да го разграничи својот однос со официјалните лица, портпаролите, директорите или менаџерите од своето известување.
Новинарите и односот кон МВР
Известувањето за случаи на криминал, во кои има уапсени или осомничени лица е посебно чувствителен дел од новинарската работа. Во секое општество полицијата има важна и одговорна улога – спроведување на законите, борба со криминалот и одржување на јавниот ред и мир. Сепак, во изминатите години во Македонија бевме сведоци на случаи во кои МВР со своите потези не само што не го штитеше јавниот интерес, туку во одредени ситуации постапуваше целосно спротивно на него. Во овие ситуации постои опасност да биде прекршено правилото за презумпција на невиноста, кое е вградено и во новинарскиот Кодекс:
член 8
„Во судските постапки треба да се почитува принципот на презумпција на невиност, да се известува за сите вклучени страни во спорот и да не се сугерира пресуда“.
Ова не е само професионална, туку и законска обврска на новинарите, како што е наведено во Законот за кривична постапка:
член 2:
(1) Лицето обвинето за кривично дело ќе се смета за невино сè додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска пресуда.
(2) Државните органи, средствата за јавно информирање и другите лица се должни да се придржуваат до правилото од ставот 1 од овој член, а со своите јавни изјави за постапката која е во тек не смеат да ги повредат правата на обвинетиот и оштетениот, како и судската независност и непристрасност.
И покрај ова, во македонските медиуми често може да се забележат груби прекршувања на презумпцијата на невиност. Поведени од акциите за апсење на МВР, за кои голем дел од медиумите некритички ја преземаат верзијата на полицијата, „зачинувајќи“ ги со изрази како „мафија“ „криминалци“, „крадци“, „макроа“ и слично, иако судската постапка не е ни започната, а вината на уапсените не ни почнала да се докажува. Ова често е дополнето со „ексклузивни“ снимени материјали од полицијата, кои се испраќаат само до одредени медиуми. Ваквите извештаи повеќе наликуваат на полициско-медиумска спрега за промоција на работата на МВР, отколку на објективно информирање на јавноста. Овие новинари во ваквите ситуации се задржуваат само на конкретното апсење и дневните случувања, без да истражат и навлезат подлабоко во суштината на проблемот со конкретниот вид криминал. Со таквиот плиток и селективен пристап многу медиуми служат како средство за пласирање на дневно политичката агенда на власта, а понекогаш и уште поопасно – како средство за спинување информации и дефокусирање на вниманието на јавноста од други, поголеми и поважни актуелни проблеми во општеството.
Еден од најупадливите примери за вакво информирање е случајот со убиството на младиот Мартин Нешковски во јуни 2011.
Припадник на МВР до смрт го претепа младиот Нешковски на скопскиот плоштад, по што полицијата се обиде да го негира и заташка случајот. Убиството го немаше во официјалниот билтен на МВР за тој ден. Дел од новинарите, наместо во потрага по вистината, тргнаа слепо да ја следат верзијата на МВР за настанот. Во своите првични извештаи, некои новинари се обидоа дури да го релативизираат убиството со назнака дека младиот Нешковски бил „наркоман“ (што можеби би требало да го претстави неговото убиство како помало злосторство.) Дел од медиумите, пак, се занимаваа со конструкции со кои требаше да се докаже дека полицискиот специјалец е припадник на СДСМ, додека убиеното момче било член на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
По протестите на иницијативата „Стоп за полициската бруталност“ и откако случајот доби големо внимание во јавноста, овие текстови беа повлечени и денеска тие не се достапни на интернет-страниците на медиумите кои ги објавија. Ниту еден од овие медиуми не го постави прашањето на одговорноста кај надлежните за обидот да се заташка случајот.
Последици
Кога новинарите во своето известување покажуваат пристрасност, објективната публика тоа го забележува, а довербата во новинарот и медиумот се губи, понекогаш и неповратно. Но, кога новинарите забораваат на професионалната дистанца, далеку посериозна последица е губењето на довербата на публиката кон новинарството во целина и кон сите новинари. Ова е особено видливо во македонскиот медиумски простор во изминатите години – изложени на постојано пристрасно и неетичко известување во многу медиуми, граѓаните сè почесто изразуваат сомнеж во етичноста на сите новинари и веруваат дека новинарството е корумпирана и несериозна професија. Оттаму, единствениот начин да се врати оваа доверба во новинарите е стриктно и бескомпромисно придржување на професионалната новинарска дистанца.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар