Професионално е да се праша ,,Жито Лукс” зошто го усогласиле името

 

Пишува: Весна Коловска

Краток текст објавен на сајтот bregalnicki.mk под наслов „Жито Лукс“ донесе одлука со која се брише зборот „Македонија“ од нивниот Статут“  јавува за одлука на Собранието на акционери на компанијата „Жито Лукс“ АД Скопје, со која се менува Статутот на друштвото. Сајтот во прилог на текстот ја објавува одлуката за измена на Статутот и ја цитира промената:

“Со оваа Одлука се врши измена и дополнување на Статутот на Жито Лукс АД Скопје, како што следи: Во членот 5 во став 3 се брише зборот: MAKEDONIJA”.

Во текстот што го рецензираме, нема информација за причината за промената, ниту во кој дел од називот на компанијата истиот се прави.

Оваа навидум информативна вест, за малку поинформираните читатели, кои знаат дека во скопски „Жито Лукс“ има грчки капитал, може да наведе на претпоставка дека бришењето настанало на некаков начин поради името. Но, тоа воопшто не е точно.

На интернет страницата на компанијата „Жито Лукс“ ги има сите документи, кои биле разгледувани на Собранието на акционери од 23 јуни 2020 година.  Меѓу нив и одлуката за промена на Статутот.

Од „Жито Лукс“  до Вистиномер доставија објаснување, според кое, го усогласуваат називот на компанијата за странска употреба со тој што е во домашна употреба.

-Станува збор за правно усогласување за потребите во правниот промет со странство. Ова унифицирање е извршено во интерниот статут на компанијата. Со цел за усогласување со скратениот назив на компанијата на македонски јазик, кој гласи „Жито Лукс“ АД Скопје и е непроменет од 1991 година, кога компанијата беше во државна сопственост, сега е направено унифицирање на називот на латиница, односно направена е негова транскрипција, препис од кирилица. Со овој препис од кирилица на латиница, името на компанијата е непроменето и соодветно гласи „Жито Лукс“ АД Скопје, односно Zito Luks AD Skopje, стои во одговорот од компанијата.

Веста која што ја рецензираме, не го содржи ова битно образложение, таа е нецелосна и со можна намера да се вметне во политичкиот контекс со промената името на државата и Преспанскиот договор. При тоа, не е одговорено на основното новинарско прашање – зошто, ниту пак е проверена информацијата. Како што пишува во објавениот текст на bregalnicki.mk, веста само е пренесена од социјалните мрежи. Во Кодексот на новинари во членот 1 (еден) стои:

„Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи. Доколку информацијата не може да се потврди, или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави. Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно“ (Кодекс на новинари).

Копирана вест од социјалните медиуми, со документ без контекст, без дополнителна проверка и објаснување,  не гарантира објективно и точно информирање, туку е подлога за манипулација на публиката.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција