Профункционира националниот портал за електронски услуги

Фото: Веб портал на Влада на РСМ/принтскрин

 

СДСМ, во предизборната 2016 година го даде следното ветување кон граѓаните, кое го оценуваме за исполнето:

Ќе ја модернизираме, ќе ја поедноставиме и ќе ја забрзаме комуникацијата помеѓу граѓаните и државната администрација, заради зголемена транспарентност на јавниот сектор во обезбедување на јавните услуги, со воспоставување на централен портал е-граѓани.

[Извор: СДСМ – План за живот, стр.259 – датум, декември 2016]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Владејачката СДСМ во предизборната програма „План за живот во Македонија“ даде ветување за поедноставување на услугите на граѓаните преку користење на ИК технологија, кое го реализираше. Станува збор за давање на разни услуги на граѓаните по електронски пат, преку обединет централен софтверски систем кој нуди повеќе услуги што вообичаено администрацијата ги нуди стационарно на шалтерите на институциите.

На 16.12.2019 година беше пуштен во употреба порталот Услуги (uslugi.gov.mk), кој преку јавен дел и индивидуално, со регистрација на корисниците им нуди повеќе услуги, а во иднина е планирано да понуди уште повеќе.

Порталот беше претставен во Владата на РМ од страна на премиерот Зоран Заев и надлежниот министер за администрација и информатичко општество, Дамјан Манчевски.

Јавниот дел е достапен за сите, без потреба од било каква најава или идентификација. Тука можат да се најдат податоци за услугите кои ги обезбедуваат надлежните органи. Приватниот дел е достапен само за регистрирани и идентификувани корисници на Системот за единствена најава. По најавата, граѓаните ќе имаа можност да поднесуваат барања во електронска форма за добивање на е-услуга, да плаќаат за надоместокот и административната такса за е-услуги, да добиваат одговор на барањето и најважно да добиваат електронски услуги – изјави министерот Манчевски.

Според информациите презентирани на прес-конференцијата „во моментот на порталот за е-услуги се достапни 127 електронски услуги. 57 услуги за првпат се нудат електронски, додека 70 се веќе постоечки. Овој број секојдневно ќе се зголемува“

Порталот е достапен тријазично, на македонски, албански и на англиски јазик. Централниот портал за е-услугу е пуштен со мало задоцнување во однос на проекциите во предизборната програма, имајќи предвид дека е ветен во првите две години од мандатот на Владата, како дел од итните реформски приоритети во администрацијата. Но, сепак, бидејќи споменатиот портал за е-услуги профункционира,  ветувањето може да се оцени за исполнето.

 

ИЗВОРИ:

 

Оценил: Тео Блажевски

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.