Проиранска објава со лажна фотографија од погребот на загинатите ирански ученички

Објавата го осудува ракетирањето на училиштето во Минаб, Иран, што го илустрира со фотографија од погребот на загинатите, но таа е лажна, т.е. вештачки генерирана, а неа ја шират проиранските пропагандисти низ светот.

Објавата го осудува ракетирањето на училиштето во Минаб, Иран, што го илустрира со фотографија од погребот на загинатите, но таа е лажна, т.е. вештачки генерирана, а неа ја шират проиранските пропагандисти низ светот. Неспорно е дека ракетирањето се случило, па од тој погреб има автентични фотографии, но за објавата била одбрана лажна, зашто таквите се поефектни за пропагандата, што е крајно неморално, а и бесчувствително кон загинатите деца

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук, која вели:

ЦИОНИЗАМ

именка

Ционизмот е расизам во служба на империјализмот.

Политичка идеологија.

Ционистите уживаат во силување и убивање деца.

Пример: бомбардирање на ирански деца во училишни клупи 👇

Текстот завршува со т.н. емотикон, т.е. со прст кој покажува надолу кон една фотографија, која треба да служи како доказ или аргумент за напишаното. Објавата не нуди опис за фотографијата, но ја најдовме на повеќе веб-локации, кај што е опишана како да е од погребот на ученичките, кои загинаа во ракетирањето на женското училиште во иранскиот град Минаб на 28.2.2026 г.

Убиство на деца е крајно чувствителна тема, кон која мора да се пристапи внимателно и со која никој не смее да си поигрува за политички цели, но објавата го прави токму тоа – фотографијата во неа не е автентична, туку е генерирана со вештачка интелигенција, затоа што таквите слики се поефектни за пропагандата. Тоа е крајно неморално, а и бесчувствително кон загинатите деца.

Ракетирањето на училиштето неспорно се случило, па од погребот кој следел има автентични фотографии, но објавата не ја интересира автентичноста и објективноста, туку пропагандата, па затоа била одбрана лажна и многу поефектна „фотографија“.

На 5.3.2026 г. со оваа „фотографија“ се позабавил американскиот сајт за проверка на факти Snopes, па ќе наведеме што тој утврдил заедно со она што ние самите го истраживме.

На фотографијата се забележуваат нуспојави типични за вештачки генерирани слики. Тоа можат да бидат луѓе со по шест прсти на секоја рака, две горни усни и сл., а и општо тие слики делуваат извештачено, што ги натерало проверувачите на факти да прејдат на следниот чекор.

Тие ја анализирале фотографијата со алатки како Undetectable и WasitAI, според кои има голема веројатност таа да е вештачки генерирана. Таа била споредена со оние автентичните, при што не биле забележани сличности, а проверувачите на факти посакале да знаат и кој прв ја објавил.

Најрано објавување според датум и време тие нашле кај новинарот Хармит Сингх. Тој е од Пакистан и може да се рече дека е проирански пропагандист.

Сингх ја објавил фотографијата во свој твит на 3.6.2026 г., на што реплицирал израелскиот проверувач на факти Тал Хагин, кој детално аргументирал дека таа не е автентична. Јавно фатен во лага, Сингх признал дека фотографијата била вештачки генерирана, но не се извинил за тоа и зел невешто да се оправдува дека сакал „симболична“ илустрација за веста за погребот.

Snopes тогаш му пишале дали тој самиот ја генерирал таа фотографија и дали е тој првиот кој ја ставил на интернет, но тој не им одговорил. Сепак, тие добро истражиле и аргументирале дека таа фотографија е лажна, а со неа се позанимавале и нивните колеги од сајтот Lead Stories.

За да нема обвинувања дека тие проверувачи на факти се пристрасни, мора да кажеме дека тие побиваат манипулации и од спротивниот табор во таа војна во Иран.

Една твитерџика, пак, укажала на следниов трагикомичен факт. На „фотографијата“ се прикажани „телата на покојните ученички“, секое од нив завиено во кафан, бело платно типично за исламските погреби, а врз секое тело е поставена врамена фотографија од покојничката, но врз две од тие тела е поставена фотографија од исто девојче, што е нуспродукт од тоа вештачко генерирање.

Логично е пропагандистите да ставаат лажни слики за да илустрираат лажни вести, но тука имаме специфична ситуација – таа трагедија во Иран навистина се случила, само фотографијата е лажна. Некои релативизираат дека не е битно што таа е лажна, штом настанот реално се случил, но тоа не држи.

Вакви немили настани бараат голема одговорност во известувањето, а за да биде тоа објективно, мора да има издржани факти и докази, во таа смисла и фотографии. Во вакви случаи тие не се само илустрација, туку и доказ, а ако тие се е лажни, тоа ја подрива веродостојноста на известувањето.

Тоа го злоупотребуваат негаторите на таквите воените злосторства, кои можат да ги отфрлат вестите за истите како лажни ако се илустрирани со лажни слики. Нивното користење е непочит и кон жртвите, кои си имаат свои лица, а кои тука се заменети со некои како од компјутерска игра.

Кај многумина ова буди сомнеж околу тоа што се случило со училиштето и дали Иран ни ја кажува целата вистина. Се појавија и непоткрепени тврдења дека тој сам по грешка го ракетирал. Тамошниот режим, кој е репресивен и авторитарен, е озлогласен по пропагандата со вештачки генерирани содржини, па тој дури да објави нешто вистинито, многумина не му веруваат.

За тоа подривање на довербата придонесуваат тие лажни фотографии, а ако тие баш мора да се употребат, редно е тоа да ѝ се каже на публиката со некаков опис на фотографиите или сл.

За ракетирањето на училиштето објавата ги обвинува ционистите, што е назив на движењето, кое се залагало за создавање на државата Израел, но прелиминарната истрага вели дека ракетирањето го извршиле САД, а не Израел. Сепак, тоа е само прелиминарно, па засега не би коментирале многу околу тоа и затоа се сконцентриравме на фотографијата во објавата, а не толку на текстот во неа.

Би нагласиле и дека профилот, кај што е постирана објавата што ја рецензираме, повеќепати сме го забележувале во ширење на лажни вести (види: тука, тука, тука, тука и тука).

Земајќи го предвид сето досега наведено, оценуваме дека во објавата има компјутерски изменета/фалсификувана содржина.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција