Пропагандата околу Парадата на победата во Пекинг и самитот на ШОС во Тјенцин

Фото: Public Domain

Во Пекинг се одржа парада по повод 80 години од победата над Јапонците, но неа ја извојувале САД со нивните атомски бомби, СССР со неговата Манџурска операција и тогашната Република Кина на чело со антикомунистот Чанг Кај-Шек, а не кинеските комунисти на Мао Це Тунг и нивната Народна Република Кина, која била создадена дури во 1949 г., иако и воените единици на комуниститие се бореле против Јапонците

Во Пекинг се одржа парада по повод 80 години од победата над Јапонците, но неа ја извојувале САД со нивните атомски бомби, СССР со неговата Манџурска операција и тогашната Република Кина на чело со антикомунистот Чанг Кај-Шек, а не кинеските комунисти на Мао Це Тунг и нивната Народна Република Кина, која била создадена дури во 1949 г., иако и воените единици на комуниститие се бореле против Јапонците

 

Пишува: Вангел Башевски

 

На почетокот на септември, во Тјенцин, Кина се одржа самит на Шангајската организација за соработка (ШОС), а во Пекинг – помпезна парада по повод 80 години од крајот на Втората светска војна и на окупацијата на Кина од страна на Јапонија, која тогаш капитулирала.

Самитот и парадата беа прилика за кинескиот лидер Си Џинпинг да се сретне со неговиот руски колега Владимир Путин и индискиот Нарендра Моди, како и со севернокорејскиот Ким Џонг Ун, што, со исклучок на Моди, се опишува како автократска алијанса насочена против западниот демократски свет.

Нејзините поддржувачи кај нас со суперлативи го опишаа и самитот и парадата, но притоа извртуваа факти или тенденциозно ги премолчуваа, но пред тоа само да напоменеме дека според кинеските правила, прво се наведува презимето, а потоа името.

 

Извртени или премолчени историски факти

Пратеникот од политичката партија Левица, Реџеп Исмаил, споделил клип од парадата во социјалната мрежа Фејсбук и помпезно го опишал со следниве зборови и тоа со извичник:

Парадата е одржана вчера по повод 80 години од победата на Народна Република Кина во Втората светска војна!

Таа објава е невистинита. Народна Република Кина била прогласена од комунистите на 1.10.1949 г., па не можела да се бори и да победи во војната против Јапонците, која завршила во 1945 г.

Тогаш постоела Република Кина, на чело со Чанг Кај-Шек од националистичката и антикомунистичка партија Куомитанг (КМТ), чија војска се борела против Јапонците многу повеќе од герилците на Кинеската комунистичка партија (ККП) на Мао Це Тунг. Тие ривалски движења на отпорот дури во еден момент создале Обединет фронт, но само КМТ биле признати од сојузничките сили низ светот.

КМТ се долго табу-тема во НР Кина, а тој став сега се омекнува, но Си не ги спомена директно во говорот на парадата, туку само Обединетиот фронт, а главната улога во него ѝ ја припиша на ККП. Но, факт е дека иако герилата на ККП се борела против Јапонија, царството не капитулирал пред ККП или Обединетиот фронт, туку пред: САД, СССР, Британија, Канада, Австралија, Нов Зеланд, Франција, Холандија и, нагласуваме, Република Кина.

Церемонијата се одржала на 2.9.1945 г. на бродот Мисури во Токискиот залив и со неа претседавал американскиот генерал Даглас Мекартур во својство на командант на сојузничките сили, а ККП не била ни поканета. Но, Си на парадата ја фалеше токму ККП, а само накусо и скржаво им заблагодари на странските земји, кои ѝ помогнале на Кина во војната и тоа без да ги именува.

Таа победа ја извојувале пред се САД со своите атомски бомби, како и СССР и неговата сојузничка НР Монголија со инвазијата врз Манџурија и Внатрешна Монголија. Тоа се сега делови од НР Кина, но тогаш биле под марионетски сепаратистички режими, поставени од јапонскиот окупатор (види: тука и тука), кој на угнетените етнички групи во Кина им се претставувал како ослободител.

 

Јапонците во Кина се предале пред војниците на Куомитангот

Во Кина, значи, имало и колаборанти, за што таму нерадо се говори, а ги имало и среде доминантниот етникум во земјата, Ханците, како Ванг Џингвеј, кој водел марионетска држава со главен град Нанкинг, полумилионска војска и контрола над територија колку денешна Германија.

Со тоа не ги омаловажуваме движењата на отпорот, кои биле големи, но она комунистичкото не било најголемото. Националистичкото било четири пати поголемо. Предавањето на јапонските сили во Кина било извршено на 9.9.1945 г. во Нанкинг пред генералот од КМТ, Хе Инцин.

Република Кина спаѓала во четирите најбитни членки на Антифашистичката коалиција и како таква била меѓу основачите на ООН во 1945 г., кога станала и постојан член на Советот за безбедност.

 

Граѓанската војна и победата на комунистите

Но, следела Граѓанската војна (1945 – 49), во која победиле комунистите и ја создале НР Кина, а КМТ емигрирале на Тајван, кај што Република Кина уште опстојува, иако оваа држава денес е призната само од 12 земји во светот. За нивниот пораз придонеле: ветувањата за социјална правда на ККП, помошта за ККП од советските сили во Манџурија, како и авторитарноста и корупцијата кај самиот КМТ.

Сепак, факт е дека Чанг бил легитимен лидер на Кина, а не Мао, кој ја соборил таа легитимна власт и донел уште полоша, која убила милиони луѓе како што тоа го правел и Јосиф Сталин во СССР.

Република Кина која опстојувала само на територијата на островот Тајван и натаму била единствената меѓународно призната кинеска држава, што се сменило дури во 1971 г., кога нејзиното столче во ОН го презела НР Кина со резолуција на Генералното собрание на ОН.

 

Митот за идиличната соработка во ШОС

Во медиумски колумни може да се сретнат и изрази на воодушевеност од наводната слога меѓу учесниците на самитот во Тјенцин и од тоа како тие се фатиле за раце за нивната групна фотографија, што заличела на оро, па што следува апел и ние да се фатиме на тоа антизападно оро и да ги замениме ЕУ и НАТО со ШОС и БРИКС. Арно ама, зад кулисите на тој самит, нештата воопшто не се идилични, а во минатото, па дури и годинава се воделе и војни за територии меѓу дел од споменатите земји и лидери.

Така на пример НР Кина го помагала Пакистан во неговите војни против Индијците, а тие обвинуваа дека така било и во последната, во мај 2025 г. Сепак, Моди дојде во Тјенцин и куртоазно се смешкаше со Си, а тука беше и премиерот на Пакистан, Шехбаз Шариф, но со него Моди не играше оро.

Си на Моди му рече дека Индија и Кина не се ривали, туку партнери, но ова беше прва посета на Моди на Кина по дури 7 години, затоа што тие имаат територијални и други сериозни спорови.

Во 1950-тите, двете земји граделе добрососедство, под паролата „Хинди-Чини бхаи бхаи“ (што на јазикот хинди значи дека Индијците и Кинезите се браќа), но работата на крај излегла „бај-бај“ – како што на англиски се вели на разделба. Во 1962 г. меѓу нив избувнала војна , а Кинезите го зазеле спорниот регион Аксаи Чин, голем колку Швајцарија, но Индија не го признава за кинески.

Граничните инциденти продолжиле, а ги имаше дури и неодамна. Друг спорен регион е Аруначал Прадеш, кого го држи Индија, но на мапите во НР Кина тој е претставен како нејзин, под називот Јужен Тибет. Посеверно од него била државата на Тибетанците, но НР Кина ги нападнала и анектирала (1950 – 1951), па тие кренале неуспешно востание (1959), по кое нивниот водач Далај Лама побегнал во Индија и таму делува тибетска влада во егзил, што ги револтира Кинезите.

Од 2020 до 2025 г. Кина и Индија водеа и визна „војна“, си блокираа инвестиции и сајтови итн.

 

Кинеско-руската соработка не е безлимитна

Во споменатата кинеско-индиска војна во 1962 г., Русите (т.е. СССР) ја помагале Индија. Иако и Русите и Кинезите граделе социјализам, тие, сепак, имале разидувања, а и граничен спор останат од царските времиња. Русите тогаш им одземале територии на Кинезите (во Опиумската и Боксерската војна), па тие се чувствувале онеправдано. Сето тоа довело до воен судир во 1969 г.

Учебниците во Кина сега прикажуваат мапи од времето на нејзините царски династии, кога делови од она што е денес Русија биле под нивна власт, со што, според некои, се пропагира иредентизам. Кинеските компании ги земаат тие територии под повеќедецениски наем и безмилосно ги експлоатираат на штета на екологијата, што многу Руси го доживуваат како колонизација, а Русија и Кина, според нив, не се рамноправни партнери, туку Кина доминира.

При демаркацијата на границата во 2004 г., Русија ѝ подари на Кина 337 км², a во 2015 г. уште 4,7 км², што, исто така, ги огорчи граѓаните на Русија. Во договор со неа, Кинезите го користат пристаништето во Владивосток за својата внатрешна трговија, како градот да е нивен, а тие секако го гледаат така и го нарекуваат Хајшењвеј – како што тој се нарекувал до 1860 г., кога бил нивен.

Кина не зазема јасен став за војната во Украина, па час изразува почит за нејзиниот суверенитет, час разбирање за Русија, а час неутралност и најчесто не гласа во ООН во полза на Русија, туку воздржано. И, Кина не ја признава руската анексија на Крим од 2014 г. и четирите украински области од 2022 г. Иако Кина изјавува дека соработката со Русија ѝ е „без лимити“, тоа не е така.

Според некои аналитичари Русија им служи на Кинезите само како извор за евтини суровини за производство на разни стоки и како пазар за истите. Кинезите главно ѝ ги продаваат, а не ѝ ги даваат како помош за таа да опстои во војната и под западните санкции, па алтруизам тука нема.

И, среде тие стоки не е толку застапено оружјето, туку тие се главно за двојна намена – и мирнодопска и воена (возила, електроника и сл.), што значи дека Кинезите се пазат од преголема блискост со Русија и од западни санкции, па соработката не им е безлимитна. Повеќе кинески банки дури ја прекинуваат соработката со оние руските, им блокираат парични трансфери или сл.

Денешниот економски и технолошки успехот на НР Кина се должи на компромисот кој таа го направила со западниот капитализам, т.е. на реформите во таа насока на Денг Сјаопинг започнати во 1978 г., па затоа Кинезите сега произведуваат ем познати западни брендови, ем сопствени модели и во индустријата со мобилни телефони и во автомобилската индустрија и тешко е да се поверува дека тоа ќе го отфрлат заради сојузништвото со Русија, кое и не им е идеално.

Сите овие детали не можат да се сретнат во пропагандистичките објави во земјава за Кина и за единството и успехот на ШОС, а се поведуваат од „орото“, кое е само за пред камери.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција