Пропагандистичка објава се обидува да ги „оправда“ руските дронови во Полска
Не е точно наведеното во објавата дека НАТО или нејзини земји членки како Германија и Британија „имаат за цел славјанските народи да се самоуништуваат“, со оглед на тоа што агресорот и оној кој врши упад во воздушен простор на НАТО е Русија, со свои дронови, неиспровоцирано. Манипулативно и пропагандистичко е тврдењето дека Русија била испровоцирана да прати дронови во Полска, напротив тоа од страна на бројни европски политичари е протолкувано како провокација и тестирање на НАТО и на земјите-членки од страна на Русија
Не е точно наведеното во објавата дека НАТО или нејзини земји членки како Германија и Британија „имаат за цел славјанските народи да се самоуништуваат“, со оглед на тоа што агресорот и оној кој врши упад во воздушен простор на НАТО е Русија, со свои дронови, неиспровоцирано. Манипулативно и пропагандистичко е тврдењето дека Русија била испровоцирана да прати дронови во Полска, напротив тоа од страна на бројни европски политичари е протолкувано како провокација и тестирање на НАТО и на земјите-членки од страна на Русија
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
По границата на Полска поминале Руски извиднички дронови за да видат дали се трупа масовно оружје од Германија и Британија за евентуален напад на Белорусија и Руски Калининград – контра одговор Полското ПВО ги гаѓа како вооружена воена цел , општо подготовка и мобилизација, повик за помош до ЕУ и НАТО, денес вонредно собрание на ЕУ и НАТО со прес конференција дека се на штрек , сите депутати на задолжително собрание и веднаш поддршка на Полска и контра одговор сите да тргнеме со воени единици да ја спасуваме Полска и границите со Украина. Едноставно Полската историја колку што е и тажна толку и наивна , само што овој пат Германија ќе ја бутне во војна Полска затоа што главната цел им е Славјанските народи да се самоуништуваат.
Не е точно дека „главната цел на Германија е славјанските народи да се самоуништуваат“, ниту пак, има кредибилни докази дека „руските извиднички дронови поминале по границата на Полска за да видат дали се трупа масовно оружје од Германија и Британија за напад врз Белорусија и Калининград“. Оваа објава ја изместува тезата, со оглед на тоа што некои од дроновите поминале многу километри и биле внатре во воздушниот простор на Полска.
Дроновите пенетрирале 250 километри во воздушниот простор на НАТО над Полска, некои од нив насочени кон клучни логистички локации за поддршка на Украина во Полска, според реконструкцијата на Велт.
Министерот за надворешни работи на Полска рече дека руското навлегување на дроновите во воздушниот простор на Полска е обид на Кремљ да ја тестира реакцијата на НАТО на начин што ќе разгори ескалација без да нападне. Непосредно после тоа и Романија стана втората држава што пријави дека руски дронови навлегле и во нивниот воздушен простор нарекувајќи го ова неприфатлив чин. Иако дроновите биле способни да носат муниција, тие не биле натоварени со експлозиви што според некои аналитичари дополнително ја потврдува тезата дека се работи за провокација од Русија за да се тестира и види каков ќе биде одговорот од НАТО.
И НАТО и нејзините земји членки се одбранбена алијанса. Ниту Германија ниту Велика Британија имаат за цел славјанските народи да се уништуваат. Всушност, Полска го активираше Член 4 од Договорот за НАТО, кој предвидува консултации меѓу сојузниците откако руските дронови навлегоа на нејзината воздушна територија. Тоа е право на Полска, а самата Алијанса има сојузнички обврски и дејствува заеднички за колективна самоодбрана. Во објавата што ја рецензираме се користи добро позната и претходно користена руска пропагандна тактика – да се обвинува другиот за она што самата Русија го прави. Поконкретно, руските дронови навлегле на територија на НАТО, а не германски или британски дронови на територијата на Русиja или Белорусија!
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, го осуди апсолутно опасното однесување на Русија и нагласи дека Алијансата е подготвена да го брани „секој сантиметар“ од територијата на НАТО.
Во средата, вооружените сили на Полска и премиерот Доналд Туск соопштија дека Варшава соборила најмалку три руски дронови во операција опишана како „без преседан“.
Европските лидери рекоа дека веруваат оти упадот, кој се случи додека Кремљ започна бран напади врз Украина, претставува меѓународно проширување на војната на Русија – длабоко вкоренет страв од европските сојузници на Украина.
Војната во Русија ескалира, не завршува. Она што (рускиот претседател Владимир) Путин сака да го направи е да нè тестира. Она што се случи во Полска е пресвртница, изјави шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, за новинарите во Брисел.
Рускиот упад со беспилотни летала доаѓа само три дена откако Москва ја погоди главната владина зграда во Киев. Во тој напад беа оштетени и зградите на Европската Унија и Британскиот совет во украинскиот главен град.
Полскиот министер за надворешни работи изјави дека упадот со руски беспилотни летала во полскиот воздушен простор бил обид на Кремљ да ги тестира реакциите на НАТО со постепена ескалација без да предизвика целосен одговор.
НАТО во петокот објави дека ќе распореди повеќе авиони на источното крило на алијансата за заштита од идни напади со беспилотни летала. Во саботата, полските и сојузничките авиони повторно беа распоредени поради обновена закана од напади со беспилотни летала во западна Украина. Аеродромот во источниот полски град Лублин беше затворен, а луѓето во пограничните области добија СМС – известувања за претпазливост. Сепак, овојпат, немаше пријавено упад.
Во саботата, Романија стана уште една земја-членка на НАТО што пријави упад на руски беспилотни летала во нејзиниот воздушен простор, при што два борбени авиони Ф-16 беа испратени да ја следат ситуацијата. Министерството за одбрана на земјата соопшти дека остро ги осудува постапките на Русија, кои шефицата за надворешна политика на ЕУ, Калас, ги опиша како неприфатливи.
Романија го повика амбасадорот на Москва, Владимир Липаев, во Министерството за надворешни работи поради упадот и по состанокот во неделата навечер изјави дека Романија „изразила силен протест против овој неприфатлив и неодговорен чин, што претставува кршење на [нејзиниот] суверенитет“.
Ваквите повторувачки инциденти придонесуваат за ескалација и засилување на заканите за регионалната безбедност“, се додава во соопштението на министерството, а од Москва е „итно побарано… да спречи какви било идни прекршувања“.
Германскиот министер за надворешни работи, Јохан Вадефул во објава на интернет во неделата – го нарече инцидентот со беспилотното летало во Романија „уште едно неприфатливо кршење на суверенитетот на близок партнер во ЕУ и НАТО“.
Не е точно наведеното во објавата дека НАТО или нејзини земји членки како Германија и Британија „имаат за цел славјанските народи да се самоуништуваат“, со оглед на тоа што агресорот и оној кој врши упад во воздушен простор на НАТО е Русија, со свои дронови, неиспровоцирано. Дополнително, НАТО има право да се подготвува за одбрана на своја територија и нема никаков интерес да биде нападната Полска, со оглед на тоа што на таков начин и славјанските и неславјанските народи во Европа би биле загрозени од опасност од воени дејствија. Манипулативно и пропагандистичко е тврдењето дека Русија била испровоцирана да прати дронови во Полска, напротив тоа од страна на бројни европски политичари е протолкувано како провокација и тестирање на НАТО и на земјите-членки од страна на Русија.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар