Пропагандна објава ја правда Русија дека не освојува, туку спречувала глобален хаос
Наспроти изнесеното во објавата, не е точно дека „стратегијата на Русија не е да освојува“, што се гледа од фактот што Русија контролира 114.500 квадратни километри или 19 проценти од Украина, вклучително и Крим.
Наспроти изнесеното во објавата, не е точно дека „стратегијата на Русија не е да освојува“. Дека тоа не е така се гледа од фактот што Русија контролира 114.500 квадратни километри или 19 проценти од Украина, вклучително и Крим и поголем дел од територијата во источниот и југоисточниот дел на земјата според податоци што ги објави „Ројтерс“ добиени од отворени извори (мапи)
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
Сè има смисла кога ќе сфатиш што чека Русија. Нејзината стратегија не е да освојува, туку да ја задржи рамнотежата и да спречи глобален хаос. Не реагира на секоја провокација, дури и кога западни ракети убиваат нејзини цивили. Не влегува во Газа, не удира по НАТО бази, не ја турка ескалацијата. Знае каде се нуклеарните постројки на Западот и постојано ги следи активностите во нив. Русија игра на време и трпение. Единствено ќе дејствува надвор од Украина ако има обид да се активира нуклеарно оружје – и тогаш ќе ги неутрализира постројките пред да дојде до катастрофа. Ова не е борба за територија, туку за спречување на крајот. Затоа стои мирно, набљудува и чека. Чека во еден момент западните народи да сфатат дека нивните лидери ги туркаат во нуклеарна војна во која западна европа ќе биде избришана од картата. Чека народите сами да се исправат и да се заштитат од нуклеарното уништување кое им го спремаат нивните лидери.
Наспроти изнесеното во објавата, не е точно дека „стратегијата на Русија не е да освојува“. Дека тоа не е така се гледа од фактот што Русија контролира 114.500 квадратни километри или 19 проценти од Украина, вклучително и Крим и поголем дел од територијата во источниот и југоисточниот дел на земјата според податоци што ги објави новинската агенција Ројтерс, добиени од отворени извори (мапи).
Русија тврди дека Крим, Доњецк, Луганск, Запорожје и Херсон, кои беа признаени од Москва како дел од Украина кога Советскиот Сојуз се распадна во 1991 година, сега биле дел од Русија. Украина повторува дека никогаш нема да ја признае руската окупација на својата земја и најголемиот дел од земјите ја признаваат територијата на Украина во нејзините граници воспоставени во 1991 година.
Руските сили во 2014 година презедоа контрола врз Крим и по оспорениот референдум за приклучување кон Русија, Москва го присвои регионот кон Русија. Големината на заземената површина е околу 27 илјади квадратни километри. Русија контролира 88 проценти од регионот Донбас во источна Украина, заедно со цел регион Луганск и 75 проценти од регионот Доњецк.
Данското одбранбено разузнавање оценува дека Русија моментално води хибридна војна против НАТО и Западот, пишува во извештајот.
Освен тоа, високи политички фигури се сомневаат дека неодамнешните инциденти со дронови на аеродроми во Германија и Данска се во режија на Русија со цел тестирање. Неодамна беа забележани летови на дронови над безбедносно критични објекти во неколку земји на Европската Унија и НАТО.
Во објавата се споменува и дека „единствено Русија би дејствувала надвор од Украина ако имало обид да се активира нуклеарно оружје за да ги неутрализира постројките пред да дојде до катастрофа“.
Но, Вистиномер веќе пишуваше дека само руското раководство предводено од Владимир Путин директно користи нуклеарна реторика и закани, додека НАТО и ЕУ ја задржуваат својата доктрина на одвраќање (deterrence) и не се закануваат со напад. Од почетокот на инвазијата на Украина, Путин и други високи руски функционери повеќепати упатија директни и индиректни закани со нуклеарно оружје.
НАТО е одбранбена алијанса која има нуклеарно оружје само за да спречи напад, а не за да започне конфликт. Според НАТО, „додека постојат нуклеарни оружја, НАТО ќе остане нуклеарна алијанса“, но со јасно нагласување дека одлуката за употреба на нуклеарно оружје се носи колективно и само како последно средство.
Не е точно ниту наведеното во објавата дека „западните лидери ги туркаат во нуклеарна војна западните народи“, ниту пак, дека „нивните лидери им спремаат нуклеарно уништување“. Имено, на страницата на НАТО под реден број 12 на прашањето „кој е одговорот на НАТО на руската опасна реторика околу нуклеарно, хемиско и биолошко оружје“ пишува:
Руската заканувачка нуклеарна реторика е опасна и неодговорна. НАТО ги зема овие закани сериозно, но нема да биде исплашено. НАТО останува посветено и упатува јасна порака за Русија дека нуклеарната војна не може да биде добиена и никогаш не треба да се води. Каква било употреба на нуклеарно оружје од страна на Русија фундаментално би ја променила природата на војната и би имала жестоки последици за Русија. Понатаму, НАТО партнерите се длабоко загрижени за пријавеното користење на хемиско оружје од страна на Русија против украинските сили. Секое користење на хемиско или биолошко оружје од страна на Русија би било кршење на меѓународното право и воено злосторство и ќе резултира со сериозни последици.
Земјите членки на ЕУ редовно повикуваат на деескалација на нуклеарната реторика, вклучувајќи и критика кон Москва за нејзините закани.
Што се однесува на тоа дека „западни ракети убиваат руски цивили“, Русија досега во повеќе наврати има бомбардирано населени места во Украина при што гинеле цивили, меѓи кои и деца. Русија постојано негира дека намерно цели цивили, но многумина беа убиени во ракетни напади, напади со беспилотни летала и гранатирање. Исто така кога во објавата се споменува дека Русија сакала да спречи глобален хаос, се пропушта да се објасни и дека таа самата го креираше истиот, кога во 2022 година изврши неиспровоцирана воена инвазија врз суверена, демократска и слободна држава со демократски избрана власт – Украина.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар