Пропагандна објава оправдува руски напад во Украина со невистинита теза

Фото: Принскрин

Тезата дека бомбардирањето на повеќе градови во Украина од страна на Русија претставува „уништување на нацифашизмот на ЕУ“ е пропагандна и невистинита. Од стартот на војната што Русија неиспровоцирано ја почна во 2022 година кога ја нападна суверена и независна Украина, Кремљ се обидува да најде оправдувања за ужасната војна која ја почна, преку пропаганда и ширење невистини за Украина и за ЕУ и за нивниот наводен „нацифашизам“.

Тезата дека бомбардирањето на повеќе градови во Украина од страна на Русија претставува „уништување на нацифашизмот на ЕУ“ е пропагандна и невистинита. Од стартот на војната што Русија неиспровоцирано ја почна во 2022 година кога ја нападна суверена и независна Украина, Кремљ се обидува да најде оправдувања за ужасната војна која ја почна, преку пропаганда и ширење невистини за Украина и за ЕУ и за нивниот наводен „нацифашизам“

 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Нацифашизмот на ЕУ мора да биде уништен.

Во склоп на објавата се споделува текст на српски јазик со наслов „(ВИДЕО) Најголемиот напад на Русија досега, што се случува? Крв, оган и крици во Киев и останатите градови – Путин демонстрираше морничава моќ“. Во текстот се известува дека на 25 мај, Русија во раните утрински часови извела комбиниран напад врз Киев, Одеса, Харков, Миколајев, Чернигов, Суми и повеќе области меѓу кои Запорожје. Во нападите загинале најмалку 12 лица.

Кога ќе се види контекстот на споделената објава, односно фактот дека Русија нападнала градови во комбиниран напад, со смртни последици, јасно е дека со објавата и текстот „нацифашизмот на ЕУ мора да биде уништен“, всушност се прави обид да се оправда војната што Русија ја води неиспровоцирано против независна и суверена Украина – со некаква „денацификација“ или како што неточно се тврди во објавата – „нацифашизмот на ЕУ“.

Од стартот на воената инвазија во 2022 година, Русија се обидува да ја оправда истата, односно да наведе „причини за почнувањето на војната“. Една од нив беше „денацификација на Украина“ а со текот на време наративот против Западот се прошири и на „нацифашизмот на ЕУ“. Но, ЕУ не е ниту нацистичка, ниту фашистичка, а бомбардирањето украински градови не придонесува за уништување на нацизам туку за убивање недолжни цивили, уништување инфраструктура и загрозување на иднината на украинските граѓани.

Кремљ се обидува да ја оправда воената инвазија во Украина со тезата дека „во Украина има крајнодесничарски елементи кои би можеле да се опишат како неонацистички“. Но, ова се незначајни елементи. Во модерна Украина, екстремните националистички групи немаат влијание врз Парламентот, на последните избори добија минимален број гласови, недоволен за влез во Парламентот, не се во владата и не можат да бидат оправдување за инвазијата на Русија врз Украина. Вакви елементи има и во многу европски држави, а ги има и во Русија и во руските вооружени сили, како, на пример, групата „Русич“ предводена од воениот криминалец Алексеј Милачков, кој за себе отворено во интервјуа изјавува дека е нацист. Дополнително, Украина го забрани промовирањето на нацизмот во 2015 година. И покрај тоа, базата на податоци EUvsDisinfo содржи речиси 500 примери на про-Кремљ дезинформациски тврдења за „нацистичка/фашистичка Украина“.

Честопати се тврди дека баталјонот Азов, кој беше активен во источна Украина во 2014 и 2015 година, е нацистички, но овој баталјон денеска претставува неколку воени единици кои се дел од редовните вооружани сили. Стејт Департментот го отстрани името на баталјонот Азов од листата на формации кои не смееја да добиваат оружје од САД поради сеопфатната трансформација на единицата.

Тезата дека во Украина има војна за земјата да се „денацифицира“ е невистина, поради тоа што денацификацијата, како што „Вистиномер“ веќе има пишувано е процес што е временски поврзан со минатото. Професорот од Јејл Универзитетот, Џејсон Стенли вели дека денацификација е процесот што сојузниците го спровеле во Германија по Втората светска војна. Почнувајќи со Нирнбершките судења, тие суделе и осудиле голем број нацисти, голем број од нив биле убиени и потоа тие ја замениле нацистичката идеологија во сите големи институции со луѓе кои биле недопрени од нацизмот.

Путин го злоупотребува терминот денацификација. Денацификацијата се однесува на одреден момент во историјата во поствоената ера, а тоа што Путин го користи овој термин е пропаганда насочена кон неговите стравови од моменталната демократска влада во Украина. Има многу специфично историско значење на денацификацијата, што претставува процес кој се случил во Германија после Втората светска војна, вели Тимоти Снајдер, експерт за Украина и автор на „Патот кон неслободата: Русија, Европа, Америка“ за Тајм Магазин.

Не е точно дека со бомбардирањето на Украина се таргетира „нацифашизмот на ЕУ“. ЕУ е спротивност на фашистичките режими кои, пак, се познати по нивната угнетувачка природа, вклучувајќи цензура, прогон на политичките противници и кршење на човековите права. ЕУ ја слави културната различност и ја охрабрува соработката меѓу различните народи. Се стреми да го поттикне чувството за европски идентитет, истовремено почитувајќи ги националните идентитети. Фашизмот промовира хомоген национален идентитет и често се вклучува во агресивен национализам и ксенофобија. Европската Унија, спротивно на постулатите на фашизмот, е политичка и економска унија од 27 земји-членки кои се фундаментално демократски и се придржуваат до принципите на либерална демократија, човекови права и владеење на правото. Со ЕУ управуваат институции, кои, меѓу другите, ги вклучуваат Европската комисија, Европскиот парламент и Европскиот совет. Одлуките се носат низ демократски процеси, при што земјите-членки имаат застапеност и збор во креирањето политики.

Европскиот парламент се избира на демократски избори кои се одржуваат во земјите членки, а тој потоа ја избира Европската комисија. На 25.10.2018 година, Европскиот парламент објави дека е загрижен од зголемениот тренд на нормализација на фашизмот, расизмот и ксенофобијата и повика сите земји членки на Европската Унија да ги забранат неофашистичките и неонацистичките групи. Од ова станува јасно дека заложбите на Европската Унија не само што не се фашистички, туку и цврсто се темелат на антифашистички политики, препораки и дејствија.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција