Пропагандниот наратив од Москва беше насочен кон „нацистичката ЕУ“
Серија пропагандни пораки од Кремљ што беше интензивна на почетокот и средината на април ги насочи дезинформациите на социјалните мрежи, пред се на Фејсбук на македонски јазик, врз ширење на рускиот дезинформациски наратив дека ЕУ е нацистичка творба
Серија пропагандни пораки од Кремљ што беше интензивна на почетокот и средината на април ги насочи дезинформациите на социјалните мрежи, пред сè на Фејсбук на македонски јазик, врз ширење на рускиот дезинформациски наратив дека ЕУ е нацистичка творба
Обвинувањата беа насочени кон три цели: стандардно врз Украина, која се соочува интензивно со вакви обвинувања уште од почетокот на руската агресија во 2022 година, потоа генерално кон Западот и демократските вредности коишто ги пропагира и ги живее и посебно кон Европската Унија.
Медиумите ги регистрираа овие синхронизирани пораки од Москва, а повод беше изјавата од еврокомесарката за надворешна и безбедносна политика Каја Калас, дека европските лидери треба да се воздржат од поканите на Москва за присуство на Црвениот плоштад на 9 мај каде треба да се одбележат 80 години од победата над фашизмот. На ваквата порака од Калас следуваше серијал обвинувања од Кремљ дека нацистичката идеологија во ЕУ е таа што ги спречува европските лидери да допатуваат во Москва, што може да се види и на агрегаторот на вести на македонски јазик Тајм.мк, а главните пораки ги пренесоа Марија Захарова, прес шефот на руското МНР, како и гласноговорникот на рускиот претседател, Дмитриј Песков.
По ова следуваше првата реакција од премиерот на Словачка Роберт Фицо, кој веднаш обзнани дека ќе присуствува на прославата во Москва, а ден потоа се јавија и српскиот претседател Александар Вучиќ и претседателот на Република Српска Милорад Додик кој впрочем, веќе е во Москва.
Сето ова на крајот на април заврши со широко пренесената вест чие потекло е од официјалните руски извори, дека 19 светски лидери ќе дошле во Москва, по што следуваше уште едно предупредување од ЕУ да не се патува на прославата.
ЕУ била фашистичка творба од основањето!?
Вистиномер ги следеше објавите на социјалните мрежи и констатираше дека овој лажен наратив од руската пропаганда извршил влијание, па оттаму и доминација на таквиот наратив, особено на Фејсбук објавите на македонски јазик. Тука ќе издвоиме неколку примери кои можат во целост да се прочитаат во рубриката Проверка на факти, почнувајќи од последниот регистриран при крајот на април.
Во објава на објава на Фејсбук се тврди дека Европската Унија е фашистичка и дека е творба со нацистичка идеологија. Своите „аргументи“, авторот ги лоцирал уште од создавањето на ЕУ:
ЕУ – творба со нацистичка идеологија
Кога ќе ги погледниме кои личности учествувале на основањето на оваа заедница во Рим во 1957 година ќе ја сватиме суштината на идеолошката матрица.
Валтер Холштајн, познат како “правникот на Хитлер“, кој ги предводел преговорите на владата на Хитлер со владата на Мусолини, а од 1958 година, во два мандати, претседател на Европската Комисија, највисок орган на ЕУ.
Меѓу другите нацисти, со огромен придонес во создавањето и развојот на ЕУ, Калерги ги наведува и Хјалмар Шахт, претседател на Германската централна банка од 1933 до 1939 година, Ханс Јозеф Глобка, еден од авторите на “расниот закон“ за Евреите од 1935 година, Дијана Мозли, сопруга на Освалд Мозли, лидер на британските про-фашисти…
Станува збор за манипулација со историската вистина, а методот на авторот бил да се користи со полувистинити информации, како што е таа дека Холштајн, познат и по таканаречената Холштајнова доктрина, може во младоста и да бил дел од некои наци организации, но никогаш не бил министер во Хитлеровите влади. Повеќе може да се прочита во широко обработената рецензија од страна на Вистиномер.
Само фашистите немало да присуствуваат во Москва на 9-ти Мај!?
Манипулацијата со наративот за Западот како олицетворение на фашизмот беше забележан од Вистиномер и на социјалната мрежа Тредс.
Во објава на социјалната мрежа Тредс се наведува:
Само фашисти нема да присуствуваат на парадата во Москва.
Во рецензијата на Вистиномер најпрво се потсетува на предупредувањето на Каја Калас и на нејзиното образложение:
Она што беше дискутирано многу јасно и посочено од повеќе различни земји членки, е дека кое било учество на парадата на 9 Мај или во прославите во Москва, нема да биде сфатено несериозно од европска страна со оглед на тоа што Русија спроведува војна во Европа, им рече Калас на новинарите во Луксембург после состанокот со министрите за надворешни работи.
A потоа манипулацијата во објавата се демаскира и со појаснувањето што дојде од портпаролката на Европската комисија Пола Пињо:
Празнувањето на 9 мај го гледаме како дел од руската пропаганда и обид да се оправда нејзината инвазија на Украина и затоа веруваме дека треба да се воздржиме од давање легитимитет на кој било начин на оваа војна и да се воздржиме од присуство на таа прослава, рече Пињо.
Повеќе за аргументите со кои се појаснува дезинформацијата и се шири рускиот наратив може да се прочита во рецензијата на Вистиномер.

Што сееле ЕУ и СС НАТО?
Наводната нацификацијата на ЕУ, но и НАТО кој се споредува со СС единиците на Третиот рајх беше регистриран во објава на Фејсбук на македонски јазик: Во објавата на мрежата Фејсбук се споделува текст и пишува:
Доаѓа Библиско време. Што сееле нацифашисти во ЕУ со СС НАТО, тоа и ќе жнеат.
Под ваквата објава е објавен принтскрин од текст со наслов „Ноќна мора на елитите: Зошто Европа толку се плаши од мирот со Русија?“. Текстот е објавен на српски јазик на порталот Вебтрибуна.рс.
Во демаскирањето на оваа објава, чиј извор е чест преносник на руска и антизапдна пропаганда на Фејбук на македонски јазик, меѓу другото се наведува:
Tезата дека „ЕУ е во војна со Русија“ е неточна. ЕУ не е таа којашто ја почна воената инвазија во Украина, тоа го направи Русија и тоа неиспровоцирано. Нападот на суверена територија и држава, со демократски избрана власт на избори, претставуваше основа за тоа ЕУ и НАТО земјите да ја поддржат Украина во нејзиното право на самоодбрана. Европа не се плаши од мир со Русија, туку штити принципи на меѓународното право…Впрочем, Данска, Естонија, Финска, Исланд, Латвија, Литванија, Норвешка Шведска, стојат како силен унифициран блок за да ја засилат Украина и поради јавната поддршка на анкетите што ја добиваат овие земји од своите граѓани на тој пат. Споделената историја на конфликти со Русија, ја засилуваат позицијата на овие држави против агресија, што прави нивните интереси да се на иста линија со тие на Украина.
Повеќе може да се прочита на следниот линк .
Москва и Вашингтон биле нападнати од „еврофашизам“!?
Уште еден многу интересен развој на рускиот пропаганден наратив, овој пат насочен директно кон ЕУ, но со „последици“ врз Москва и Вашингтон, може да се сретне во објавата на Фејсбук која шири таква теза.
Имено во објава на социјалната мрежа Фејсбук пишува буквално вака:
Еврофашизмот, како и пред 80 години, е заеднички непријател на Москва и Вашингтон.
Во демаскирањето на манипулацијата од страна на Вистиномер, меѓу другото се наведува:
„Советскиот сојуз во минатиот век имаше договор со нацистичка Германија (Молотов-Рибентроп пакт) за поделба на територии во Источна Европа што претставуваше закана за некои држави од Европа. На пример, Советскиот сојуз и Германија заедно ја нападнаа Полска од двете страни и ја поделија меѓу себе. Сè додека Германија не го изигра овој пакт тие беа сојузници.
Фашистичките движења во неколку европски држави добија власт меѓу 1922 и 1945 година (Националфашистичката партија на Мусолини и Националсоцијалистичката работничка партија на Адолф Хитлер), меѓутоа денес, во Европа не постои т.н. „еврофашизам“ кој е закана за Русија и за САД, наспроти изнесеното во објавата што ја рецензираме.
Поточно, сите вредности и залагања на ЕУ и декларативно и во пракса се против фашизмот. ЕУ впрочем го победи фашизмот и се залага за принципи дијаметрално спротивни на фашистичките!“.
Повеќе инфо за оваа манипулација и за начините на нејзиното демаскирање може да се прочита на следниот линк на Вистиномер.

Фашистичката ЕУ ја почувствувал и македонскиот народ!?
Наративот за „фашистичката ЕУ“, чие потекло е во Москва, можеше да се сретне и веднаш по предупредувањето од ЕУ да не се патува во Москва на прославата на Денот на победата над фашизмот. Но овој пат, манипулацијата игра директно со емотивната порака, дека од таквата ЕУ последиците ги видел и македонскиот народ.
Во објавата на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува видеоматеријал на кој се наоѓа министерката за надворешни работи на Латвија, Баиба Браже и пишува:
ЕУ инструира земји од „западен Балкан” (што и да значи тоа), да не присуствувале на парадата во Москва на 9-мај, по повод победата над фашизмот, оти тоа не било согласно европските вредности!
Не можам повеќе да се согласам – ЕУ одамна не ги дели антифашистичките вредности!
Кои се ЕУ вредности? -Понижување на Македонскиот Народ.
Во демаскирањето на оваа манипулација во која намерно се испушта контекстот на пораките што дојдоа од ЕУ, меѓу другото пишува:
Заедничката борба против современите облици на екстремистички и тоталитарни идеологии, вклучително и неонацизмот останува клучен приоритет на ЕУ. Дополнително ЕУ цврсто стои против сите форми на антисемитизам, кој е некомпатибилен со основните вредности и принципи на кои е основана ЕУ. ЕУ и нејзините земји-членки презедоа обемни правни и политички мерки за борба против актите на расизам, расна дискриминација, ксенофобија и поврзана нетолеранција.
ЕУ силно ја осудува политички мотивираната злоупотреба на наративот за антинацизмот и недвосмислено ја отфрла неточната и погрешна употреба на терминот „денацификација“ за да се оправда руската нехумана, сурова и агресивна војна против Украина.
Воедно се потсетува и на апелот од шефот на украинската дипломатија Андриј Сибига, кој ги покани земјите од ЕУ да дојдат на 9 Мај во Киев, како показател на дипломатски мускул за спротивставување на воената парада во Русија истиот ден.
Повеќе може да се прочита во рецензијата на Вистиномер објавена кон средината на април.
***
За сите други информации околу дезинформациите на македонски јазик, поврзани со руската пропаганда, но и стандардните теории на заговор, како и околу дезинфорамциите кои беа регистрирани околу трагедијата во Кочани, а не се ислучува да се пласирани и од надвор, може да се прочита во рубриката Проверка на факти на Вистиномер.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар