Проруски дезинформации за палежот во Одеса во 2014 година
Русија го заграби Крим и испрати агенти како Стрелков да го заграбат и Донбас, што доведе до војна, па кога проруските активисти потегнаа оружје во Одеса, оние украинските се судрија со нив и тоа заврши со кобниот палеж, кој не бил неиспровоциран – како што го опишува оваа објава и тоа не бил „почетокот на војната“ – како што таа тврди
Русија го заграби Крим и испрати агенти како Стрелков да го заграбат и Донбас, што доведе до војна, па кога проруските активисти потегнаа оружје во Одеса, оние украинските се судрија со нив и тоа заврши со кобниот палеж, кој не бил неиспровоциран – како што го опишува оваа објава и тоа не бил „почетокот на војната“ – како што таа тврди
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук, која вели:
Граѓанската војна во Украина започна на 2-ри мај 2014 година во Одеса…
Во Одеса, на 2-ри мај 2014 година се случи страшна трагедија… беа живо запалени и убиени 48 луѓе… Тогаш беше поминат рубиконот, беше означен почетокот на бруталната граѓанска војна во Украина…
Сето тоа што се случува денес е финале на украинската трагедија која започна тогаш во Одеса.
На 2-ри мај во Одеса, поточно на Куликовското поле, дојде до судир на две структури… едната составена од десни национал-шовинистички проукраински групи, а другата од проруски групи кои беа за федерализација на Украина.
Како резултат на бројчаната надмоќ (2000 против 300) и подобрата организираност, плус поддршката од државните структури, проукраинските групи успеаја да ги опкружат проруските групи во Домот на синдикатот, и проукраинските групи го запалија Домот…
На тој начин беа живо запалени и убиени 48 луѓе, меѓу кои и деца, бремена мајка, пензионери…
Објавата е дезинформаторска и пропагандистичка, што детално ќе го аргументираме.
Како започна војната во Украина?
Таа војна не започна со палежот во Одеса на 2.5.2014 г., туку развојот на настаните беше следен. При крајот на февруари 2014 г. Русија изврши агресија врз Крим, кај што на 16.3.2014 г. организираше нелегитимен „референдум“ за одделување од Украина, а потоа испрати свои агенти да спроведат слично сценарио и во Донбас, меѓу кои поистакнати беа Александар Бородај и Игор Гиркин-Стрелков, кој самиот призна дека е лично одговорен за Донбаската војна.
На 7.4.2014 г. беше прогласена т.н. Донечка Народна Република (ДНР), а пет дена подоцна, Стрелков и неговиот паравоен одред го зазеде донбаскиот град Славјанск, врз кого ДНР имаше територијални претензии и така започна таа војна. Дотогаш, украинските власти ја избегнуваа, но тоа заврши на 14.4.2014 г. кога тие ја започнаа својата Антитерористичка операција (АТО).
Дали Донбаската војна беше граѓанска?
Стрелков е од Москва и нема врска со Донбас, но стана министер за одбрана на т.н. ДНР, а неговиот сограѓанин Бородај стана нејзин премиер, па во сето тоа биле вмешани луѓе од Русија, чиј список не завршува со овие двајцата. Во Донбаската војна потајно се вклучуваа и регуларните сили на Русија, па ова личи на странска агресија, а не на граѓанска војна. Но, сепак, во војната учествуваа и жители на Донбас, па можеби е најсоодветно таа да се опише како мешовита.
Предисторија на кобниот 2 мај во Одеса
За да се сфати зошто се случи кобниот 2 мај, најпрвин една предисторија. По Евромајданската револуција во Украина, низ Одеса се случуваа судири меѓу проукраинските мајдановци и проруските антимајдановци. На 3.3.2014 г. антимајдановците се обидоа да ја заземат Одеската обласна администрација, кај што го закачија знамето на Русија, а тие беа коалиција, во која се истакна „Одеската дружина“. Нејзин истакнат член беше Виталиј Будко-Боцман, а ѝ се придружи и познатиот неонацист од Русија, Антон Раевскиј, кој подоцна војуваше против Украина.
Проруски активисти напаѓаа одредени објекти низ Одеса со молотови коктели, а на 25.4.2014 г. и стражарски пункт на полицијата со рачна бомба. На 27.4.2014 г. беше прогласена т.н. Луганска Народна Република (ЛНР), а пред тоа имаше и неуспешно прогласување на Одеска.
Антимајдановците демонстрираа сила низ Одеса со воени униформи, шлемови и палки во рацете, а како собирно место го одбраа плоштадот Куликово поле, кај што поставија шатори и барикади.
Нередите и палежот на 2 мај
Добро истражување на тие кобни настани има направено организацијата на новинари и експерти „2 мај“, која има реализирано и документарен филм и која има собрано сведоштва и од обете страни, па тоа ќе го користиме како извор.
На 2.5.2014 г. во Одеса се одржа фудбалски натпревар, кој привлече многу навивачи, кои тргнаа во Марш за единство на Украина. Ним им се спротивстави „Одеската дружина“ на Боцман, кој дури отвори оган врз марширачите, но стрелаа и некои други. Тогаш паднаа првите жртви – проукраинските активисти Андреј Бирјуков (35) и Игор Иванов (27). Низ градот започнаа нереди.
Веста за загинувањето на двајцата активисти доведе до помасовна мобилизација на нивните истомисленици, па и кај нив тогаш се појави огнено оружје, од кое животот го загубија 5 антимајдановци. Тие беа потиснати, по што мајдановците тргнаа да се пресметаат и со антимајдановците на Куликово поле, кои се засолнија во блискиот Дом на синдикатите. Започна престрелка и фрлање молотови коктели од обете страни, што кулминираше со пожарот во домот.
Никакви „бремени жени“ таму не загинаа, а тоа се должи на погрешно толкување на фотографија од жртвата Ана Вареникина (58), која заради својот изглед изгледала како „бремена“.
И, таму не гинеле мали деца, туку еден 17-годишник, Вадим Папура (од пад од зградата). Лица на пензионерска возраст имало, но тоа не бил некаков геноцид врз немоќни старци, жени и деца – како што сугерира објавата, туку тоа била одмазда (грда и недопустлива, но, сепак, одмазда) врз една политичка група, која работела за агресорот и која дури потегнала оружје.
Однесувањето на украинските власти
Донекаде со право, објавата ги критикува украинските власти за тоа што не го спречиле палежот, но тоа е помалку цинично. Украина ем беше напаѓана, ем беше растурана, ем веќе војуваше, а објавата ѝ замерува за тоа што таа не функционирала беспрекорно како некаква Јапонија. А, што е најиронично, оние кои дозволија тој палеж да се случи се проруски настроени.
Така, полицискиот началник Дмитриј Фучеџи, кој беше задолжен да ги контролира нередите, не стори многу на тој план, а тој не е украински националист, туку беше пристрасен кон антимајдановците и го толерираше нивното дивеење, па дури беше снимен во нивно друштво на кобниот ден, вклучително и со стрелецот Боцман.
На 4.5.2014 г. тие протестираа пред затворот во кој беа 63 нивни соборци и бараа тие да бидат ослободени, што Фучеџи им го исполни, дури и без да има овластувања за тоа. На крај тој се најде во домашен притвор, но успеа да побегне кај Русите. Осуден е во отсуство на 15 години затвор.
Но, ако тој бил проруски настроен, зошто дозволил проруските активисти да настрадаат во палежот? Точен одговор на тоа немаме, но има теории дека Русија сакала да се случи таа трагедија заради оцрнување на Украина, нејзина дестабилизација или сл., но тоа се само теории.
Објавата со право ја осудува и пасивноста на противпожарната служба, за што беше гонет нејзиниот раководител Владимир Боделан, но и тој побегна кај Русите и дури беше осуден во отсуство на 10 години затвор за колаборација со окупаторот. Кај Русите побегна и Боцман.
Објавата е во право за тоа дека никој од проукраинските активисти не бил осуден за палежот, кој во секоја нормална земја би бил третиран како тешко кривично дело, заради што Украина е критикувана од ООН и Советот на Европа. Но, Украина не е во нормална ситуација.
Украина е мета на агресија 12 години и тешко е да суди лица, кои јавноста ги смета за патриоти и бранители, а секој обид за тоа предизвикува протести. Но, од обвинение за нередите беа ослободени и 19 антимајдановци, што покажува дека украинските судови не се толку пристрасни.
Разно
Објавата на крај реди и други инциденти од тој бурен период за Украина, па цитираме:
Исто како и за снајперистите на Мајден, убиството на голем број проруски новинари и дејци, како и нападот врз автобусите со жителите на Крим…
Тука се мисли на 20.2.2014 г., кога во Киев беше во тек Евромајданот и кога повеќе жртви паднаа од снајперски оган. Во таа крајна фаза од Евромајданот, огнено оружје користеше и полицијата и порадикалните демонстранти, но тука се вмеша и трета страна, која стрелаше врз сите други.
Тоа поттикна теории на заговор дека некој најмил снајперисти да стрелаат во сè живо, со цел конфликтот да ескалира и да се оцрни тогашната проруска власт во Украина, но идентитетот на таа трета страна не е јасно утврден. Таа наводно стрелала од хотелот „Украина“.
Тоа не може да се употреби против пост-револуционерната власт во Украина, во смисла дека таа била воспоставена со валкани игри – како што сугерира објавата, башка што постои и украинска теорија на заговор дека тие снајперисти биле од Русија, но ништо од тоа не е докажано.
Судски е утврдено дека радикални опозиционери отвориле оган од киевскиот Конзерваториум врз полицијата, на што без никакво оправдание, таа одговорила со неселективен оган по главно невооружените демонстранти по улиците. Токму од тој оган паднале повеќето жртви.
И, не е дека под таа проруска власт сè било розово и дека некој морал да плаќа снајперисти за да ја оцрнува. Напротив, таа и претходно убиваше, претепуваше или затвораше опозиционери.
Нејзе ѝ помагаше Олег Калашников, организаторот на антимајданските контрапротести, во кои беа принудени да учествуваат административци и студенти или тоа се правело за пари, а тој, наводно, врбувал и т.н. „титушки“, провокатори пуштани против мајдановците за да предизвикуваат тепачки и сл. Тој е еден од тие убиени проруски дејци, кои ги споменува објавата.
Тие убиства се случуваа главно во 2015 г., а без намера да ги амнестираме, мора да се каже која била позадината на убиените, кои не биле баш недолжни жртви на неиспровоцирано насилство.
Меѓу убиените е и новинарот Олес Бузина, кој се залагаше за возобновување на Руската Империја (со Украина под нејзин јарем) и тој се кандидираше за пратеник од партијата Руски блок, која во 2014 г. беше забранета. По руската агресија врз Крим и почетокот на војната во Донбас, таквото делување во Украина веќе беше сметано за предавство и „петоколонаштво“, што е очекувано.
Објавата тенденциозно премолчува детали и за Корсунскиот инцидент од 20.2.2014 г., кога мајдановците нападнаа автобуси кои од Киев патуваа за Крим. Но, во нив не беа обични патници, туку антимајдановци и „титушки“ организирани од власта за контрапротести и тепачки во Киев (во багажниците на автобусите биле најдени палки, ножеви и слични алати за таа работа).
На тој датум, како што рековме, во Киев загинаа голем број на мајдановци, што го објаснува гневот на нивните соборци кон тие антимајдановци во автобусите. Руската пропаганда пласираше дезинформации дека во тој напад врз автобусите „загинале 7 лица, а 20 исчезнале“, но никој таму не загинал, ниту исчезнал. Тепање имало, оштетување на автобуси – исто така, но убиства и исчезнувања – не.
Објавата во најголем дел се состои од невистини и понекои полувистини, но тука има и легитимни критики за отсуството на судска разрешница за палежот, за пасивноста на институциите и сл., па крајната оценка е дека објавата е делумно невистинита.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар