Проруски манипулации околу Денот на победата и Денот на Европа – 9 Мај
Објавата тврди дека ЕУ го слави Денот на Европа за да го засени Денот на победата над нацизмот, но тој ден го одбележуваат повеќе ЕУ-членки, само не на 9 мај (како што наметнувал советскиот режим од пропагандистички причини), туку на 8 мај (кога капитулацијата на нацистите реално стапила на сила).
Објавата тврди дека ЕУ го слави Денот на Европа за да го засени Денот на победата над нацизмот, но тој ден го одбележуваат повеќе ЕУ-членки, само не на 9 мај (како што наметнувал советскиот режим од пропагандистички причини), туку на 8 мај (кога капитулацијата на нацистите реално стапила на сила). За Полска, Балтичките и други земји, СССР бил поробувач, па нормално е да не сакаат да го слават 9 Мај, а Португалија, Шпанија, Шведска и Ирска биле неутрални во војната, па нема резон да го слават. На крајот на краиштата, ЕУ е за обединување, а не враќање кон стари конфликти
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук, која вели (цитираме неповрзани фрагменти):
Лидерите на ЕУ никогаш не ја споменуваат победата над фашизмот на 9-ти мај, а камо ли да ја одбележат
подвигот на ослободителот плански се брише, а на негово место се востоличува концептот на „еднаква одговорност“, каде што агресорот и жртвата, нацистичкиот џелат и советскиот војник, цинично се изедначуваат во правата и вината.
Објавата е манипулативна и се темели врз тоталитарната пропаганда на бившиот СССР, што детално ќе го аргументираме.
Нацистите не капитулирале на 9 мај, туку на 8 мај
Третиот Рајх најпрвин потпишал капитулација во Ремс, Франција на 7.5.1945 г. во 2:41 ч., со назнака дека тоа стапува на сила на 8 мај во 23:01 ч., но Јосиф Сталин не бил задоволен, па тоа го прогласил за „прелиминарно“ потпишување и барал уште едно и попомпезно во Берлин на 8 мај.
Меѓутоа, веста од Ремс „протекла“ во американскиот печат уште на 7 мај, па Хари Труман и Винстон Черчил решиле официјално да ѝ ја соопштат таа вест на јавноста, без да го чекаат потпишувањето во Берлин. Черчил тоа го сторил преку радио и со говор од еден балкон на 8 мај.
Низ Лондон, Париз, Брисел, Њујорк и други места наголемо се славело, а советското радио и печатот молчеле, чекајќи го потпишувањето во Берлин. Тоа било потпишано на 8 мај во 22:43 ч., со назнака дека тоа стапува на сила во 23:01 ч. истиот ден. Во тој момент, по московско време веќе било по полноќ, т.е. 9 мај, па тој датум бил одбран за советскиот празник Ден на победата.
Но, ако некој историски настан се случил во Германија, нема разумно оправдание тој да се одбележува според московско време. На пример, Скопскиот земјотрес се случил на 26.7.1963 г. во 5:17 ч., па дали би било нормално да го одбележуваме според лосанџелеско време?
Се смета дека СССР тоа го сторил од пропагандистички причини, со цел таа победа да ја претстави како чисто советска и колку што е можно да ја дистанцира од западните сојузници, кои славеле на 8 мај, па тој дури го избегнувал поимот Втора светска војна и говорел за Голема татковинска војна.
ЕУ нема никаква обврска да ѝ се прилагодува на таа советска псевдоисторија и да го одбележува 9 мај како Денот на победата над нацизмот, па објавата нема право да замерува за тоа.
Кога и како низ ЕУ се одбележува Денот на победата
ЕУ како колектив не го одбележува Денот на победата, но повеќе нејзини членки тоа го прават индивидуално и на 8 мај, кој некаде е неработен ден (Франција, Чешка и Словачка), а некаде само комеморативен (Полска, Белгија, Германија, Австрија). Данска и Холандија, пак, го одбележуваат 5 мај, што е денот на нивното национално ослободување од нацизмот.
Тоа не се прави со толку помпа и воинственост како во Москва, затоа што ЕУ оди на помирување и обединување, а не на навраќање кон стари конфликти и омрази. Но, во ЕУ членуваат и земји, кои во војната биле неутрални (Португалија, Шпанија, Шведска и Ирска), па нема резон да одбележуваат таков празник, а има уште една причина за тоа зошто некои ЕУ-членки не ја одбележуваат советската победа во Втората светска војна.
За многу европски земји Денот на победата не бил победа
Во ЕУ членуваат и земји, за кои СССР не бил ослободител, па нема што да ја празнуваат неговата победа. На 23.8.1939 г. Москва и нацистите го потпишале Пактот Молотов-Рибентроп, согласно кој ја поделиле Полска, по што СССР го извршил масакрот на полските заробеници во Катин.
Москва со нацистите одржувала заеднички воени паради и конференции на германската тајна полиција Гестапо и советската НКВД, а кај Мурманск во Русија проработела германска морнаричка база. Москва му екстрадирала на Хитлер германски антифашисти како Маргарета Бубер-Нојман.
СССР тогаш извршил агресија и анексија на Литванија, Латвија, Естонија и дел од Финска и Романија. Притоа биле репресирани и депортирани во Сибир мајката, бабата и прабабата на еден од лидерите на ЕУ, Каја Калас.
СССР се судрил со нацистите дури откако тие го нападнале на 22.6.1941 г., а по победата над нив, низ Источна Европа тој воспоставил марионетски и репресивни режими, при што нацистичките логори како Саксенхаузен и Бухенвалд ги пренаменил во сталинистички.
Фашизмот и нацизмот се слични, но не исти
На Сталин му било непријатно тоа што и Адолф Хитлер се претставувал како социјалист (поточно национал-социјалист), што укажувало на сличности меѓу тие тоталитарни режими, па затоа СССР ги завикал нацистите – фашисти, што е погрешно, а што го прави и објавата. Тука говориме за Ден на победата над нацизмот, а не над фашизмот, кој бил поразен нешто порано во Италија.
Денот на Европа не е измислен за да се засени Денот на победата
Во врска со Денот на Европа, објавата вели:
Европските лидери во 1985 година го избраа и прогласија токму 9-ти мај како Ден на Европа(?!) сакајќи да го прекријат славењето на Денот на победата над фашизмот и да го избришат неговото значење.
Денот на Европа официјално беше усвоен и прогласен од страна на европските лидери на самитот во Милано на 29 јуни 1985 година. Произволно го избраа токму 9 -ти мај за да се одбележи годишнината од Шумановата декларација од 1950 година, кога францускиот министер за надворешни работи Роберт Шуман го претстави својот предлог за создавање на организирана Европа како предуслов за одржување на мирот.
Тука објавата веќе си противречи сама на себеси. Таа тврди дека 9 мај бил избран како датум за Денот на Европа за да се засени советскиот 9 мај, потоа вели дека тој датум бил одбран „произволно“, т.е. без некоја смисла, а најпосле признава дека тоа имало смисла – на тој ден во 1950 г. била донесена декларацијата на Роберт Шуман, со која била удрени темелите на ЕУ.
Но, зошто тој ја објавил на 9 мај? Следниот ден требало да се одржи состанок на САД, Британија и Франција, од која се барало да осмисли план за тоа како да избегне идни судири со Германија и како да соработува со неа. Никаква врска тоа немало со обид за засенување на советскиот 9 мај.
ЕУ не помага некаков нацистички режим во Украина
Објавата го вели и следново:
Во пресрет на 9 – ти мај кога во Москва традиционално се одбележува Денот на победата над фашизмот а светот го очекува важниот говор на рускиот претседател Владимир Путин, ЕУ која ја поддржува, одржува и финансира војната на укронацистичкиот режим на Володомир Зеленски против Русија
Пропагирањето на нацистичката идеологија во Украина е забрането со закон, донесен на 9.4.2015 г., а нејзиниот претседател Володимир Зеленски е Евреин, чии роднини биле убиени од страна на нацистите, против кои како советски војник се борел неговиот дедо Семјон Зеленски. Во Украина има некои неонацистички групи, но тие се маргинални и за тоа веќе сме пишувале.
Заканите за нападот врз Парадата немаат врска со нацизам
Објавата го вели и следново:
Молкот на ЕУ во врска со заканите за напад на централниот плоштад во Москва на 9 -ти мај во текот на парадата е сосема јасен, бидејќи е соодветен на долгогодишните напори на ЕУ да го анулира и обезвредни одбележувањето на Денот на победата над фашизмот
Објавата се исчудува зошто ЕУ молчела, но руските политичари веќе одамна ѝ се закануваат со нуклеарна војна. Така, претседателот на руската Дума (собрание), Вјачеслав Володин, заканувачки изјави дека руската ракета Сармат може да долета до Стразбур, кај што заседава Европскиот парламент, за 3 минути и 20 секунди. Но, објавата нè убедува дека Русија е недолжна жртва на закани, а таа 12 години врши агресија и воени злосторства во Украина (види: тука, тука и тука).
Прашање е и дали тие изјави на Зеленски за парадата беа закани, психолошки игри, црн хумор или нешто друго. Тој никогаш не рече: „Ќе ја нападнеме парадата“, туку нешто како: „Можеби таму ќе учествуваат и наши дронови“ или „Не гарантираме безбедност за странските гости на парадата, затоа што Русија може да предизвика експлозии и пожари за да нè обвини нас“, што е изразување загриженост, а не закана.
Но, добро, тука имаше по нешто што личеше на закана, што на објавата ѝ дава мала доза на вистина. Но, тие замислени напади немаа врска со некакво „обезвреднување на борбата против фашизмот“, туку тоа е просто реакција на руската агресија.
Балканот
Објавата се осврнува и на Балканот, па вели:
во Хрватска со децении тече процесот на притаена рехабилитација на усташкиот режим, кој западните институции претпочитаат „да не го забележуваат“ заради зачувување на политичката лојалност на Загреб.
Таму е присутно некакво нео-усташтво (особено меѓу фановите на музичарот Марко Перковиќ-Томсон), но проблемот е во одредени групации во таа држава, а не во државата како таква.
Уставот на Хрватска е демократски и плуралистички, па дури ги споменува Србите, Ромите и Евреите и се повикува на Земското антифашистичко собрание на народното ослободување на Хрватска од 1943 г., а 22 јуни (создавањето на партизанскиот одред од Сисак во 1941 г.) таму се празнува како Ден на антифашистичката борба. Ова не ни личи на „нацистичка и усташка држава“.
Ширењето на омраза таму се гони, само што тоа се прави невооедначено, а има и релативизирање од страна на некои политичари (примери: тука и тука) и нерешителност за судир со националистите, кои важат за патриоти, бранители и сл. Сепак, Хрватска мина низ крвава војна за независност во 1990-тите, во која српските сили го срамнија Вуковар и сл., па тука има трауми. Проблеми во Хрватска има, тоа не е „нацистичка држава“, а како што сме пишувале, ни една ЕУ-членка не исполнува такви критериуми.
Но, кога тие екстремисти од Хрватска се собираат на комеморација во историското место Блајбург во Австрија, тамошните власти ги приведуваат и казнуваат за пропагирање на усташтво (види: тука и тука), па не е дека во ЕУ тоа се толерира. Особено Австрија и Германија се строги на тој план.
9 Мај не е општоприфатен празник, туку само комунистички
Тоа бил празник само во СССР и социјалистичките земји под негово влијание. Така празникот го зела и Југославија, која го задржала и по раскинот со СССР во 1948 г. Заради тоа, кај некои наши граѓани се врежало дека тој празник е нешто свето. Но, дури ни СССР не бил доследен кон тој празник.
Додека ја осудува ЕУ за тоа што го „заборавила празникот“, објавата премолчува дека СССР го понижил тој празник со тоа што во 1947 г. го укинал како неработен ден заради „потребата од обнова на земјата“.
Всушност, Сталин забележал дека тој празник повеќе личел на ден на жалост за милионските жртви, за кои тој самиот придонел со своето лошо и сурово раководење. Тука се собирале вдовици во црнина и воени инвалиди без раце и нозе, кои питачеле за леб, а Сталин дури почнал да се плаши од ветераните, кои можеле да се свртат против него, особено од маршалот Георгиј Жуков.
9 мај бил работен ден во СССР до 1965 г. и тогаш биле воведени парадите на тој ден, кои немаат толку долга традиција како што се мисли. Многу граѓани не го сакале советскиот режим и неговите паради за 1 мај и Октомвриската револуција, кои биле далечни историски настани, а 9 мај бил попривлечен, зашто секој имал загубено некого во таа војна, па така власта можела да ги задоволи и контролира граѓаните.
Тоа што СССР ги вовел тие паради во 1965 г. можеби ја инспирирало и Југославија да го стори тоа во истата година. Иако Југославија била неврзана, сепак, тој празник не го отфрлила, само што парадите ги одржувала на секои 5 години и тој ден не го прогласила за неработен.
Комунистичките владетели како Јосип Броз-Тито биле од генерацијата која ја проживеала војната, па затоа тоа толку нагласено го празнувале. Тоа им служело и за да си дадат легитимитет и за да си градат култ на личноста, во смисла дека тие се херои, ослободители и сл. Нешто од нивните тврдења можеби држело, но тука имало и безброј манипулации.
Комунистите создале впечаток дека тие имаат монопол над антифашизмот, но заради послушноста кон Москва и Пактот Молотов-Рибентроп, комунистите низ светот тогаш го оправдувале Хитлер, против кого се свртеле дури по неговиот напад врз СССР на 22.6.1941 г..
Полска, Британија и Франција војувале против Хитлер уште од 1939 г., а како што веќе раскажавме, СССР тогаш му бил сојузник на Хитлер, па за да го затскрие тоа, СССР го измислил поимот Голема татковинска војна, што создавало искривен впечаток дека војната почнала во 1941 г.
И, комунистичките режими го премолчувале тоа што некои од најсилните движења на отпорот биле некомунистички како полската Армија крајова, чии припадници биле гонети во повоена комунистичка Полска, која го славела второстепеното движење Гвардија лудова.
Како што гледаме во Русија под Владимир Путин, кој е носталгичар по СССР и комунизмот, тој празник веќе станал култ на граница на религија, кого критичарите го нарекуваат „Победобесие“, при што се промовира милитаризам и се повторуваат пропагандистичките клишеа на СССР.
Комунизмот веќе го нема и ЕУ нема обврска да се повинува на тие негови култови и митови, башка што имало и смена на генерации, а и многу други промени, па се појавиле и некои нови празници како Денот на Европа. ЕУ оди на помирување, обединување и толеранција, а милитаризмот го смета за неумесен.
Ние еднаш пишувавме за тоа како развиените европски земји одржуваат комеморации за воени настани, а тоа се прави тивко, достоинствено, со изразување жалење за сите недолжни жртви, понекогаш и со учество на земји, кои порано војувале меѓу себе, но без провокативни и воинствени говори.
Тоа е она за што се залага ЕУ, а не за „рехабилитација на наци-фашизмот“ – како што тврди објавата.
Заклучок
На крај заклучуваме дека објавата воглавно се состои од манипулации, но заради малата доза на вистина во неа ја оценуваме како делумно невистинита.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар