Просечната плата не достигна 30.000 денари

Фото: Принтскрин

Гарантираме повисоки плати. Просечна плата до 30.000 денари. Во семејство со двајца вработени, тоа се 1.000 евра. Ќе има и за храна, и за сметки, и за одмор.

[Извор: Изборна програма на СДСМ (2016) „План за живот во Македонија“ (стр.3) , датум: декември 2016]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

СДСМ не го исполни ветувањето за просечна плата од 30.000 денари. Ова е првото од петте клучни ветувања кои ги дадоа социјалдемократите во „Планот за живот во Македонија“(стр.3), изборната програма со која ја бараа довербата од граѓаните во 2016 година.

Ова го ветуваше и лидерот на СДСМ, Зоран Заев од партиските митинзи на кои „гарантираше дека  просечната плата ќе биде 500 евра“ , доколку СДСМ ја добие довребата на предвремените парламентарни избори.

Слушнте ме, држете ме за збор, просечната плата во Македонија ќе биде 30.000 денари (од 0,14 до ,20 минута од видеото) – порача Заев  на 29.11.2016 година од митингот во Кавадарци.

Истата порака тој ја испрати и од митингот во Берово. А за тоа говореше и во периодот по изборите, кога на трибини и тркалезни маси ја презентираше програмата на идната влада предводена од СДСМ, притоа  достигнувањето просечна плата од 30.000 денари го маркираше како приоритетна задача:

30 илјади денари просечна плата е еден од врвните приоритети во програмата на новата Влада на Република Македонија. Јас сум убеден дека таа цел е достижна и се надевам дека во текот на идниот мандат на владата ќе биде достижна, не за идниот премиер, идното владино мнозинство, да се фалат за тоа. Туку да се фалат граѓаните. Да го почувствува секој во своето семејство, како просечно примање од 30 илјади денари, во Република Македонија – изјави Заев на 10.03.2017 година.

Ветувањето за просечна плата од 30.000 денари беше дел и од Програмата за работа на Владата ( стр.4) предводена од СДСМ, избрана на 31 мај 2017 година.

Сепак, досега (07.07.2020) ова не се случи. Според последните податоци објавени од Заводот за статистика, висината на просечната плата  по вработен е 25.830 денари.

Па, имајќи го предвид сето ова, клучното ветување на СДСМ за просечна плата од 30.000 денари  го оценуваме како неисполнето.

 

ИЗВОРИ:

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција