Проширена е улицата „Борис Сарафов“ во Општина Ѓорче Петров
Проект: Проширување на улица „4 Јули “.
Опис на проектот: Проширување на булеварот „4 Јули“ и решавање на имотно-правните проблеми во соработка со Општина Ѓорче Петров. (Рок: 2016-2017 година)
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Проектот за проширување на улицата „4 Јули“ во Ѓорче Петров, или „Борис Сарафов“ како што е преименувана, е исполнето ветување на градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски. Овој проект е дел од предизборната програма на ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори 2013-2017 година, насловена како „Нови дела за нов напредок, нови дела за подобро Скопје!“ (стр.57).
Проширувањето на улицата, како што беше објавено во дел од медиумите, почна на 20.06.2016 година.
Улицата „Борис Сарафов“ во општина Ѓорче Петров од тесно сообраќајно грло ќе стане широка сообраќајница. Вчера почнаа градежните работи за проширување на оваа општинска улица на што ќе работат екипи на ЈП „Улици и патишта“, јави Утрински весник.
За таа цел, како што објави сајтот Скопје инфо на 22.06.2016 година, било договорено да се урнат два објекти.
Поранешната фабрика „4ти јули“, односно два објекти од нејзиниот комплекс ќе бидат урнати, за да се прошири улицата „Борис Сарафов“ во скопската населба Ѓорче Петров. По долги преговори постигнат е договор со сопствениците не земјиштето и објектите, за да се урнат објектите кои се наоѓаат на предвидената траса на улицата која во моментов се реконструира.
Веста за проширувањето на улицата „Борис Сарафов“ беше објавена и на официјалниот сајт на Град Скопје.
Екипите на Градот Скопје и на ЈП „Улици и патишта“ денеска /21.06.2016 година/ го почнаа проектот за дооформување на улицата Борис Сарафов во општината Ѓорче Петров, односно за отстранување на тесното сообраќајно грло на оваа сообраќајница. Почетокот на градежните работи го означија градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Сокол Митровски и претседателот на Советот на Град Скопје, Ирена Мишева.
При проверката на ова ветување „Вистиномер“ се обрати во Град Скопје и оттаму нè информираа дека проширувањето (пробивањето) на улицата „Борис Сарафов“ започнало и завршило во текот на 2016 година.
Овој проект е нотиран и во Отчетот на градоначалникот Коце Трајановски за реализираните проекти во сите општини во 2016 година.
Во општина Ѓорче Петров во 2016 година заврши пробивањето на бул. Партизански одреди од кружниот тек кај Порта Влае до кружниот тек кај црквата „Свети Петар и Павле“, со што овој булевар е изграден во целата негова предвидена должина. Во 2016 година се прошири и проби улицата Борис Сарафов, како и дел од улицата Ѓорче Петров.
Имајќи го предвид сето ова, може да се заклучи дека ветувањето на Трајановски за проширување на улицата „4 Јули“ во Ѓорче Петров, или „Борис Сарафов“ како што е преименувана, е исполнето.
ИЗВОРИ:
- Предизборна програма на ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори 2013-2017 година – „Нови дела за нов напредок, нови дела за подобро Скопје!“ (стр.57) [Пристапено на 21.06.2017]
- Тајм.мк (21.06.2016) – Се проширува улицата „Борис Сарафов“ [Пристапено на 21.06.2017]
- Утрински весник (21.06.2016) – Се проширува улицата „Борис Сарафов“ [Пристапено на 21.06.2017]
- Скопје инфо (22.06.2016) – За целите на проширување на „Борис Сарафов“ ќе се урнат два објекти [Пристапено на 21.06.2017]
- Официјален сајт на Град Скопје (21.06.2016) – Почна дооформувањето на улицата Борис Сарафов [Пристапено на 21.06.2017]
- Официјален сајт на ВМРО-ДПМНЕ (24.01.2017) – Реализирани капитални проекти во сите општини- еве што ќе се гради во 2017 [Пристапено на 21.06.2017]
Оцени: Ана Анастасовска
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар